ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
10.03.2022
Истражување – 95 % од учениците биле сведоци на насилство
Автор: Goce Author

Поразителни податоци покажа истражувањето на Аналитика тинк тенк за насилството во училиштата – само 5 проценти од анкетираните ученици кажале дека не биле сведоци на насилство.

Бројките од истражувањето се поразителни – 63 проценти од учениците истакнуваат дека насилството често се случува, а само 20 отсто рекле дека тоа се случува ретко.

Аналитика тинк тенк го спроведе истражување со 305 ученици од скопските средни училишта „Здравко Цветковски“, „Зефљуш Марку“ и „Шаип Јусуф“ во рамки на проектот поддржан од канадската Амбасада – „Промовирање на култура на мир и спречување на насилство како основни вредности во образовниот систем во Република Северна Македонија“.

Во истражувањето беа вклучени ученици од средните училишта кои се од мешан етнички состав, од различни етнички заедници, кои и покрај тоа што се образуваат заедно, со самата желба да учествуваат во прашалникот демонстрираат желба дека сакаат да бидат вклучени во решавање на проблемот, а тоа е насилно однесување кај децата и негова превенција, изјави за МИА Бојана Мијовиќ Христовска од Аналитика Тинк Тенк на презентацијата на резултатите од истражувањето.

Таа додава дека само пет проценти од учениците кажале дека не биле сведоци на насилство.

Она што е многу важно е дека 70 проценти од учениците истакнуваат дека и покрај тоа што биле сведоци на насилство не го пријавиле од бројни причини меѓу кои најважни се таа дека не знаат на кого да пријават и стравот дека ако пријават ќе бидат следната жртва на насилство, посочува Мијовиќ Христовска.

Исто така, 83 проценти од учениците истакнале дека девојчињата се повеќе жртви на родово базирано насилство.

Најприсутно физичкото насилство – обичните навреди прераснуваат во физичко насилство

Учениците истакнуваат дека најприсутно е физичкото насилство, односно 60 проценти кажуваат дека од обични навреди тоа прераснува во физичко насилство, додека 40 проценти истакнале дека се среќаваат и со психичко и со сајбер насилство. Причините за случување, како што посочува Мијовиќ Христовска, се исти, но манифестацијата е различна. Заради тоа, вели таа, потребни се вакви истражувања кои ќе им дадат информации на наставниците и стручните служби – педагошко-психолошката служба, како да делуваат, како да препознаат и кои алатки да ги употребат, затоа што не секое насилство бара исти мерки за адресирање на истото.

Извештај на „Меѓаши“Децата најзагрозени во семејните односи

Целта на истражувањето била да се утврдат видовите насилство на кои се изложени учениците во средните училишта, нивната фреквенција, како и перцепцијата за формите на насилно однесување од училишни врсници во однос на полот.

Беше идентификувана и улогата на наставниците во превенцијата и делувањето во случај на насилно однесување во училиштата, но и на останатите чинители во образовниот систем, како што се психолошко-педагошката служба, надлежните институции и родителите. Главната цел на проектот беше креирање култура на мир и почитување, како и зајакнување на демократските вредности во образовниот систем во Република Северна Македонија, соопшти организаторот.

„Штип УГД“ во одбрана на Куп титулата
Објавен Конкурсот за упис во средните училишта