ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
16.11.2021
Избркана од работа поради тоа што има епилепсија?

Епилепсија е едно од најчестите невролошки нарушувања кое погодува различни луѓе на различни начини. Таа се јавува во вид на повторувани епилептични напади. Нападот наликува на внатрешна бура и неконтролирани грчеви на телото. Се јавува одеднаш, без најава и предупредување.

Покрај медицинскиот проблем еден од клучните проблеми на епилепсијата останува стигматизацијата и дискриминацијата на лицата кои имаат епилепсија. Теодора Ристова од Свети Николе, се соочува со епилепсија уште од својата младост. Денес таа има 26 години, живее во Малта и е студент по психологија. Во текот на својот живот се соочила со низа непријатности токму поради својата состојба, била дури отпуштена и од работа.

Тешко е да се живее со епилепсија секој ден, треба да се биде многу внимателен и секако редовно земање на терапија. Но сето тоа изгледа многу полесно од  соочувањето со мои врсници, кои често ме исмејуваат, ме навредуваат, ми се случувало и на работа да имам непријатност, од каде што неправедно бев отпуштена од работа, без причина ме дискриминираа, со изговор ти си „некомпетентна“ или  не сакам да те прифатам поради дијагнозата, вели Теодора.

Теодора Ристова

Дискриминацијата е сериозен проблем кој дополнително ги погодува овие лица. Епилепсијата во Северна Македонија претставува и социјален проблем.

Стигмата кон овие луѓе е голема, па поради тоа покрај медицински, епилепсијата претставува и социјален проблем. Честопати овие луѓе се дискриминирани, не можат да се вработат и да водат нормален начин на живот, да стапат во брак и да имаат широк круг на пријатели, вели Бунески Деан, родител на дете со епилепсија, и претседател на Здружението ,,ЕПИЛЕПСИЈА МАКЕДОНИЈА’’.

Во Македонија нема институција која специфично може да ги третира овие лица, а насушно е потребна, заради тоа што често и родителите не знаат како да реагираат.

Деан Бунески

Нема таква институција, освен советите од невролозите како да се справат родителите со нападите на детето. Инаку секако треба да има едукативни центри не само за семејството туку и пошироко, за да знае секој како треба да се постапи во ситуација при епилептичен напад, вели Теодора.

Освен тоа што нема институција, добро упатените велат дека и третманот и достапноста до лековите се предизвик со кој се соочуваат луѓето во оваа држава.

Во однос на третманот и достапноста на лековите, нашата земја заостанува зад европските држави. Покрај тоа што нема достапни лекови, нема ни доволно кадар кој соодветно може да ги лекува овие луѓе. Во земјава не постои институција која би се грижела за овие луѓе или за обука на родители како да се справат при напад, иако нашето здружение прави напори институционално да го реши тоа, вели Деан.

Ноември е месец за поддршка на лицата со епилепсија, додека 26 Март е ден кога се одбележува секоја година во повеќе од 100 земји во светот и е именуван за еден од највлијателните меѓународен денови за подигање на свеста за епилепсијата.

Теодора на младите им препорачува: Без разлика колку и да сте осудувани или малтретирани од врсници, работодавачи, никогаш не спуштајте ја главата надолу, секој од вас е посебен и способен да направи чуда.

Постои голем процент на лица, особено деца, каде епилепсијата се “излекувала“ односно нападите исчезнале, а терапијата по препорака на лекар е прекината. Во просек 80% од останатите луѓе со епилепсија можат да ги контролираат своите напади со лекови, што значи, можат да водат нормален живот. Успехот зависи од видот на епилепсијата, точната дијагноза, изборот на лекови, евентуални оштетувања кои ги предизвикала епилепсијата и социјални проблеми.

(Видео) Единствената уметница во Македонија која слика со уста
Студентски оброк, лажни соопштенија-ќе продолжат ли преговорите?