Заштита на кожата од штетните ефекти на сонцето е од круцијално значење , а ова посебно доаѓа до израз ова лето, со честите и долги топлотни бранови.
Со тековните топлотни бранови и високите температури, од круцијално значење е заштитата на кожата од штетните ефекти на сонцето. УВ зрачењето е водечка причина за развивање на карцином на кожа, кој е во пораст во последните години. Според доц. д-р Мирела Василева, најбројни се пациентите со Базоцелуларен карцином кои се повозрасни, додека другите карциноми како Спиноцелуларен и Малигнен меланом се нешто поретко присутни, но нив почесто може да ги сретнеме кај помлади лица. Затоа, применувањето на заштита против сончевите зраци треба да прерасне во секојдневна навика.
„Задолжителна заштита од штетните ефекти на сонцето е редовно користење на креми со заштитен фактор. Два главни типа на креми за сончање се хемиски и минерални. И двата типа се ефективни и нудат заштита. Кога треба да одберете крема за сончање побарајте означена со „заштита со широк спектар“, која ќе ве заштити од УВА и УВБ. Кога станува збор за факторот за заштита од сонце (SPF), секогаш нека биде над 30. Друг начин на кој може да се заштитиме е избегнување на директно изложување на сонце и носење на шапка.“, вели доц. д-р Василева.
Кремите со заштитен фактор е потребно да се употребуваат уште од најрана возраст, т.е уште кај бебињата, иако не е препорачливо нивно сончање барем до 3 годишна возраст. Па, така и младите може слободно секојдневно да ги применуваат.
Иако, карциномот е најфаталната последица од УВ зрачењето, сепак не е и единствена. Пролонгираната експозиција на сонце може да доведе и до појава на хиперпигментации, преканцерозни промени како и побрзо стареење на кожата.
„Кај кожа постојано изложена на сонце постепено доаѓа до губење на колагенот, разлабавување на врската меѓу епидермот и дермот што води до опуштање и истенчување на кожата. Кога УВ зраците ја погодуваат кожата, тие ја оштетуваат нејзината ДНК, а клетките во дермисот се мешаат за да произведат меланин во епидермисот и за да се спречи понатамошно оштетување. Значи ја оштетуваат нејзината ДНК, меланоцитите интензивно произведуваат пигмент и овој процес го дава потемниот тен, а вcушност е начин на кој вашата кожа се обидува да го блокира зрачењето да продре во длабочината на кожата.“, вели доц. д-р Василева.
Генетиката и бојата на тенот секако играат улога во предиспозицијата. Индивидуите со посветол тен се почувствителни и поподложни на фотостареење и добивање на кожни промени вклучително и преканцерози и карцином на кожа. Затоа ризикот кај нив е и поголем, па користењето на заштитен фактор игра голема улога во спречување на појавата на овие промени. Кај лицата со потемен тен секако дека постои ризик, но овде најчеста промена која може да се сретне е мелазмата или појавата на кожни хиперпигментации, што ја прави кожа помалку ризична од добивање на сериозни оштетувања.
Топлотен бран во Македонија, ќе се заштитат ли ранливите групи?
Во текот на летните одморите, кај младите се актуелни и кремите за самопотемнување, како и помислата да се вратат исончани од одмор. Па, нив би ги радувало да слушнат дека користењето на кремите за самопотемнување се сосема во ред, сѐ додека се користи и препорачаната доза на кремите со заштитен фактор.
„Кремот за самопотемнување го потемнува само површинскиот слој на кожата кој пак постојано се обновува. Затоа овие креми имаат многу краток ефект од неколку дена и веднаш се губи со малку посилно триење. Нема никакви индикации дека овие креми може да ја оштетат кожата или да предизвикаат некои посериозни компликации.“, вели доц. д-р Василева.