
Жртвите на сексуално насилство, но и институции, за жал не се запознати со постоење на центри за помош и поддршка на вакви жртви, иако тие центри се формирани во три града уште во 2018 година. Ќе се унапредува процедурата за центрите за жртви на сексуално насилство, беше соопштено денеска на средбата на Работната група која што се формираше во рамки на Министерството за здравство во соработка со Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство „Глас против насилство“.
Вакви центри се формирани 2018 година, постојат во три градови во државата, во Скопје, Куманово и Тетово и се во рамки на општите болници во двата града и во рамки на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје.
Елена Димушевска, извршна директорка на Националната мрежа, во изјава за медиумите рече дека сексуалното насилство е една од најмалку пријавуваните форми на насилство во нашата држава. Таа потсети дека во овие центри се обезбедува првична помош за жртви кои ќе се охрабрат и ќе дојдат да го пријават.
-Искуството откако се формирани овие центри, покажа дека не само што жртвите, односно, општата популација, нема познавање, нема информација дека овие центри постојат, туку низ самите институции не ги користат во доволен број. Нашето истражување што го објавивме 2022 година покажа дека помалку од една третина од жртвите евентуално ги користат овие услуги. Останатите комплетно го прескокнуваат овој сервис како воопшто да не постои. Во разговорите со полиција, со ЈО, добивме информација дека тие воопшто и не се запознаени за постоењето на овие центри, истакна таа.
Притоа посочи дека истражувањето покажало дека една третина од вкупниот број на жртви на сексуално насилство и силување коишто евентуално ги искористиле услугите на центри, биле токму малолетните жртви. Полнолетни жртви имало исклучителен мал број коишто биле однесени таму.
Семејното насилство врз жените и девојките од 2021 до 2023 година е зголемено за 176%
Димушевска потсети дека првичната идеја била центарот да обезбеди психолошка поддршка, правна помош, да ги собере доказите коишто се потребни за кривично гонење на сторителот и да обезбеди првична кризна интервенција и кризна помош потребна на жртвата, откако ќе го доживее ова насилство.
-За жал не се запознаени зашто овие центри не се доволно промовирани во последниве години. И не многу дури и од професионалците, ја разбираат нивната цел, зошто постојат. Како што кажав, сексуалното насилство не само од најмалку пријавените форми, една и од најмалку дискутираните форми. Актуелизираните форми на насилство. Ние пред неполни две години со измените на КЗ успеавме да го воведеме, да речеме силувањето во брак, како една од формите на сексуално насилство. И тоа, за жал, се уште после две години не се користи и не е препознаено како форма на насилство. Сексуалното насилство се уште е табу тема, како да има отпор да се зборува за ова, рече Димушевска.
На новинарско прашање, таа одговори дека она што е најголем предизвик во функцонирањето на центрите и начинот на којшто стандардната оперативна процедура во моментот е, што не се почитуваат принципите на пристапот насочен кон жртва.
-Тоа значи дека ние мора да оставиме слободната волја на жртвата да го пријави насилството во момент кога таа е спремна за тоа. Но, тоа не смее да спречи да ние ги собереме доказите и ние соодветно ги чуваме до моментот кога таа ќе биде спремна да пријави и секако ја обезбедиме потребната помош, истакна претседателката на Националната мрежа.
Казните за злосторства над девојчиња и жени мора да се повисоки
Притоа појасни дека начинот на којшто функционираше центарот досега, за жртвата да добие каква било услуга, случајот мора да биде пријавен во полиција.
-Тоа го бара и нашето законодавство. Нашата постоечка легислатива бара дека секоја форма на насилство, особено оне коишто се гонат по службена должност, мора да бидат пријавени од професионалците. Тоа е нешто што мора да се смени, затоа што ставаме во позиција жртвата во моментот откако таа го преживеала насилството и дека се охрабрила дошла да побара помош, ја ставаме во ситуација да одлучи или ќе пријавиш во полиција за да ти бидат земени докази или доказите ќе бидат изгубени. И после нема да има можност за пријава, нагласи Димушевска.
Во претходните години, бројот на жртви од сексуално насилство се движел помеѓу 50 и 60.
-Заради постоењето на овие три центри, статистика баравме конкретно од надлежните СВР во овие три града, на пример во Скопје имаше околу од 50 до 60 пријавени случаи на силување или обид за силување. Овие бројки се многу далеку од реалниот број на жртви. Тука можам да ги спомнам наодите од истражувањето на ОБСЕ, што покажува дека само два процента од случените насилства , само два процента од жртвите го пријавуваат насилството во некоја од надлежните институции. Така да ако земеме предвид дека овие 50 до 60 само во Скопје се само два процента од вкупннит број, тогаш веќе станува за една голема бројка и еден голем број на жени, девојки, па и малолетни жртви кои имаат потреба од оваа помош, а нема каде да ја побараат, подвлече Димушевска.
Измените на Законот за полиција лоши за безбедноста на жените
Пред почетокот на настанот, беше соопштено дека Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство и Здружението за психотерапија и советување „Кортекс“ заедно со Министерството за здравство започнуваат со процес на унапредување и имплементирање на стандардната оперативна процедура за постапување во Центрите за упатување на жртви на сексуално насилство со формирање на работна група составена од сите релевантни чинители.
-Целта на работната група е да ги идентификува пропустите и предизвиците во функционирањето на центрите за упатување на жртвите на сексуално насилство воспоставени во трите јавни здравствени установи, ЈЗУ Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство Скопје, ЈЗУ Клиничка болница Тетово и Општа болница Куманово и согласно тоа да направи измени и дополнувања во стандардната оперативна процедура, информираа организаторите на настанот.