ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
02.04.2026
Изучување на македонскиот јазик во Полска

Изучувањето на македонскиот јазик надвор од границите на државава претставува одлична прилика странските студенти подобро да ја запознаат македонската култура и традиција. Веќе четири децении, македонистика се изучува на Шлезискиот универзитет во Катовице во Република Полска.

Студентката Марија Бигорска од Филолошкиот факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип во рамките на Еразмус+ програмата имала можност да предава македонски јазик во рамките на повеќе универзитети во Полска.

 

„Моето заминување преку Еразмус+ програмата во Полска беше резултат на мојата желба да искусам, да видам како се студира во странска земја, да го сознаам образовниот систем таму, да се запознаам со јазикот, новите култури и сите бенефити што ги носи Еразмус+ програмата во една странска земја.“, вели Марија Бигорска.

Од своето искуство, споделува дека имала можност да предава македонски јазик на универзитети во Варшава, Краков, Катовице, Познањ и во Вроцлав. Постојат група на студенти кои во склоп на катедрата за балканистика го изучуваат македонскиот јазик.

„Само студентите со совршен просек и перфектен англиски јазик одат на Еразмус + мобилности“ – Мит или вистина?

Во Полска, на катедра за балканистика, се изучува македонскиот јазик

Изучувањето на странски јазик со себе носи голем број на предизвици, започнувајќи од правописот, акцентирањето, па сѐ до изговорот. Потешкотиите најлесно може да се совладаат кога студентите ќе имаат поблизок контакт со лица на кои тоа и е мајчин јазик.

„На студентите кои го изучуваат македонскиот јазик во странство потребен им е поголем контакт со македонски говорители, за да може да го научат јазикот подобро и да ги запознаат со посебните правила кои постојат.“, вели Марија.

Марија Бигорска

Изучувањето на македонскиот јазик во странство претставува основа како тој може да се афирмира и надвор од територијата на Македонија, кадешто  е потребно најпрво институциите, а потоа и жителите да го иницираат и да бидат инволвирани во процесот на ширење на македонскиот јазик, со цел бројката на студенти се повеќе да се зголемува.

„Бројката на студенти кои го изучуваат македонскиот јазик таму е причично задоволителна. За да се зголеми бројот на студентите потребно е да работиме повеќе на поголема промоција на македонскиот јазик. Мал дел од нив знаат за Македонија, зашто биле на одмор овде, но поголемиот дел не се запознати со Македонија, така што треба да се работи на позасилена промоција и афирмација на македонскиот јазик.“, вели Марија.

Три типа матура ќе полагаат средношколците годинава
Бројот на ученици и понатаму се намалува