ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
24.10.2025
Истражување на Павле Апостолоски од УГД може да спаси човечки животи

Докторска дисертација на Павле Апостолоски, лаборант на Факултетот за медицински науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ може да спаси човечки животи. Испитувања и анализи на материјали и легури кои се употребуваат при дентални и протетски интервенции, доведоа до сознанија дека дел од составот на тие легури, користени за изработка на коронки, импланти, во одредени услови се распаѓаат.

Сознанието, преведено на едноставен јазик, е дека не само што тоа распаѓање може да доведе до проблем на самите импланти и коронки, туку дека може да доведе до интоксикација, труење на организмот и сериозни последици по здравјето на граѓаните.

Павле Апостолоски, докторанд на УГД

Ова истражување, објавено во репозиториумот на УГД, доаѓа, меѓу другото до Регулаторна комисија за продукти во Англија, и предизвикува инцијативи за запирање на употреба на тие штетни материјали.

Како започна се, говори Павле Апостолоски, лаборант на Факултетот за медицински науки при УГД, кој истражувањата ги работел под менторство на проф. Д-р Рубин Гулабоски.

Идејата ни дојде од еден колега, бивш студент на УГД, кој моментално работи во Германија каде има сопствена лабораторија, се занимава со изработка на телескоп систем коронки. Менторот најпрво предложи, вели, Павле, ако сакаш да работиш со мене, мора да имаш нешто што е метална конструкција во усната празнина, и Благој Давитков, нашиот поранешен студент пријави проблем на пребојување на внатрешните телескопи, и со време губење на фрикцијата кај одредени пациенти, не кај сите.

      Тоа го истраживме преку интернет, зошто се случува, не добивме никаков одговор, за да на крај со испитувањата кои ги спроведовме заклучивме дека тоа е реално активност на одреден метал во легурата од која се изработени тие телескоп системи, и доаѓа до последици не само интоксикација што е многу поголема последица, туку и губење на фрикцијата на протетската изработка.

Павле Апостолоски: Идејата дојде од поранешен студент на УГД

Металот во легурата кој се распаѓал под влијание на лекови, агенси кои се користат во денталната медицина, бил кобалтот. Распаѓањето може да предизвика сериозни последици по здравјето на пациентите, потврдуваат и Павле Апостоловски, но и професорот Рубин Гулабоски.

Интервенцијата нема да го даде резултатот, со време вештачките заби нема да стојат како што треба, нема да бидат цврсти, но поопасно е дека може да дојде до труење во организмот.

Со интоксикацијата се јавуваат проблеми со нервниот систем, бубрезите, црниот дроб, тоа е континуирано труење на организмот со тие метални јони од кобалт.

(Видео) Д-р. Марија Димитровска – Колку студентите се вклучени во научни истражувања?

Како е дојдено до сознанијата кои предизвикаа интерес и кај производителите кои ги користат легурите, но и кај корисниците на имплантите?

Се работеше на една интердисциплинарна студија, каде што беше студирана една легура по состав кобалт хром молибден, со повеќе техники, меѓу кои беа применети електрохемиската и микроскопската техника – вели Павле Апостолоски.

Резултатите покажале дека кобалтот, дел од легурата се распаѓа и може да е опасен за човековото здравје

Испитувањата беа спроведени ин витро, со помош на електрохемиска анализа каде што оваа легура беше поставена во вештачка плунка во која се додаваше комбинација од лекови, разни агенси кои се користат во денталната медицина. Изненадувачки е тоа што, иако производителите тврдеа дека таа е екстремно стабилна легура, со електрохемиските анализи дојдовме до сознание дека сепак има некоја активност на денталниот биоматеријал, а тоа беше иницијација да продолжиме понатаму со работа , и од оваа докторска дисертација произлегоа 4 механизми на распаѓање на денталните материјали, со што заклучивме дека има активност. Но потоа ни беше потребна дополнителна анализа, каде што требаше да утврдиме кој од металите во легурата се распаѓаат, па за таа цел ја применивме и скенмикроскопијата, која ни беше достапна на нашиот универзитет.

Резултатите кои ги добивме, на почетокот беа запрепастувачки, бидејќи тоа водеше дека дел од металот кобалт, кој е составен дел од легурата, при одредени агенси или медикаменти има способност да се раствара, а тоа би значело дека следно што ќе се случува е интоксикација во човековиот организам.

Проф. Гулабоски објаснува како се вршени експериментите.

Од референтен материјал, од легурата оригинална , Павле прави една работна електрода. На почетокот ја тестираме нејзината стабилност во вештачка плунка. Експериментот се состои во тоа што нанесуваме потенцијална разлика, некој  потенцијал на електродата и гледаме, преку циклизации таканаречени со текот на времето дали постојат промени во овие криви.

