ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
19.02.2026
Иван Петров, свештеник: „Најголемиот порок денес е рамнодушноста“
Автор: Goce Author

Иван Петров е млад човек, кој одлучил животниот пат да го минува како свештено лице. Да инвестира во духовно образование и практична служба.

Неговиот пат не е само теолошки, туку и длабоко животен. Обликуван преку лични одлуки, предизвици и истрајност уште од најраните години. Роден и израснат во Штип, Иван Петров уште по завршувањето на средното образование чувствува јасна насока дека неговиот живот треба да биде посветен на духовниот раст и работа со луѓе.

Иван Петров

На прашањето зошто избрал да биде свештено лице, Иван вели:

„Одлуката да бидам свештено лице дојде како резултат на лично искуство со Бог и силен внатрешен повик за служење. Уште од рана возраст чувствував дека мојот живот има подлабока цел – не само личен успех, туку влијание врз луѓето околу мене. Гледајќи како верата го менува мојот живот, посакав да бидам дел од таа промена и во животите на другите“

Иван за одлуката да биде свештено лице: посакав да бидам дел од добрите промени на луѓето

Наместо да тргне по вообичаениот пат, избира да инвестира во духовно образование и практична служба. Со таа цел заминува во Соединетите Американски Држави, каде што поминува две години на Библиско училиште. Во динамична и интернационална средина, запознава млади од различни култури и сведочи за различни животни приказни, борби и промени.

Иван за одлуката да биде свештено лице: поскав да бидам дел од добрите промени на луѓето

Зошто се одлучи да заминеш во САД, што е она што го немаше во Македонија и што всушност научи таму ?

,,Во општеството во кое живееме и во кое сме пораснати, ни е дадено и овозможено сè. Да заминеш во странство значи дека учиш кој си всушност ти, дека некои навики треба да ги стекнеш и треба сам да ги направиш. Пример, треба да знаеш да пуштиш перална за алишта, да знаеш да се пеглаш, да зготвиш нешто за јадење. Нешта кои тука ти биле овозможени и не си требал да ги правиш, сега треба сам да ги правиш и сам да се научиш, и тоа е добра навика која што ја имам стекнато.‘‘

Младите во Македонија доцна се осамостојуваат – дури по 30-тата

По кратко враќање во Македонија, го продолжува своето оформување во Будимпешта, Унгарија, на Училиште за учеништво, каде што една година минува во интензивна духовна и практична подготовка — преку учење, менторство, теренска работа и секојдневна служба. Тој период дополнително го зацврстува неговиот карактер, дисциплина и разбирање за реалните потреби на луѓето, особено на младите.

Најголем порок моментално во времето и општеството во кое живееме е рамнодушноста

Зошто денес младите се претставуваат како да имаат навидум се, а се чувстваат празно и осамено? Дали се работи за животниот стил или пак за нешто подлабоко и духовно?

,,Може да имаме сè, ама тоа не значи дека сè има смисла, затоа што материјалните задоволства можат да нè исполнат до одреден степен, ама не можат внатрешно да нè исполнат кои сме и што сме ние. Кога имаш материјални работи, се задоволуваш до одреден степен и одреден период, ама после тоа сакаш нешто повеќе. Тоа повеќе не те задоволува. Од медицинска гледна точка, допаминот не го задоволува срцето. Тоа чувствува дека сега има нешто, ама тоа нешто треба да биде долгорочно. Срцето треба да се исполни со нешто кое има внатрешно значење, нешто кое има цел, има карактер и е вредно за долг период. Материјалното е потребно за овој земен свет, ама тоа целосно не може да нè исполни нас и нашето битие.‘‘

 

 

Денес, како младо свештено лице во Евангелската црква во Штип, веќе две години активно служи во заедницата. Работи директно со млади и семејства. Неговиот пристап е отворен, разговорен и практичен — насочен кон реални животни прашања, а не само кон теорија.

Кои се најчестите пороци со кои денес се соочуваат младите?

,,За мене лично, најголем порок моментално во времето и општеството во кое живееме е рамнодушноста, затоа што рамнодушноста ти вели „само јас“. Во денешно време она: јас кој сум, само јас, јас сè знам, јас сè можам, ,На мене не смее никој ништо да ми каже‘ или пак мене не ми е гајле за ништо, само јас да победам, само јас да освојам, јас да направам‘... Мислам дека тоа е еден од најголемите пороци во денешно време со кој се соочуваме ние младите.‘‘

Како млади треба да се откажеме од нас самите — од лажно мислење дека сè можеме и сè знаеме

Дали младите се доволно отворени кон себе? И како оние кои имаат проблеми и се затворени во себе да го најдат своето решение?

