ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
25.05.2022
ИЈЗ излезе со основните информации за мајмунските сипаници
Автор: Goce Author

ИЈЗ (Институт за јавно здравје ) ги објави основните информации кои е потребно јавноста да ги знае за болеста мајмунски сипаници. Овие информации се во согласност со препораките и информациите на СЗО, кои се во насока на тоа дека е потребна претпазливост, но нема место за паника и загриженост. Ви пренесуваме дел од овие основни информации, објавени на веб страната на Институтот за јавно здравје.

Мајмунските сипаници се вирусна зооноза (вирус кој се пренесува на луѓето од животни), со симптоми многу слични на оние забележани во минатото кај пациенти со големи сипаници, иако клинички ова е помалку тешка болест. Со искоренувањето на големите сипаници во 1980 година и последователниот прекин на вакцинацијата, мајмунските сипаници станаа најважен orthopoxvirus како ризик за јавното здравје. Мајмунските сипаници првенствено се појавуваат во Централна и Западна Африка, често во близина на тропските дождовни шуми, но се повеќе се појавуваат и во урбаните области. Домаќини на заболувањето се животните и вклучуваат голем број глодари и примати.

Во информацијата објавена на страната на ИЈЗ се поместени и податоци за причинителите, превенцијата, историјатот на болеста…

Причинител

Вирусот на мајмунските сипаници е обвиен двоверижен ДНК вирус кој припаѓа на родот Orthopoxvirus од фамилијата Poxviridae. Постојат две различни генетски линии на вирусот на мајмунски сипаници – централно-африканска (Конго) и западно-африканска. Централно-африканската линија историски предизвикува потешка болест и се смета дека е повеќе пренослива.

Природен домаќин на вирусот на мајмунска сипаница

Различни животински видови се идентификувани како домаќини на вирусот на мајмунски сипаници (верверички, гамбиски стаорци, глувци, примати и други видови). Останува неизвесноста за природната историја на вирусот на мајмунски сипаници и потребни се дополнителни студии за да се идентификува точниот резервоар и начинот како се одржува циркулацијата на вирусот во природата.

Превенцијата и подигнувањето на свеста е главната стратегија за мајмунските сипаници

Превенција

Подигнувањето на свеста за ризик факторите и едукацијата на луѓето за мерките што можат да ги преземат за да се намали изложеноста на вирусот е главната превентивна стратегија за мајмунски сипаници. Во тек се научни студии за да се процени спроведливоста и соодветноста на вакцинацијата за превенција и контрола на мајмунски сипаници. Некои земји имаат, или развиваат политики за понуда на вакцина на лица кои можат да бидат изложени на ризик како што се лабораториски персонал, тимови за брз одговор и здравствени работници.

Што се мајмунски сипаници и колку се опасни?

Намалување на ризикот од пренос од човек на човек

Надзорот и брзата идентификација на нови случаи е од клучно значење за ограничување на епидемијата. За време на епидемии на мајмунски сипаници, блискиот контакт со заразени лица е најзначајниот ризик фактор за инфекција со вирусот на мајмунски сипаници.

Здравствените работници и членовите на домаќинството се изложени на поголем ризик од инфекција. Здравствените работници кои се грижат за пациенти со сомнителна или потврдена инфекција со вирусот на мајмунски сипаници или ракуваат со примероци од нив, треба да спроведат стандардни мерки на претпазливост за контрола на инфекцијата. Доколку е можно, треба да се изберат лица кои претходно биле вакцинирани против големи сипаници за да се грижат за пациентот.

 ИЈЗ ја пренесе препораката на СЗО да не се преземаат мерки поврзани со патувањата

Совети на СЗО

Веројатно е идентификација на дополнителни случаи и понатамошно ширење во земјите кои моментално ги пријавуваат случаите и другите земји-членки. Секој пациент со сомнителна мајмунска сипаница треба да се испита и доколку се потврди, да се изолира, се додека лезиите не се формираат во круста, крустата не падне и не се формира свеж слој на кожа.

Земјите треба да бидат спремни и за пациенти кои манифестираат атипичен исип кој напредува во последователни фази – макули, папули, везикули, пустули, крусти, во иста фаза на развој на сите погодени делови на телото – што може да биде поврзано со треска, зголемени лимфни јазли, болки во грбот и болки во мускулите. Овие лица може да се јават во различни институции во заедницата и во здравствената заштита, вклучувајќи, но не ограничувајќи се на примарната здравствена заштита, инфективни клиники, услуги за сексуално здравје, единици за акушерство и гинекологија, урологија, одделенија за итни случаи и клиники за дерматологија. Зголемувањето на свеста кај потенцијално погодените заедници, како и кај давателите на здравствени услуги и лабораториските работници е од суштинско значење за идентификување и спречување на понатамошни секундарни случаи и ефективно управување со тековната епидемија.

ИЈЗ пренесува и дека врз основа на достапните информации во овој момент, СЗО не препорачува земјите-членки да усвојат какви било меѓународни мерки поврзани со патувањето и за патниците кои доаѓаат и за заминување.

(Видео) Единствената уметница во Македонија која слика со уста
Студентски оброк, лажни соопштенија-ќе продолжат ли преговорите?