Регулаторна комисија за продукти во Англија ги повторила опитите и добила речиси исти резултати

Корисноста на овие научни сознанија се гледа во тоа што може да им помогне на многу пациенти кои мораат да ги користат имплантите кои ја содржат таа легура. Освен во денталната медицина, оваа легура се користи и во ортопедијата, односно во вметнувањето на вештачки колкови изработени од овој материјал, и затоа тој треба да биде веќе неупотреблив бидејќи постојат посовремени материјали како на пример титаниумот, и на некој начин е постабилен во однос на легурите од кои се изработени тие вештачки колкови, шини, шрафови што се употребуваат во трауматската хирургија.

Научниците од Македонија во рекорден број на листата на Стенфорд

Видливоста на УГД преку објавувањето на научните трудови во репозиториумот се потврдува со реакцијата која ја имаат производителите на таа легура, како и на Регулаторна комисија во Англија.

Ние уште пред половина година одлучивме сите овие информации да ги објавиме во репозиториумот на УГД, за да може секој што се занимава со наука слободно да ги преземе и тоа повторно да го повтори како експеримент. Со луѓето со кои соработувавме, значи беше поголем тим на професори од Србија, од Хрватска и Германија… Најпрво информацијата стигна до производителите на таа легура, кои тоа го направиле, но не го објавиле, за да потоа преку некои канали односно на нас ни е познати како, дошло и до Регулаторната комисија за продукти на Англија. Тие многу брзо го направиле тоа испитување , ги повториле нашите опити, а резултатите кои ги добиле биле скоро исти  како нашите. Добивме практично потврда на повисоко ниво, своевидна проверка – вели Апостолоски.

 

Проф. д-р Рубин Гулабоски

Испитуваната легура се користи во денталната протетика, но и во ортопедијата преку импланти

Рубин Гулабоски истакнува дека резултатите од истражувањата на УГД се извонредно корисни за сите.

Оваа работа е започната пред некои три години, првите, иницијалните резултати датираат од октомври 2023 , и не само со оваа техника, туку и со други микроскопски техники, во кои што резултатите се премногу корисни и за производителите, да знаат на што да се фокусираат, да знаат дека овој тип на легури не се инертни како што би требало да бидат, меѓутоа и за лекарите од салата кои треба да знаат со какви хемикалии треба да работат кога има присуство на вакви легури.

Нашите трудови се порано објавени.  Павле докторатот целиот, целокупниот, со сите  резултати го има објавувано јавно на нашиот репозиториум на 1 септември. Извештајот од англиската регулаторна агенција е објавен на 4 септември. Ако беше обратно, некој ќе кажел, па вие намерно сте ги гледале овие ефекти. Сте знаеле дека постојат, и лесно ти е тоа. Не. Пред две години се овие видени.

(Increased risks identified with Profemur cobalt chrome modular neck hip replacements – GOV.UK )

Ефектот кој го предизвика откритието на докторската дисертација на Павле Апостоловски е голем, но според него, допрва треба да има нови позитивни ефекти за здравјето на луѓето. Ова е една една иницијација , се испитуваваше одреден тип на медикаменти и хемиски супстанци што се употребуваат во денталната медицина, но отворени е поле за наука, каде што сега може голем дел од докторантите и научниците да испитуваат и други видови на хемиски супстанци, медикаменти, услови, пх вредност, како влијае на распаѓањето на овие дентални материјали. Ова е само отворање на еден сегмент, понатаму ова ќе добие уште поголемо значење.

Апостолоски: Резултатите допрва треба да дадат позитивни ефекти по здравјето на луѓето

Ова е наука која е цело време испреплетена со производителите и со корисниците на овие материјали, но на некој начин и со лицата кои што се директни посредници помеѓу производителите и пациентите.

Ние не смееме да кажуваме имиња на комерцијални на легура, имиња комерцијални на фирмите, затоа што тоа се големи, огромни корпорации . Се надеваме дека не се сеуште такви импланти и легури дојдени во Македонија. Меѓутоа ова е секундарна техника на докажување, првенствено тие својства се докажуваат со Scaning electron microscopy, кои ги имаме два од најсовремен тип на нашиот универзитет. Јас неколку пати имам кажувано , ние имаме се овдека, ние не знаеме колку многу имаме. Проблемот е кај нас што многу малку млади деца имаме заинтересирани да влезат во овој свет.

Колку е значајна опремата која ја има на УГД, потврдува и Апостолоски.

УГД располага со опрема, има и опрема, која не е толку многу скапа и за да се спроведат овие опити во електрохемиска лабораторија чини некаде околу 5000 евра. Но од друга страна , скенмикроскопијата е нешто што е исклучително скапо, моќна техника каде што дава увид во елементарниот состав на материјалот, а таа опрема ја имаме достапна на УГД, благодарение на таа опрема успеавме да го реализираме ова истражување. Што значи едната техника е исклучително ефтина и брза, а другата е исклучително скапа, но дава многу прецизни податоци.

Лолита Спирова: Исхраната не е тренд, зад неа стои стручен и научно поткрепен пристап
Кочани ќе одбележи една година од големата трагедија