
Измените на Законот за полиција наидоа на длабокјо несогласување и загриженост кај Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство . Според нив, овие измени претставуваат чекор назад во заштитата на жртвите на семејно и други форми на насилство врз жени, воведувајќи несигурност и дополнителни бариери кои ја влошуваат безбедноста на жртвите.
Photo by Sherise Van Dyk on Unsplash
Како што информираат оттаму, со важечкиот закон на полициски службеник кој сторил семејно насилство оружјето ќе му се одземе штом ќе се добие известување од надлежниот центар за социјална работа и одземањето трае сѐ до правосилно завршување на судската постапка која се води против тој службеник.
Измените предвидуваат дека полициски службеник кој сторил семејно насилство ќе го задржи оружјето додека не се спроведе цела постапка од внатрешната контрола при МВР, што е спротивно на важечкиот закон и Истанбулската Конвенција.
-Ваква предложената измена на овој член е во спротивност со Истанбулската Конвенција и со Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство и доколку би се усвоила како таква би ги довела во прашање спроведувањето на привремените мерки за заштита на жртвите на овие форми на насилство, велат од Националната мрежа.
Дополнително, со измените се брише обврската за задолжителен психолошки и психијатриски преглед на полициски службеници обвинети за насилство.
-Исто така со овие измени се брише членот 31-а со кој што раководителот на организациската единица беше обврзан да го упати на задолжителен психолошки и психијатриски преглед полицискиот службеник кој е обвинет за кривично дело или прекршок со елементи на насилство или за кој е добиено известување од надлежниот центар за социјални работи дека сторил семејно насилство и со кој се обврзува наодот од таквиот преглед да се достави до Министерството за внатрешни работи, дополнуваат оттаму.
Казните за злосторства над девојчиња и жени мора да се повисоки
Националната мрежа предупредува дека усвојувањето на овие измени ќе ги остави жртвите незаштитени и ќе го зголеми ризикот од ескалација на насилството. Тие бараат итно повлекување на измените за да се осигура дека законот ќе биде во служба на заштитата на сите граѓани, особено на најранливите.
-Оттука, категорично се спротивставуваме на предложените измени на Законот за полиција. Бараме итно повлекување на истите, со цел да се осигура дека законот навистина ќе биде во служба на заштитата на сите граѓани, особено на најранливите, стои во нивната реакција