ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
06.11.2025
Извештај на ЕУ: Македонија мора повеќе да инвестира во младите и образованието
Автор: Goce Author

Во најновиот извештај за напредокот на Северна Македонија за 2025 година, Европската комисија нотира дека државата направила одреден напредок во реформите во образованието, но и понатаму заостанува зад европските стандарди во квалитетот, инклузивноста и финансирањето на образовниот систем.

Намален број на основци, но раст на средношколци

Во учебната 2024/2025 година бројот на ученици во основното образование се намалил за 1,5% и изнесува 177.740, од кои 86.051 се девојчиња. Во средното образование, пак, има мал раст од 0,53% со вкупно 66.075 ученици. Северна Македонија учествува во меѓународните истражувања TALIS 2024 и PISA 2025, кои ќе покажат каде се наоѓа земјата според меѓународните стандарди за квалитет на наставата.

Нови закони и фокус на стручно образование

Законот за стручно образование и обука (VET), донесен во декември 2024 година, воведе важни новини: формализирање на дуалното образование и создавање правна рамка за регионални центри за стручно образование (RVETC). Во оваа учебна година, 4.171 ученици се дел од дуално образование во соработка со 650 компании — бројка што расте секоја година. Министерството за образование додели и нови стипендии за поддршка на оваа форма на учење.

Универзитетите со повеќе студенти, но проблеми со квалитетот

Во академската 2024/2025 година, бројот на студенти пораснал на 53.535, што е зголемување од 2,33%, од кои 59,3% се жени. Поголемиот дел студираат на државни универзитети (76,8%), а останатите на приватни. Главен предизвик, според ЕК, останува подобрувањето на квалитетот на високото образование и јакнењето на системот за акредитација и обезбедување квалитет. Три македонски универзитети се веќе дел од европски универзитетски алијанси.

Дигитализација и инклузивност во училиштата

Комисијата го поздравува воведувањето на дигитални учебници и пилотирањето на новиот Информациски систем за управување со образованието (EMIS), кој треба целосно да функционира во сите училишта до септември 2025 година. Новиот Закон за учебници усвоен во декември 2025 ја поттикнува употребата на дигитални материјали и иновативни наставни ресурси.

Во делот на инклузивното образование, бројот на образовни асистенти во основните училишта пораснал од 818 на 1.018, но измените на Законот за основно образование повторно дозволуваат запишување на ученици со посебни потреби во ресурсни центри, што ЕК го смета за чекор наназад.

Финансирање под европскиот просек

Јавните издвојувања за образование во 2024 година изнесувале 3,2% од БДП, што е под европскиот просек од 4,7%. Буџетот за образование како дел од државниот буџет се намалил од 11,7% во 2023 на 9,2% во 2024 година.

Млади и вработување

Главната мерка за справување со невработеноста кај младите останува Гаранцијата за млади. Преку оваа програма биле опфатени 21.641 млад невработен, од кои над 7.000 нашле работа, а повеќе од 1.500 учествувале во активни мерки за вработување, обуки и практики.

ЕК укажува дека младинската невработеност останува висока — околу 29% — и дека потребно е повеќе инвестиции во обуки за дигитални и зелени вештини, како и подобра поврзаност меѓу образовниот систем и пазарот на трудот.

Комисијата забележува дека нема достапни извештаи за спроведувањето на Националната стратегија за млади 2023–2027 и акцискиот план 2023–2025, што ја ограничува проценката за ефектите на младинските политики.

Извештајот на Европската комисија за 2025 година јасно покажува дека Македонија напредува во дел од реформите, особено во дуалното образование и дигитализацијата на училиштата. Но, клучните предизвици остануваат – ниско финансирање, слаба поврзаност меѓу образованието и пазарот на трудот и потреба од посилна поддршка за младите и студентите.

 

Светски ден против дебелината: младите се сѐ по дебели
Ден на ретки болести – невидливата борба на илјадници пациенти