ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
21.11.2022
Истражување: Образованието во Македонија е дел од проблемот и дел од решението за иселувањето

Гоце.мк заедно со УГД ФМ спроведоа онлајн анкета за иселувањето на младите и колку образованието е причина за некој млад човек да се одлучи да ја напушти државата. Резултатите од анкетата ги споредивме и со резултати од слични академски лонгитудинални истражувања. Двете истражувања покажуваат дека огромен дел од младите или веќе се иселиле или сакаат да се иселат. Со цел да дојдеме до одговори за причините за иселувањето анкетата на Гоце.мк и УГД ФМ таргетираше и веќе иселени луѓе.
Само 25% од анкетираните одговориле дека не се иселиле, а само 5.2% дека не планираат, останатите или се иселиле или планираат.

46% планираат да се иселат, а 23% од анкетираните се веќе иселени

Преслушајте го целото истражување:

Близу 24% се иселиле или ќе се иселат поради образовниот систем?

И во анкетата на гоце.мк и во академските истражувања се посочува дека нефункционалниот систем и економијата се најголемите причини за иселувањето. Но она што е интересно во нашата анкета е дека 23.4% од младите се иселиле или ќе се иселат поради образование.

„Партиски вработувања…општ хаос…ужасно здравство…лошо образование…“

Во анкетата, од нашата публика, побаравме да објаснат проблем со кој се соочиле поради кој им дошла идејата да се иселат. Добивме навистина интересни човечки искуства.

Го завршив факултетот навреме, дипломирав со десетка и потоа само гледав како сите си се “наместија” на работа,  а за мене(немам врски) немаше слободно место. Да не спомнувам дека се вработија луѓе кои имаа пишано квадрат на  факс. Тоа е само еден од многуте фактори.

Екстремно лошо образование за моето дете, непостоечки здравствен систем, премали плати, шефови и газди без  интелигенција и образование. Корупција до срж.

Дали образованието може да е проблем за иселувањето?

Кога прашавме како образованието е проблем за нивното иселување или за нивната желба да се иселат, нашите читатели и слушатели споделија навистина интересни искуства.

 

Зашто анкетата е за образование, ќе го опишам тој аспект кој придонесе во одлуката за иселување: Образованието  во мојата струка е застанато неколку децении позади актуелните случувања и светските трендови во струката.  Тоа го почувствував кога ги започнав студиите на факултетот каде што сум и сфатив дека всушност не знам  клучни аспекти коишто би очекувала да се централен аспект на програмата којашто ја учев во Македонија. На тој  фалултет каде што дипломирав и магистрирав во Македонија има професори коишто немаат соодветни  квалификации. Најголем дел од професорите предаваат со магистратура. Факултетот е “фамилијарен” на одредени  индивидуи во струката- непотизмот никогаш не бил предизвикан како практика којашто сѐ уште се применува. 

 

Ова е само еден од многуте коментари и искуства кои ги споделија нашите читатели. Голем дел од нив посочија дека образовниот систем во целост е проблем и причина за нивното иселување од државата. Во следното прашање 53% од анкетираните одговориле дека се соочиле со некаков проблем во текот на нивото образование.

Морав да учам француски наместо германски оти професорката не смееше да остане без работа!

Од оние кои се соочиле со проблем во текот на образованието побаравме тој проблем да го споделат со нас. Примерите не е гарантирано дека се вистинити, но ги има многу. Дел од нив ќе споделиме овде:

 

Проблематична наставничка по математика на која генерации ништо не и можат, а некој од „горе“ ја чува под своја закрила.

Професорот по еден од предметите секогаш ги пушташе машките на прво полагање, додека ние женските моравме и по 4 пати да полагаме. И покрај сите жалби и поплаки добивме одговор – епа таков е професорот, малку ексцентричен.

Во петто одделение требаше да бираме дали сакаме да учиме германски или француски јазик. Цела генерација гласаше да се учи германски. На првиот ден сфативме деке ќе учиме француски затоа што наставничката е партиски вработена и не смее да остане без работа. Сега живеам во Германија и уште сум бесна за наметнатиот француски.

Изживување со учениците (меѓу кои спаѓам и јас) во средно училиште од страна на искомплексирана професорка, која преку вербални навреди, омаловажување, земање на точни одговори за грешни на тест, имаше огромно влијание врз психата на учениците и нивната желба за учење и воопшто одење на училиште.

факултет: црвен потпис во индекс бидејќи не сакав да купам книга од професорката, која книга веќе ја имав од сестра ми запишана пред една година

 

Дел од овие предизвици и проблеми со кој се соочува образованието се провлекуваат со години. Проф. Д-р Кирил Барбареев од Универзитетот „Гоце Делчев“ вели дека овие проблеми кои младите луѓе ги споделија со нас се само показател за тоа каков однос има самата држава спрема младите луѓе. Декларативно се залагаме за добро образование, но реално не правиме многу, вели Барабреев.

Проф. Д-р Страшко Стојановски од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и неговиот тим од истражувачи, прават долгогодишни истражувања за миграциите на младите. Нивните истражувања во голема мера се поклопуваат со она што го изјавија младите луѓе во нашата анкета. Тој вели дека образовниот систем може да биде сериозна причина за одлуката за иселување на младите.

Професорот Барбареев смета дека со младите никој не разговара и за овие теми ретко и неискрено се дебатира, но во исто време парадоксално е што млади луѓе се на високи позиции во државата.

Во исто време професорот Стојановски смета дека образованието, особено високото,  може да биде и дел од проблемот, но и дел од решението.

 

Близу 90% од анкетираните не би препорачале на некој од странство да студира во Македонија

Привлекувањето на студенти од други држави може да биде контратежа на големoтo иселување!

И професорот Стојановски и професорот Барабреев се согласуваат дека образованието може да помогне во намалување на ефектот од иселувањето преку привлекување на студенти од други држави, но мора да се има на ум дека тоа треба да биде дел од севкупна државна политика во која ќе се подобруваат условите за живот и во градовите, а и студиските програми ќе се адаптираат на англиски јазик.

За крај ќе споделиме уште едно од многуте мислења и коментари кои пристигнаа од нашите читатели/слушатели.

 

Минимален буџет за развој на образованието (Владата на Македонија одделува екстремно мали суми за развој на образованието. И од тој мал буџет наменет за образование, голем дел се користи за инфраструктура, односно изградба на спортски сали, реновација на објекти итн.) 3. Ниски примања на наставниците кои не се израмнети и не ја отсликуваат работата којашто наставниците ја имаат околу административните задолженија за часовите и наставната програмата, кои не ја прават наставата ниту поорганизирана, ниту подобра или поиновативна. 4. Проблем со непотизам, корупција, партиски вработувања на кадар којшто не е соодветно подготвен за извршување наставно-педагошка работа со ученици и студенти.

 

Темата е преширока и од неа излегоа уште многу прашања и предизвици. Затоа УГД ФМ и Гоце.мк во следниот период темата ќе ја обработуваат по поединечни науки. Следно, ќе се прават истражувања со студентите на медицинските факултети, па со оние на природните науки, па оние на општествените науки и на крај со студентите на уметничките факултети. Сите наши читатели и слушатели кои оставија свои контакти во анкетата ќе бидат контактирани и ќе им бидат испратени резултатите од овие истражувања.

проф. д-р Ивица Смоковски: Дијабетесот е пандемија со многу засегнати лица
Воздухот значително загаден и во градинките и школите