ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
27.12.2021
Кај Македонски Брод има наоѓалиште за сол, Кратово лежи на злато, пештерата Врело е една од најдлабоките во светот – малку познати факти за Македонија

Навидум мала, а сепак чудесна е нашата земја. Во Македонија има неоткриени убавини и многу специфичности, па затоа зборуваме со Христијан Аџиоски, дипломиран професор по македонски јазик и туристички придружник и водич.

Христијан Аџиоски

Христијан за себе вели дека е еден не толку обичен талкач низ Македонија кој во секое камче наоѓа некаква нераскажана приказна, половина ја поминал автостоп, а цела открај-накрај – водејќи со себе туристи, но и пријатели. И покрај тоа што во повеќе од половина градови има преспивано, сепак постојаната адреса на живеење му е во Битола.

„Некогаш ќе напишам и по некоја книга, бидејќи ми се допаѓа идејата самиот на себе да си раскажувам приказни.“ , вели Христијан.

Како туристички водич, ја имаш истражено Македонија повеќе пати, раскажи ни кое место ти се допаѓа најмногу и зошто?

Да не изгледа одговорот банален дека сите места се многу убави, но навистина покрај толку многу знајни и незнајни места кои ја хранат душата со живот – тешко е да се издвои едно место кое ги засенува сите останати. Дури и на Константин Миладинов, во безвременската најродољубива песна „Т’га за југ“ му е тешко да одбере едно место кое ќе го воспее, па така во неговите стихови ќе забележи:

          „поле погледниш или планина,

          сегде Божева је хубавина“,

со што сакал да каже дека каде и да се завртиш – те освојуваат погледи за кои многу народи плаќаат да ги доживеат, а ние ги имаме бесплатно.“


Како го запознав(а)ме Кожуф?


Како туристички водич, несекојдневните случки се неизбежни. Христијан ни раскажа дека ако не се слуша туристичкиот водич за време на патувањето, модринките лесно може да се заработат.

„Секогаш кога одам со група во локалитетот Куклица, ги предупредувам туристите да не се качуваат по камењата бидејќи се лесно ронливи и многу се лизгаат. Но една повозрасна жена не ме послуша и се искачи на највисоката фигура и наеднаш изгуби рамнотежа и се лизна, па се тркалаше надолу со голема веројатност да заврши фатално. Освен претрпениот стрес, и модринките по целото тело беа дел од спомените кои жената си ги однесе во Австралија.“

Малку познати факти за Македонија:

На секој чекор Македонија изобилува со реткости, но не многу познати за туристите. Има навистина интересни и малку позанти факти.

Во близина на селото Сланско кај Македонски Брод се наоѓа изворот Соленица. Од изворот има солена вода во која во еден литар содржи 36 грама чиста готварска сол.

Во Демир Капија се одгледува сортата на грозје Станушина којашто е автохтона само во Македонија и не е пронајдена на ниту едно друго место во светот.

Во Овче Поле кај селото Богословец се наоѓа мистериозната градба Ѓаволски ѕид за која се верува дека е дело на надземниот свет, а можеби претставува и природен феномен.

Црквата „Свети Димитрија“ во Велес точно 467 години била закопана со цел да не биде срушена од османлиската власт. Тајната за црквата со векови се пренесувала од колено на колено, а дури во 1855 година црквата била сложно откопана.

Кратово лежи на злато! Во градот постојат подземни тунели кои ги поврзуваат средновековните кули. Се верува и дека овие кули водат до некогашниот рудник со злато. Порано од цела Македонија најмногу се ископувало, преработувало и тргувало со злато токму во Кратово.

Вилинското ракче кое живее во наоѓалиштето Локви, кај Големо Коњари, Прилепско. Ова е ендемски вид кој освен во Македонија, не се среќава на ниту едно друго место во светот.

Битола е дефинитивно нај опеан град во светот. Постојат повеќе од 500 песни во кои се опејуваат Битола и битолчани. Најпозната е „Битола мој роден крај“ од Ајри Демировски, која неколкупати во денот отчукува на саат-кулата во центарот на градот.

Пештерата Врело кај кањонот Матка со досега истражените 230 метри длабочина е една од најдлабоките подводни пештери во светот.

Земја со толку многу чудотворни икони, свети води, дрвја, камења, карпи, гори… не може да не се нарече СВЕТА и ЧУДЕСНА.

Геоглифот кај С.Николе – ровови или македонска историја?
СКОМ 2024 – конгрес на студентите по општа медицина