
Дали разликата помеѓу ,,домашните’’ студенти од ,,дојдените’’ студенти од друг град на студии е тоа што овие вторите се поодговорни и посериозно ги сфаќаат обврските?
Одвоени од домот, живеат во студентски домови, а помал број можат да си дозволат да изнајмат соба ,па и стан каде ќе престојуваат за оние 10 месеци колку што трае студентската година. Сред јунска сесија ги откажуваат становите за да не ги плаќаат додека трае распустот, а во меѓувреме се снаоѓаат, преспиваат кај роднини или пријатели, додека ,,домашните’’ студенти прашањето кое ги мачи е каде ќе одат на летување. Им симнуваме капа на сите кои ги положиле сите испити во дадениот рок со сите предизвици кои им ги задава студентскиот живот.
goce.mk контактираше со неколку студенти кои своето студирање го остваруваат во град кој што не им е матично живеалиште. Ни раскажаа за трошоците и препреките во тек на студирањето, но и за студентските забави и убавите моменти.
Сара Јаковлеска, студентка на стоматологија при УГД – Штип, Михаела Секулоска, студентка на педагошки факултет при Универзитетот Св. Климент Охридски – Битола и Магдалена Димоска, студентка на факултетот за странски јазици – англиски при Универзитетот ФОН – Скопје.

Магдалена Димоска
Месечните трошоци од град до град и не се разликуваат многу, но доколку се живее во истиот се едни, а доколку секојдневно се патува се други. Трошоците се индивидуални.
,,Студирањето во Штип, како “работа” која трае неколку години е перфектен начин да имаш самоконтрола врз паричникот. Пред се трошоците околу факултетот се една математика која ги нема секој месец (партиципацијата и трошоци за факултетот), па така сметајќи дека стандардот на градот е просечен, би рекла дека околу 6 000-7 000 денари месечно се доволно за нормално минување на месецот’’
,,Јас патувам секој ден од Прилеп за Битола и назад, па од старт ми се потребни 250 денари само за транспортот. Сметајќи дека сум околу 2-3 часа на предавања па после тоа сум гладна, просечно 200 денари за храна и секако едно убаво кафе со колешките’’
,,Во Скопје, ако е вклучена и киријата околу 12 000 до 15 000 денари месечно, прилично стандардите во главниот град се повисоки за разлика од другите градови’’

Михаела Секулоска
За цената на приватното сместување релевантно во сите градови е иста. Од 4 000 до 12 000 денари, во зависност со колку цимери ќе се делат трошоците. Додека за сместување во студентски дом цената е околу 4 000 денари, каде има вклучено и оброци и се смета за поисплатлива варијанта за живеење. Сепак оваа варијанта за живот во студентски дом, за жал, во Штип студентите и не ги баш воодушевува. Во истата зграда се сместени и средношколци и студенти, па поради помалите трпат и студентите, има вечерен час кој започнува од 21 часот што за студентите е големо ограничување, студентските забави започнуваат после 21 часот.
Студентските домови нудат два оброка на ден со задоволително мени, па тука нема жалби и примедби од студентите.
Цените на основните намирници за секој студент во сите градови е иста околу 100 денари за тост, па 50-60 денари бурек, јогурт 20 денари. Кафињата за носење се околу 50 денари.
,,Најчесто ние студентите бараме сместување блиску до центар или пак центар, бидејќи факултетот се наоѓа во центар, а клиниката е на некои 10-15 минути од центар, па скоро секогаш пешачиме, градот е прилично мал. Освен деновите кога е многу ладно, тогаш користиме такси, кое до пред некое време беше 50 денари до било каде, а сега веќе е 70-80 денари. Сами си ги покриваме трошоците за превоз во Штип’’
,,Во Битола има превоз кој не е поврзан со факултетската организација туку приватни таксисти кои не носат и враќаат на адреса, притоа финансиите ги покриваме сами’’
,,Скопје има автобуски линии на секој половина час, но за жал сами си го покриваме делот за превоз’’
Дали студирањето на универзитетот е задоволително според твоите очекувања?
,,Од досегашното 5 годишно искуство и веќе при крај на студиите би кажала дека е задоволително. При повеќе дискусии со колеги и познаници кои студираат во други градови сметам дека кај нас се елиминирани непотребните часови кои се трошат при чекање во банка или на студентски прашања. Ми се допаѓа тоа што УГД функционира воглавно електронски. Среќна сум бидејќи не сум чекала ни една минута пред банка и не сум била нервозна ако згрешам цел на ознака или боја на уплатница’’ – вели Сара.
,,Да бидам искрена до сега не сум почувствувала некаков недостаток и каење, програмата на конкретно мојата насока е прилично добро организирана, па се надевам дека до крајот на студирањето ќе го имам истото мислење’’ – вели Михаела.
,,Задоволна сум, но крајот го краси делото’’ – вели Магдалена.
Што не ти се допаѓа на универзитетот каде што студираш?
Сара: ,,На почетокот ми беше проблем да се навикнам на кампусите. Секој факултет има одреден кампус за предавања и вежби, така што моравме да одиме од кампус 3 до текстилно, па некои денови и кампус 2, но сето тоа ни стана рутина и веќе сме навикнати да не има на повеќе места, но сега веќе се практикува предавањата да се на едно место.
Тука би го споменала проблемот за кој не успеав да најдам соодветно решение.
Јас сум од Прилеп и во овие години имав вистински проблем со превозот до Штип и назад. Пред се автобуските станици не ни даваа студентски попуст на билети со прикажан индекс, туку тоа важеше само за студентите кои студираат во Скопје. Полека влеговме во шема со возовите и покрај тоа што чекавме по 2 часа во Велес за прекачување и тоа до пред една година, а сега нема чекање бидејќи нема ни воз до Штип па така да еден проблем плус’’

Сара Јаковлеска
Михаела: ,,Верувам дека многу студенти ќе се пронајдат во овој одговор, но службата за студентски прашања не функционира баш најдобро. Има повеќе шалтери, работи само еден и во оваа време на корона ние сме многу студенти на едно место и никој не може да заврши работа во планираниот период’’
Магдалена: ,, Високите цени на образованието. Партиципација и останати трошоци кои ги нуди универзитетот’’
Поради високите стандарди на храна и основни намирници покрај универзитетските трошоци, студентите се сложни во едно, part time job односно работа со половина работно време или работа за време на студентскиот распуст во друга држава. Со ова студентите си обезбедуваат дополнителен буџет во текот на студиите.