ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
13.01.2022
Како е да се биде студент на Медицина?

Со години, при уписите на факултети најголем интерес матурантите пројавуваат за изучување на Медицина. Факт е дека Медицината е најобемна и најтешка наука која бара неизмерна дисциплина и посветеност. Па така, знаејќи ги уште од самиот старт предизвиците кои ги очекуваат, прашавме неколку студенти од втора година на Факултетот за Медицински науки при УГД-Штип на насоката Општа медицина, како е да се биде студент на Медицина и дали вредат сите потешкотии на патот кон белиот мантил.

“Реалноста е дека да се биде студент на Медицина не е лесно, има тешки моменти и денови кога едноставно делува како да не вреди. Но, има и доста наградувачки моменти кои ја враќаат мотивацијата и желбата да се стигне до крајот. Никогаш не сум се двоумела со мојот избор. Дури и во тешките моменти сум се трудела да мислам позитивно и да се потсетам дека ова е она што сакам да бидам и дека вреди да се истрпат сите потешкотии на патот.”, вели студентка која за читателите сакаше да остане анонимна.


Знаете ли која е улогата на факултетското студентско собрание?


Една од најголемите двоумици кои настануваат при одлучување за студии на Медицина е дека треба да се жртвува слободното време и социјалниот живот. Иако се чини дека студентот по Медицина минува цел ден “над книга” , во реалноста и не е баш така. Правилниот распоред на времето е клучен за наоѓање  баланс помеѓу академските и забавните активности.

Нела Николовска

“Понекогаш треба да жртвуваш дел од слободното време, но јас се трудам времето да го организирам на правилен начин и да поминувам доволно време и со семејството и со пријателите. Секако дека за време на испитна или колоквиумска недела има и многу  непроспиени ноќи за кои верувам дека  се скалило погоре кон остварување на целта,а јас искрено се надевам дека ќе ја остварам својата цел и ќе бидам добар доктор.”, вели студентката Нела Николовска.

Можеби еден од најтешките предизвици со кои се соочија студентите не беше жртвата за неиспиеното кафе со друштвото, туку скратената пракса за време на пандемијата. Иако се направија многу напори за оддржување на практични вежби, сепак за студентите од пониските години вежбите се одвиваа online.

“Знаењето стекнато на Медицинскиот факултет ми дава шанса да станам успешна жена во областа на Медицината, способна да се носи со сите предизвици, па така и несомнено и со овој предизвик со кој сите ние се соочивме и се соочуваме сѐ уште во однос на целата ситуација со Ковид пандемијата, пред сѐ мислам на online наставата. Сепак одличната организација, методите на предавање од страна на нашите професори, нивниот интелектуален и стручен стил на пренесување на знаењето е нешто што ја олесни севкупната ситуација, а членството во студенските организации, заедничките дружења, семинари, размената на искуства и знаења ме прават сестрана личност и значително го прошируваат мојот поглед кон светот.”, вели студентката Ана Славевска.

Ана Славевска

Стресот и анксиозноста се пропратни елементи на патот кон завршување на студиите. Студентите не спорат дека во одреден момент се соочиле со огромен стрес, но според Ана Славевска клучот за надминување на стресот е во она внатрешното во секој од нас. Она што нѐ мотивира да продолжиме напред, а тоа оди рака под рака со упорноста, неоткажувањето, желбата за учење и усовршување, чекор по чекор.


Блажо Боев, Ректор на УГД: Напролет можеме да очекуваме универзитетот да се врати во нормала


Во едно се сложија и трите студентки, а тоа е дека патот кон успехот не е лесен. Може да се наиде на препреки кои некогаш ќе нѐ остават да се сомневаме во себе и нашите способности, но желбата и мотивацијата треба да надвладеат над потешкотиите. За нив најголем двигател е помислата  да се спаси животот на пациентот, да се ублажат болката и страдањата на болните, да се превенира и отстрани болеста. Најголема поддршка во тешките моменти, студентките рекоа дека ја добиваат од новосоздадените пријателства со колегите кои меѓусебно си помагаат во моментите на стрес и анксиозност. Без двоумење тие се сложуваат дека жртвите се исплаќаат, а најмногу во моментот кога ќе го облечеш белиот мантил.

(Аудио) Силата на еден став
Казните за злосторства над девојчиња и жени мора да се повисоки