ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
13.11.2021
Излезе од печат книгата „Препрочит“ од Милена Ристова – Михајловска

Излезе од печат книгата „Препрочит“ од Милена Ристова – Михајловска. Интерпретација на текстови од современата македонска литература, книжевни осврти, критики и рецензии на околку 50 македонски книжевни пера – се само дел од сумираните содржини во публикацијата.

Истражувајќи ја средновековната македонска книжевност, д-р Ристова – Михајловска го надополнува својот светоглед во дијапазонот на книжевноста преку инвентивни и креативни пристапи кон литературното дело. Авторката пишува критики, толкувања и расчитувања за делата на поети и писатели од различните генерации и тоа – од етаблирани и афирмирани до оние, кои штотуку зачекоруваат на книжевната сцена, вели рецензентката на монографската публикација, д-р Наташа Лазарева.

Според авторката, ова е уште едно нејзино книжевно остварување, уште едно парче од душа оставено на хартија.

Делото е препрочитание низ херменевтичко–метафорички очи на творештво од автори, кои ги издвоив како репрезентативни, или автори, кои ми ги имаат доверено своите книжевни парчиња за интерпретација, или ми биле и ми се предмет на интерес нешто повеќе од една деценија, истакнува професорката Ристова – Михајловска.

Како што вели самата, нејзе литературата ѝ е живот.

„Препрочит“ излезе од печат баш кога јас сум во изолација. Така кореспондираме јас и литературата. Таа е секаде каде што не сум јас, јас сум секаде каде што е таа, додава проф. Милена.

Инаку, Милена Ристова – Михајловска е добитник на наградата „Бели мугри“ за поетскиот ракопис „Запирка“. Автор е на повеќе поетски збирки, а се јавува како автор и рецензент на стотина стручни, научни и уметнички трудови. Предавач и претставувач на македонската литература, уметност и култура во земјава и во странство.

Печатењето на книгата „Препрочит“ е поддржано од Министерството за култура на Р.С.Македонија.

Здравствени политики за сите
Институционалното насилство врз трансродовите лица сериозен проблем