ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
16.03.2022
Како да напишете добра семинарска работа?

Многу од студентите, особено бруцошите се во дилема кога станува збор за пишување на семинарска работа. Затоа, Гоце.мк се погрижи да ги добие потребните информации за она како треба да изгледа една добра семинарска работа за добивање на максимум поени.

 

 

Преслушајте го целиот текст овде:

 

“Професорите се тие кои на студентите треба да им дадат првични информации за тоа, како технички, структурно и содржински треба да изгледа семинарскиот труд. Изборот на темата и пристапот кон неа, како и почитувањето на правилата за цитирање со цел да се избегне моментот да се создаде плагијат, се исто така во доменот на професионалните обврски на професорот. Студентите знаат да напишат добра семинарска работа само доколку добијат добри насоки од професорот и доколку нивната работа тековно се надгледува и коригира. Самите професори знаат дека, доколку само им го дадат насловот на темата, без соодветни насоки, студентот тешко се снаоѓа и прибегнува кон неприфатливи и погрешни решенија.”, вели Доц. д-р Ана Витанова-Риганчева, професор на Филолошкиот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

Обично Универзитетите имаат прецизно изготвен правилник за она како треба да изгледа еден труд. Но, сепак кај семинарските работи поголем удел имаат преференците на професорот и неговите упатства. Според правилникот на Универзитетите “Гоце Делчев” и “Св. Кирил и Методиј”, семинарската работа треба да се состои од три дела :

  1. Вовед
  2. Главен дел
  3. Заклучок

Универзитетите се согласни во тоа дека литературата од која ги црпиме податоците и фактите е од круцијално значење.

И зборовите си имаат своја историја

Како да креираме добра семинарска работа?

  • Најпрво треба да се започне со поставување на план. Во кратки црти напишете ги најважните потточки на кои сакате да работите. Извлечете го најважниот клучен збор и напишете поднаслови, ова ќе ви помогне за креирање на параграфите.
  • Истражувајте поголем обем на литература. Користете извадоци од повеќе различни книги или веродостојни веб страни на Интернет. Ова ќе ви помогне за да го проширите видикот и да не се ограничувате на информации од првиот извор кој ќе го најдете.
  • Секогаш следете ги упатствата кои ви се дадени во поглед на фонт и голема на букви, проред, маргини…Естетскиот изглед е првото нешто кое е забележано кај вашиот труд.
  • Користете фотографии. Не гледајте само да копирате текст и да ја завршите семинарската за 5 минути. Фотографиите овозможуваат подобар естетски изглед и одмор од големите параграфи текст.
  • Поткрепете ги вашите изјави и истражување со статистички податоци. Користете табели, графикони, дијаграми…
  • Секогаш стремете се воведот и заклучокот да ви бидат најмоќните делови од вашата семинарска работа. Обично овие два дела се круцијални за привлекување на вниманието на читателот.

Како да дојдеме до соодветна литература за истражување?

“Честопати им кажувам на студентите дека најубавите извори за нивната тема се наоѓаат под текстот на посочената референца, долу во фуснотите. Најчесто како извори се користат: книги, стручни и научни публикации, трудови објавени во стручни и научни списанија (од домашни и странски автори), зборници од конференции, симпозиуми, научни собири и секако електронските извори и бази на податоци. Со новите алатки на студентите и истражувачите им се достапни и т.н. електронски банки на дисертации.”, вели Витанова-Риганчева.

проф. д-р Ана Витанова Рингачева

Што е пример за лоша семинарска работа?

“Семинарски труд којшто не ги задоволува техничко-структурните параметри: форма, обем, распоред на содржината, цитирање, фусноти, прилози, користена литература, претставува пример за непочитување на основните правила за пишување на истиот. Трудот којшто не содржи прецизен апстракт, солидно обработен главен текст и педантно изработена користена литература, не ги задоволува основните критериуми за изработка на семинарски труд. Непочитувањето на правописните правила на македонскиот литературен јазик е исто така е многу важен сегмент во изработката и студентите треба максимално да се трудат да не прават отстапки.”, вели Витанова-Риганчева.

Даскалот: За употребата на голема буква

Според Професорката, студентите често знаат да искористат и “препис” при што нивниот труд е всушност плагијат. Таа смета дека професорите лесно ги препознаваат ваквите трудови и повеќе ги ценат трудовите за кои студентите навистина се вложиле во процесот на истражување и креирање.

Како професорите ги оценуваат семинарските работи?

“Во семинарскиот труд доаѓа до израз зрелоста на студентот, неговата креативност, но и подготвеност суштински да навлезе во длабочината на темата што ја истражува. Основните критериуми за оценка на семинарскиот труд се изведени од застапеноста на следните сегменти:

  1. структура на трудот
  2. содржинска поставеност и пристап кон темата
  3. почитување на правилата за техничко обликување на трудот
  4. почитување на правописните правила на македонскиот литературен јазик.”, вели Витанова-Риганчева.
Формирано Студентско Здружение за Молекуларна Медицина во Штип – имаат отворен повик за нови членови
Дуалното образование привлекува сè повеќе компании и ученици