ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
06.03.2022
Истражување: Од што се плашат младите и дали се вакцинираат против Ковид 19?
Автор: Goce Author

Првиот случај на непознатиот вирус се појави во декември 2019 година во Кина. Почетокот на 2020 стигна во Европа. Тоа беше Ковид 19.

Научната заедница и експертите веднаш почнаа да работат на развивање на вакцини кои можат да ги намалат симптомите на вирусот или стапката на смртност. После неколкумесечно тестирање, Маргарет Кинан од Ковентри е првата на светот која прими прва доза од вакцина против Ковид 19. Тоа се случи во декември 2020 година. Првичната среќа и задоволство поради откривањето на вакцината, со што се гледаше почетокот на крајот на пандемијата, набрзо беа заменети со недоверба и страв.

Кликни и слушај го целиот текст:

Се појавија на неквалификувани експерти кои тврдеа дека вакцината е опасна, дека предизвикува неплодност, дека во неа се кријат чипови за следење. Медиумите водени од сензационализмот и „ексклузивитетот“ дадоа придонес во ширење на општ страв и збунетост.

Фото: Flickr

Radio Active од Босна и Херцеговина заедно со Универзитетските медиуми, на чело со ГОЦЕ.МК од Штип, направија истражување меѓу младите. Истражувавме за нивните стравови и дезинформации. Направивме анкети на млади луѓе од Босна и Северна Македонија, а воедно ги интервјуираме и младите лидери, да видиме што се крие зад нивниот страв. Поставивме прашања на преку 140 млади луѓе од двете земји.

Поголем дел од анкетираните сепак се вакцинирани?

Денес, две години после првиот случај на Ковид 19 и повеќе од една година од првата доза на вакцина младите новинари од Гоце.мк и Radio Active одлучија да ги прашаат младите преку анкета.

Испитаниците одговараа дали се вакцинирани, зошто одлучија да се вакцинираат и зошто не, како и за тоа од каде се информираат и едуцираат во врска со вакцинацијата.

Во истражувањето во Северна Македонија учествуваа 96 испитаниции – најголем дел луѓе во своите дваесетти години. Во Босна И Херцеговина 44 испитаници меѓу 13 и 37 години.

Во Северна Македонија од вкупно 96 испитаници, 65 се вакцинирани, а 31 невакцинирани. Во Босна и Херцеговина од 44 испитаници, 23 се вакцинирани и 21 не вакцинирани. Најголем дел од нив одговорија дека се вакцинирале за да го заштитат своето здравје и здравјето на своите најблиски.

Зошто не се вакцинираат?

Испитаниците кои не се вакцинирани во своите одговори објаснуваат дека таква одлука донеле поради тоа што се плашат за сопственото здравје, поради тоа што се млади и поради тоа што мислат дека не е потребно да бидат вакцинирани.

Во овој контекст посебно се актуелни анти ваксерските одговори каде испитаниците одговорија дека не сакаат да се вакцинираат и дека им е страв затоа што тие немаат доверба во целиот процес на масовна вакцинација и имунизација.

Двајца испитаници од Северна Македонија одговорија дека не се вакцинираат поради својата здравствена состојба и дека вакцинација за нивната здравствена состојба не се препорачува. Двајца испитаници од БиХ потврдија дека нивните матични лекари им препорачале да не се вакцинираат поради нивната здравствена состојба. Во сите други случаи стравот од вакцините се врзува со наводни нуспојави кои можат да се појават.

Еден испитаник од БиХ вели дека е плаши од вакцините затоа што се развиени во „краток временски период и здравствената состојба се влошува драстично после вакцината, а на тоа може да се додаде и дека не се гарантира дека нема да се заразите или да го пренесете вирусот“. Има и такви кои наведуваат дека во вакцините има „штетни хемикалии, манипулација и контролирање на масите, наметнување и загрозување на слободната волја“.

