ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
12.04.2024
Истражување: Најмала доверба има обвинителството и судството – најголема армијата на Македонија
Автор: Goce Author

Граѓаните најголема доверба од 44 отсто имаат во Армијата, потоа следат религиските институции со 35 отсто, полицијата со 28 отсто, па претседателот на државата со 24 отсто. Владата традиционално е на средина на рангирањето со доверба од 18 отсто, а најниска доверба имаат Собранието со 12 отсто и Обвинителството и судството со по 9 отсто, покажуваат резултатите од истражувањето „Еврометар 2024“ што го спроведе Центарот за европски стратегии – Евротинк.

Анкетата е спроведена телефонски од агенцијата „Брима“ врз репрезентативен примерок од 1.001 испитаник во периодот од 31 јануари до 14 февруари годинава со маргина на грешка од 3,1 проценти во рамките на истражувањето „Перцепции и ставови на граѓаните за работата на полицијата во февруари 2024 година“.

Фото: Миа.мк

-Во ова мерење има мал раст на довербата во полицијата која е институција во фокусот на овој проект. Традиционално Армијата и религиозните заедници се наоѓаат на првите две места, а полицијата на четврто, но овој пат е на трето место. Потоа следат претседателот на државата, невладините организации  и безбедносно разузнавачки институции. Владата е некаде на средина со 18 проценти доверба, ДКСК и народниот правобранител се со доверба од 15 и 13 отсто и на дното се Собранието, судството и Обвинителството. Има мало враќање на довербата кај Обвинителството и судството кои претходно имаа доверба од 7, односно 6 отсто, рече Александар Стојановски од Евротинк на денешната средба со новинарите.

Нагласи дека во мерењето има доминантно изразена недоверба освен кај првите две институции. Кај полицијата има генерално подобрување на перцепцијата на испитаниците освен во делот на работата на управните служби за издавање на лични документи.

-Кај полицијата највисоко оценет аспект е професионалноста со 31 отсто, а најниско оценет – независноста на таа институција од партиски, владини и бизнис интереси со 12 отсто. Доминираат негативни ставови во мерењето за оваа година што е слично со претходните мерења што сме ги правеле, посочи Стојановски.

На прашањето дали граѓаните веруваат дека полицијата ќе ги заштити доколку нивната безбедност е загрозена, како што кажа, одговорите се речиси исти со претходните мерења и додаде дека поголем дел од нив сметаат дека ќе ги заштити. Една петина од испитаниците имала некаков контакт со полицијата и во најголем дел граѓаните сами побарале контакт со полицијата. Од оние што имале контакт со полицијата голем дел имале потреба да пријават настан во внатрешната контрола. Расте и свесноста за надворешна контрола на работата на полицијата.

(Видео) Жртва од Јавна Соба: И после три години се чувствувам злоупотребено и незаштитено
Како функционираат онлајн шопинг измамите: Ви продаваат погрешен производ, а потоа ве блокираат