ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
19.11.2026
Како да се подготвиш за работа што сè уште не постои? Главните пораки од „FutureX Summit 2026“
Автор: Goce Author
Ако денес се прашуваш дали факултетот или средното училиште навистина те подготвуваат за пазарот на труд каде вештачката интелигенција (ВИ) ги менува правилата секој месец – не си единствен/а. Токму прашањето како младите да се подготват за професии што допрва ќе се појават и како да носат паметни одлуки кога ништо не е сигурно, беше главна тема на настанот „FutureX Summit 2026“, организиран од Институтот за комуникациски студии (ИКС) во Скопје.

ФОТО: ИКС

Говорниците од земјава и странство се фокусираа на вештините што реално ти требаат за да не те прегази времето: критичко размислување, финансиска и медиумска писменост, и способност да ја претвориш неизвесноста во своја предност.
Денес не е доволно само да знаеш да препознаеш лажна вест на ТикТок или Инстаграм. Според д-р Жанета Трајкоска, директорка на ИКС, младите мора да научат стратешки да размислуваат за иднината, да ги поврзат податочната и финансиската писменост со лидерството, и да не гледаат на промените како на закана, туку како на простор за нови одлуки.
На истата линија беше и Рамила Кафаџи Заде од УНЕСКО Катедрата за писменост за иднината во Холандија, која објасни дека оваа вештина значи да не се плашиш од непознатото и постојано да ги преиспитуваш сопствените претпоставки за тоа „како треба да изгледа животот и кариерата“.
Професорката Татјана Хорват од Словенија го сумираше главниот предизвик на денешното образование: како да развиеме вештини за подобри одлуки кога не можеме да ја предвидиме иднината? Одговорот, според неа, не е во традиционалното учење за предвидлив свет, туку во флексибилноста и отвореноста кон нови компетенции.
Министерката за образование и наука, проф. Весна Јаневска, порача дека реформите одат во насока на поврзување на знаењето со реалната работа преку дуалното образование, но и развивање креативност, етика и критичко размислување.
Од академски агол, на панелот „FutureX дијалог“, проф. Кирил Барбареев од Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип и д-р Александра Дединец од ФИНКИ (дел од тимот на проектот „Везилка“) дискутираа за тоа како наставата конечно да почне да поттикнува самостојно размислување, но и каде е границата меѓу алатките со вештачка интелигенција и здравата човечка процена.
Претприемачот Данчо Димков сподели конкретни совети за тоа како еден студент може уште за време на студиите да идентификува кому му е потребна неговата вештина и да го најде својот прв клиент. Словенечкиот консултант за иновации, Томаж Павлица, пак, предупреди на стапицата во која паѓаат и големите компании – игнорирањето на знаците дека е време да го смениш начинот на кој работиш.
Самитот се затвори со искуствата на студентите од Македонија, Словенија и Австрија кои беа дел од петмесечната онлајн Академија за подготвеност за иднината (FutureLit), каде работејќи во меѓународни тимови креирале реални сценарија за иднината.
Осум уставни промени што ја обликуваа државата
Студентскиот оброк останува 140 денари, нов модел-следната година