
Извидниците во Штип викендов имаа двоен повод за славење. Својот роденден и Денот на извидништвото, тие го прославија со давање извиднички Завет.
По повод 4.роденден на извидничкиот одред и 22 февруари – Денот на извидништвото, во дворот на Дом на Млади – Штип неодамна се одржа свечена церемонија. На свеченоста, присутните имаа можност да ја проследат најважната извидничка церемонија – давање извиднички Завет.

Што претставува извидничкиот Завет?
Заветот претставува најсвечениот момент во извидништвото, бидејќи со тој чин, младите ги преземаат обврските кои произлегуваат од извидничките закони и принципи. Давањето завет, и официјално ги прави младите извидници и пристапуваат во нашето големо семејство.– истакнува Дарко Тошиќ, старешина на извидничкиот одред.
Во своите четири години работење, извидничкиот одред „Еквинокс“, може да се пофали со над илјада организирани работилници, состаноци со деца и млади, кампови, настани и акции. Во овој извиднички одред моментално членуваат 94 членови на возраст од 6 до 24 години, а 40 млади, во саботата, преку извидничкиот Завет, се приклучија во ова големо семејство.

Амбициозните млади имаат големи визии за иднината, среќни се што нивното семејство се шири и што можат да придонесат за поголем активизам кај младите!
На настанот присуствуваше Градоначалникот на општина Штип, претставници на Советот на општина Штип, старешина и старешинство на Сојуз на извидници на Р.С.М., организации со кои соработува одредот, родители и поддржувачи на извидниците.