
Купувањето онлајн , преку интернет носи ризици да бидете жртва на измама , кои во последно време се потврдуваат со многу објавени реакции на социјалните мрежи. Трендот се потврдува и преку реакциите кои потрошувачите ги упатуваат до Организацијата на потрошувачи на Македонија.
Околу 15 проценти од сите поплаки до ОПМ се однесуваат на нарачани или купени производи од трговци кои огласуваат преку социјални мрежи, а кои стануваат недостапни за онлајн купувачот доколку тој се обиде да реагира. Граѓаните кои купуваат преку интернет и особено преку социјалните мрежи треба да се сигурни од кого купуваат и да проверат дали станува збор за легална или нелегална онлајн продавница, велат од Организацијата на потрошувачи.
Ковид пандемијата ги смени навиките за купување кај граѓаните. Сè почесто се купува онлајн преку социјалните мрежи кои се преплавени со евтини понуди за облека, апарати за домаќинство и мебел, но чести се и поплаките дека купениот производ не одговара со оној што се нуди, а нема можност ниту да се замени.
Реакциите најчесто се објавуваат на социјалните мрежи, каде граѓаните се жалат дека порачале едно, добиле сосема друго, дека она што се објавува во понудите на онлајн продавачите воопшто не одговара на производите кои стигнуваат. Чести се и случаите на правење нарачка, плаќање на производот, за потоа воопшто порачаното воопшто д не стигне, а онлајн продавачот исчезнува, станува недостапен. Едноставно, ве блокира и немоѓни сте да направите било што. Така, граѓаните стануваат жртва на онлајн измама.
Минатата, 2021 година, Организацијата на потрошувачи (ОПМ), евидентирала дека околу 15 проценти од вкупно добиените поплаки се однесуваат токму на измамите при онлајн продажбата. Поплаките главно се однесувале на неисполнување на техничките карактеристики, производ во друга боја и големина од бараниот, оштетен производ или неиздавање на гаранција и упатство за употреба за техничките апарати.
„Во ОПМ секојдневно пристигнуваат поплаки од потрошувачи кои се жртва на измама при онлајн продажбата. Со појавата на ковид-19 и сè помасовното користење на онлајн просторот за купување на производи и услуги, кое што е и веќе тренд во последните години, влијае на тоа и потрошувачите кај нас сè повеќе да купуваат преку онлајн продавници, а како резултат на тоа се зголеми и бројот на оштетени потрошувачи кои што се жалат кај нас“, велат од ОПМ.
Проблемот, посочуваат од ОПМ, е во тоа што купувачите не знаат дали купуваат од легални или нелегални онлајн продавници бидејќи на социјалните мрежи секој може да отвори профил. Затоа препорачуваат секогаш кога се купува преку социјалните мрежи, потрошувачите да бидат особено внимателни и да проверат дали онлајн понудата е од регистрирана фирма, дали продавачот нуди можност за плаќање преку трансакција и дали при испораката на производот доставува фискална сметка или сметко-потврда.
„Проблемот е што купувачите кога купуваат преку интернет не знаат дали купуваат од легални или од нелегални онлајн продавници. Најчесто, нелегалните продавници имаат свој профил на социјалните мрежи, телефон, адреса (кои и во најголем случај се непостоечки). При онлајн купувањето, особено доколку станува збор за купување од социјалните мрежи, потребно е потрошувачите однапред да утврдат дали таа продавница е регистрирана фирма, дали има седиште, физичка продавница или пак е регистрирана онлајн продавница, дали продавачот нуди можност за плаќање преку трансакција, преку уплатница во банка и за нарачката им испраќа валидна потврда на е-маил, дали при испорака на производот им доставува фискална сметка/фактура или сметко-потврда. Продавачите кои не се регистрирани не издаваат фискална сметка, гарантен лист, фактура и друга техничка документација за одреден технички производ или бела техника“, истакнуваат од ОПМ.
Апелираат граѓаните да бидат особено внимателни при купувањето преку социјалните мрежи затоа што нема механизам со кој би се спречило некој да отвори профил и да нуди производи онлајн. Во случај на злоупотреба на личните податоци на потрошувачот, треба веднаш да се пријави во Министерството за внатрешни работи.
„Кај нас сè уште немаме некој конкретен механизам со кој би се спречиле некои лица да прават профили на социјалните мрежи и да продаваат производи, скриени зад некој лажен профил или назив на некој онлајн шоп. Од таа причина потрошувачите се тие кои што треба да внимаваат при купувањето од онлајн продавниците, бидејќи измамата од овие т.н. фиктивни продавачи кои се застапени на социјалните мрежи е голема и понатаму имаат тешкотии за заштита на своите права. Во случај да им бидат злоупотребени нивните лични податоци, банкарски картички и слично, ќе треба веднаш да пријават во Министерството за внатрешни работи – Сектор за компјутерски криминал и Агенција за заштита на личните податоци“, појаснуваат од ОПМ.
Во 2021 за преземање апликации потрошени 170 милијарди долари!
Од Министерството за внатрешни работи на прашање за информација за број на пријави за измама при интернет купување и нелегална продажба од страна на лажни трговци и онлајн страници во изминатите две години, изјавија дека минатата година се регистрирани шест кривични дела „компјутерска измама” за кои се пријавени пет сторители.
„Во 2020 година регистрирани се три кривични дела со непознат сторител, а во 2021 година регистрирани се шест кривични дела за кои се пријавени пет сторители“, се вели во информацијата од МВР.
Извор: МИА