Слични се стравовите и на невакцинираните во Македонија. Тие се плашат од наводни „негативни последици“, „немање на долготраен имунитет“, „сомневање во заштитатата со вакцина“ и така натаму.

Генералниот заклучок од сондирањето на јавното мислење меѓу младите може да биде дека тие кои не се вакцинирани се одлучиле на тој чекор заради тоа што сметаат дека вакцината е пронајдена во краток временски период и дека поради тоа е неефикасна или опасна по здравјето.

Владимир Панев е претседател на Студентската организација на студентите по медицина. Самиот тој е во завршна година на Медицинскиот факултет во Штип. Како студентски лидер објаснува од каде потекнува недовербата на неговите колеги.

Испитаниците имаат слични ставови и во врска со бустер дозата. Како причини да не ја примат повторно наведуваат дека „вакцината не штити 100%“, „се штитам со здрава исхрана и здрав начин на живот“, „свесен сум за последиците“ и слично.

Од каде им доаѓаат овие информации на младите луѓе?

Според анкетата најголем дел од младите се информираат преку медиумите. Поголем дел од испитаниците во БиХ рекле дека се информираат од ТВ, Радио, Весници, Портали или Подкасти. Мал дел од здравствени институции, социјални мрежи или од научни трудови. Двајца испитаници одговориле дека не се информираат никако.

Во Северна Македонија најголем дел од испитаниците одговориле дека користат социјални мрежи како извор на информации за Ковид 19. Голем дел од нив изјавиле и дека се информираат од разговор со пријатели или семејството, а  помал дел преку медиумите. Само еден испитаник во Македонија одговорил дека се информира за вакцинацијата од својот лекар.

Овие резултати покажуваат дека испитаниците своите одлуки најмалку ги базираат на препораките од оние кои најмногу знаат за вирусите и мутациите на вирусите, начините за превенција, ширење и заштита, вакцинација и создавање имунитет.

Недостатокот на доверливи и веродостојни податоци кои ќе бидат потврдени и толкувани од експерти, инфектолози претставува голема опасност, особено во времето во кое живееме.

Ова го забележал и Мирко Наџаков, претседател на студентската организација на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип. Тој смета дека во текот на пандемијата потребно е да се покренат повеќе научни и едукативни кампањи кои ќе им објаснат на луѓето што навистина се случува.

 

Дури 36 од вкупно 44 испитаници во БиХ сметаат дека има голем број дезинформации во врска со вирусот и вакцинацијата. Ова е навистина поразително заради тоа што може да се заклучи дека поголем дел од испитаниците носеле одлуки за заштита од вирусот на основа на информации за кои не се сигурни дали се проверени или точни.

Како до поверодостојни информации?

Владимир Панев, свесен за огромниот број на дезинформации на социјалните мрежи, препорачува на кој начини можеме правилно да се едуцираме и да ги добиеме одговорите на прашањата кои ги имаме.

 

Пандемијата со Ковид 19 покажа дека во иднина мораме сериозно да се занимаваме со лажните вести, начинот на кој функционираат алгоритмите на социјалните мрежи и етиката на новинарите и новинарството. Јасно е зошто луѓето немаа доверба и зошто се плашат од она што е непознато. Но одговорноста на сите нас е да пробаме да научиме, да дознаеме и разбереме што повеќе, па дури тогаш да носиме одлуки. Во тоа можат да помогнат медиумите, но и властите кои ќе дадат простор на експертите кои ќе говорат за фактите и врз основа на тоа ќе се носат одлуките.

Така ќе биде полесно да се бориме против недостатоците на времето во кое живееме, а во кое секој анонимно може да пишува, да објавува монтирани видеа и изјави и да манипулира со исплашените луѓе.


…Продолжува со одговори од експертите и властите за стравовите на младите луѓе.


проф. д-р Ивица Смоковски: Дијабетесот е пандемија со многу засегнати лица
Воздухот значително загаден и во градинките и школите