,,Мислам дека тоа е еден од најголемите проблеми со кои сега се соочуваат младите. Најчесто во денешно време младите бегаат во изолација. Најчесто човек, кога ќе западне во некоја зависност, не мора тоа да биде само дрога, алкохол, цигари или коцка, најчесто човекот бега таму каде што ќе се чувствува најприфатен или ќе има своја комфортна зона. Значи, ако ти си бил зависен од нешто и сакаш да избегаш од светот, бегаш таму каде што ќе се чувствуваш безбеден во таа своја комфорна зона. Мислам дека сè повеќе денес луѓето стануваат изолирани и не сакаат да се отворат, затоа што не им веруваат на сите. Денес довербата и тоа чувство да веруваш на некого е за жал изгубено.‘‘

Ватикан со построги правила за „чуда“ и „привиденија“

Во време кога младите сè почесто се соочуваат со стрес, несигурност, пороци, внатрешна празнина и чувство на изгубен идентитет, тој зборува за духовната сила како извор на стабилност и надеж, за изборите што го обликуваат карактерот и за можноста секој човек да започне нова страница.

Неговата порака не се задржува само на верата како учење, туку ја претставува како живо искуство — пат на лична промена, одговорност и смисла. Преку сведоштва, разговор и практични примери од секојдневието, тој ги охрабрува младите да размислуваат подлабоко, да градат здрави вредности и да ја пронајдат вистинската насока во современиот и брз свет.

Денес довербата и тоа чувство да веруваш на некого е за жал изгубено

Дали младите треба да се откажат од нешто за да можат духовно да напредуваат ?

,,Ние како млади треба да се откажеме од нас самите — од тоа лажно мислење за нас дека сè можеме и сè знаеме. Многу често правиме хипербола за себе, го зголемуваме егото и достигнувањата. Тоа треба да го намалиме и тргнеме на страна. Потоа да дозволиме некој кога сака да ни помогне или да ни даде добар совет — да го прифатиме. Заповедта вели да се љубиме себеси и ближниот како себеси. Тоа значи да ги сакаме луѓето како себе, а не да бидеме затворени.‘‘

 

Дали младите живеат реален живот или се во заблуда копирајќи ги останатите околу себе?

,,Многу често сакаме да имитираме некој друг. Секогаш имаме некој идол во животот што сакаме да го следиме и нема ништо лошо во тоа. Но како христијани треба да се огледаме во животот на Исус Христос, кој беше тука да им помага на другите. Не сме повикани да живееме во лажна реалност, туку да ја гледаме вистинската слика на светот. Живееме во хаос, но има излез од тој хаос.‘‘

Петров нагласува дека вниманието треба да се насочи кон темата што тој ја смета за една од најважните, но често занемарена во животот на младите.  Тоа е односот со семејството.

Вниманието треба да го насочиме кон односот со семејството

Во современиот начин на живеење, исполнет со обврски, брза динамика и постојана трка со времето, заедничките моменти со најблиските сè почесто се одложуваат или скратуваат. Тој нагласува дека вистинската вредност не е во должината на поминатото време, туку во неговиот квалитет.

Моралот е мерлива категорија во мозокот

Дали младите поминуваат доволно време со фамилијата, со родителите, со роднините?

,,За мене најважно е да поминуваш време со твоите. Дури и малку време да поминуваш — важно е. На пример, во моите 26 години ние секој ден ручаме заедно. Можеби нема да се видам со мама и со тато во текот на целиот ден, но кога седиш на масата, на трпезата, и јадеш заедно со тие луѓе — тоа е време, тоа е квалитетно поминато време. Затоа што знаеш дека тие денес се тука со тебе. Овој живот е минлив и знаеме дека еден ден некого од нас нема да го има на овој свет. Затоа треба да го користиме времето со нашата фамилија, затоа што ниту родителите, ниту бабите и дедовците, ниту ние сме вечни. Еден ден и ние ќе имаме наши деца и сопружници, и мора да бидеме свесни дека тоа е квалитетно време и да го искористиме секој ден максимално.

Одлуката да се биде свештено лице не е едноставна, можеби како и многу други одлуки во животот. А сепак е малку поспецифична. Од тој аспект, интересно е мислењето на млад човек кој станал свештеник, како младите гледаат на оваа улога во општеството? Иван вели:

„Кога ќе видат искреност, доследност и реална грижа, тогаш почнуваат поинаку да ја разбираат оваа улога. Верувам дека клучот е во тоа свештеното лице да биде достапно, искрено и релевантно за времето во кое живееме.“

Автор: Александар Величков

Кочани ќе одбележи една година од големата трагедија
Студирање и работење – секојдневие за студентите