

Photo by Markus Winkler on Unsplash
Ако иднината останува на младите, иднината на новинарството би требало да останува на младите новинари. Ако пак се суди според резултатите од анкетата која ја спроведе Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, можно е иднината на новинарството да ја нема! Повеќе од половината анкетирани млади новинари (поточно, 54.5 %), би ја напуштиле професијата ако им се укаже прилика. Зошто? Една од причините е што дури 62 % од новинарите на возраст од 18 до 35 години земаат плата пониска од просечната.
Анкетата имала за цел да покаже како младите новинари и медиумски работници се соочуваат во време на пандемија, дали имаат финансиска поткрепа за справување со ценовните бшокови и финансискката криза…Анкетата е спроведена во октомври 2021 година, а во неа учествувале 150 новинари и медиумски работници, од кои половината се на возраст од 18 до 35 години.
Најчестата причина која се споменува кога се говори на оваа тема, за слабиот интерес за работење во новинарството, за малиот број на студенти кои се запишуваат на новинарските студии, се ниските плати. Дали само тоа е причината, тешко е да се каже, но резултатите од анкетата јасно потврдуваат – 62 проценти од младите новинари имаат плата под просечната

Фото: ССНМ
Просечната месечна исплатена нето-плата на државно ниво, според податоците на Државниот завод за статистика, во септември 2021 година, изнесувала 28.869 денари. Но, платата на најголем дел од младите новинари, според анкетата на ССНМ, не ја достигнува оваа цифра. Шест отсто од анкетираните млади новинари одговориле дека земаат помалку од 25.000 денари, а дури 27 отсто од нив се платени помеѓу 15.000 и 20.000 денари. Останатите 12,9 отсто одговориле дека нивната плата е од 25.000 до 30.000 денари, односно 24,6 отсто дека имаат плата повисока од 30.000 денари.
Младите новинари најприсурни на телевизија и интернет
Иако интернетот денес сè повеќе го зазема приматот на главен извор на информации, сепак доминантен медиум во кој младите работат е телевизијата, односно 51,9 отсто од анкетираните. Втор по застапеност е токму интернет просторот каде 40 отсто од младите новинари работат во портал. Само 6 отсто од анкетираните работат во радио, додека само еден отсто од анкетираните работи во печатен медиум.
Прочитајте и: Нема правда за новинарите
Младите од 18 до 35 години генерално работат како новинари со полно работно време или 63,6 отсто од анкетираните. Според анкетата на ССНМ, има значително поголем број на млади уредници отколку дописници. Девет од анкетираните лица одговориле дека работат како уредници во медиум, само еден од нив работи како дописник за национални и меѓународни медиуми, додека 18 отсто од младите медиумски работници работат како сниматели, монтажери, фоторепорери и режисери.

Голем процент на младите новинари не студирале новинарство
79 % од младите медиумски работници имаат високо образование, а само 3,8 % од нив се со вишо, односно 16,8 % со средно образование.
Најголем дел од младите новинари имаат високо или вишо образование во областа на новинарството, односно 58,5 отсто. Сепак, високи 41,5 отсто од анкетираните студирале на различни факултети со што се покажува дека работата во медиумите е привлечна и за младата популација од другите области.
Најголем дел од младите новинари оставени сами на себе
Младите новинари на почетоците на својата кариера немале менторство од поискусните колеги. Дури 72,7 % од анкетираните одговориле дека немале назначен ментор кои би ги вовел во работните обврски. Иако сопствениците и уредниците дозволуваат отсуство од работа за обуки, во најголем процент професионалното надградување останува задача на самите млади. Па така, 56 % од анкетираните одговориле дека сами се снаоѓаат во пронаоѓање на дополнително неформално образование.
Редовна плата – реткост
„Плата на први” е синтагма која за најголем дел од младите новинари, за жал, не важи, односно 66 % од анкетираните одговориле дека платата jа добиваат до 15-ти во месецот. Само 26 % рекле дека ја земаат платата на први, додека тројца испитаници рекле дека платата им доцни, односно дека истата ја земаат секој месец на различен датум. Ваквите трендови на исплаќање на новинарскиот труд ги прават 61 % од младите новинари воглавно незадоволни од примањата. За да ја изработат својата плата, 74 % од младите новинари одговориле дека во просек работат по 40 часа неделно и на 62 % од нив им е регистирано работното време.
Младите новинари не се имуни на предизвиците од пандемијата
Како и во сите области на нашето живеење и работење, ниту новинарството не беше отпорно на промените кои ги поттикна ковид 19 кризата. Шеесет и пет отсто од младите анкетирани новинари и медиумски работници одговорија дека известувањето за време на пандемијата имало влијание врз нивното ментално здравје. Стрес, анксиозност и страв по сопственото здравје се најчестите описи за тоа како се чувстувале младите новинари за време на извршување на работните обврски во пандемиски околности.
„Лошите слики што ги гледаме на екран или на некој сајт не влијаат ни малку исто кога ги гледате пред ваши очи .Тоа не се заборава” – е една од изјавите на новинарите .

Фото: ССНМ
Пандемијата влијае и на другите медиумски работници кои на терен одблиску се соочуваат со вирусот и во најголем дел не се чувстуваат заштитени од ризикот за можна зараза при извршување на работните задачи. Дури 63,6 отсто од анкетираните одговориле дека работодавците немаат обезбедено осигурување во случај на повреда на работното место.
„Стравувам да не се заразам, бидејќи нема никогаш реално решение за нас снимателите. Премногу тесни простории и слично” – коментира еден од снимателите на терен.
Сите овие фактори придонесуваат сè повеќе младите новинари и медиумски работници да размислуваат за алтернативна замена за својата професија, а 54,5 % од младите новинари одговориле дека би ги напуштиле медиумите, доколку им се укаже прилика.