
Перцепцијата кај новинарите и медиумските работници е дека онлајн медиумите се подложни на корупција поради нискиот економски стандард, ова е широкиот заклучок од денешната презентација на истражувањето за перцепцијата од корупцијата во онлајн медиумите.
Советот за етика во медиумите, на заедничка средба со новинари и медиумски работници од Источна Македонија, организираше дебата за да се презентираат наодите од истражувањето, спроведено од надворешна консултантска куќа, во кој се нотираат ризичните места од појава на коруптивното однесување кај одредени онлајн медиуми.
Според истражувањето, испитаниците вината ја гледаат во сопствениците и до одреден степен, кај уредниците, во однос на појавата на корупцијата во онлајн медиумите, а во многу помал степен во новинарите, истакна меѓу другото Габриела Андреевска, автор на истражувањето.
Според испитаниците,економската состојба во медиумскиот сектор во Македонија е главниот „виновник“ за можноста за корупција врз новинарите, уредниците или сопствениците. Покрај ова анкетираните новинари посочиле дека политичките партии се исто така причина за корпуција во медиумскиот сектор.
Имено, според дел од испитаниците, немањето на редовен извор на финансии, како и општата лоша економска состојба, значајно придонесуваат кон тоа политичките партии да имаат влијание врз онлајн медиумите и да се јавува нивна злоупотреба, со цел ширење на политичка пропаганда, лажни вести, дезинформации итн.
Додека дел од онлајн медиумите се приморани да прифатат корпуција поврзана со политичите партии поради економски потешкотии, дел од нив го прават ова и поради врски со или наклонетост кон одредена политичка партија, за што, подоцна се стекнуваат со бенефиции, беше посочено на состанокот.
Интересно е да се посочи дека испитаниците посочиле дека маркетинг агенциите се исто така јавуваат како медијатор при корупцијата помеѓу бизнис секторот и онлајн медиумите.
Онлајн медиумите не се влезени во формалната регулација на државата, кај нив се наоѓаат различни, и како што рекоа „инвентивни“ начини на корупција и прибирање средства од државни или локални институции.
Новинарите во истражувањето потенцирале неколку аспекти за намалување на корупцијата. Нормално еден од клучните е создавање на поголема финансиска независност. Некои новинари бараа поголема поддршка од приватниот сектор, додека други сметаат дека е потребна поголема поддршка од државата, истакна Андреевска.
Горан Трпеновски од Државната Комисија за спречување на корупцијата истакна дека и тие во Националната стратегија за борба против корупција ги имаат нотирано овие проблеми во однос на корупцијата во медиумите.
„Имаме недоволна транспарентност во распределбата на средства до медиумите. Мене ме радува што ова е прво вакво истражување во Македонија и ова многу ќе ни помогне и нам како комисија“, истакна Трпеновски.
„Фамозниот член 102 од законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со кој се забранува рекламирање на државни, јавни и локални институции во медиумите веројатно ќе треба да претрпи одредени промени“, смета Димитар Мицев, од ТВ Вис од Струмица.
„Медиумите ги делам на регулирани и нерегулирани. Членот 102 им дава забрана на регулираните медиуми и тој не важи за нерегулираните медиуми односно за онлајн медиумите. Тие си дозволуваат тоа што ние не можеме да си го дозволиме. Ние сме под лупата на сите и ја немаме таа шанса да бркаме кликови со лажни вести. Во онлајн сферата дури инкасираат профит додека другите медиуми се борат за опстанок. Финансиски немоќни медиуми се подложни на корупција несомнено. Дали е тоа на ниво на новинар, уредник или сопственик тоа е зависно од поставеноста на самиот медиум. Во таа борба за опстанок можноста за корупција е голема. Регулираните медиуми се помалку и се’ помалку ќе ги има“, истакна Мицев.
СЕММ е организација која заедно со ЗНМ и ССНМ го изработија и регистарот на професионални медиуми за кој допрва ќе се анализираат ефектите за професионализација на медиумите и медиумските содржини.
Оваа средба е дел од серијал на дебати и средби кои Советот на етика во медиумите ги организира со сите новинари и медиуми во државата со цел подобрување на соработката со новинарите и медиумите и подобрување на работата на Советот.
Дебатата беше организиранa во рамките на проектот ,,Поддршка на слободата на изразување во медиумите во Северна Македонија“, што го спроведува СЕММ, а го финансира ЕУ и со поддршка преку USAID.