ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
02.08.2024
Како се брани татковината? (Честит Илинден!)

…”Татковината се брани со книга, и со песната за небото, со сестринска солза и мајчина грижа, и со брашното во лебот”…

Август од секогаш важел за најтопол месец во годината, па не нѐ изненади и годинава. Топол, бериќетен, август настапи на сцената. Во овој месец сите бараат прибежиште од топлите денови, а нам родољубците баш во август ни е пролет во душата…
Дојде и големиот 2 Август, што како деца го доживувавме многу поинаку, подетски, поневино и погордо.
За 2 Август бев најгордото дете што постоеше, бидејќи дедо ми отсекогаш на посебен начин ми раскажуваше за Илинден и за комитите.

Да се навратиме наназад пред 121 година, во Македонија, токму на овој ден.
Замислете го топлото време… пекол.. луѓето со своите тешки чекори газат врз сувата трева низ ливадите и шумите. Со оружје во рацете чекаат да го нападнат непријателот, за да овозможат некаква си слобода за подобро утре, слобода за идни генерации, за да го сочуваат тоа парче земја, за да ја бранат татковината…

Како навистина се брани татковината?

Но, како навистина се брани татковината? Ако пред еден век се бранела со оружје, како ние денес да ја браниме таа татковина што ни остана?
Епа другари, татковината се брани со реката, и со рибата во водата, и со дрвјата што растат високо на слобода. Се брани со цвеќе, и со пчелата во цветот, и со оризот и грозјето, и со птиците во летот.

Магичен спој на историјата и уметноста на „Македониум“ (видео)


Татковината се брани со книга, и со песната за небото, со сестринска солза и мајчина грижа, и со брашното во лебот. Се брани со убавина, со чест и знаење. Татковината се брани со живот и со убаво воспитување.

Бранењето на татковината со оружје остана во минатото. Денес сопствената земја, држава се брани со ум, знаење и достоинство.
И не знам дали баш нешто од ова остана во нашата татковина, за да може да ја одбраниме, но, ние сме навикнати да си ја сакаме Македонија од далеку и да кажуваме дека таа е бисерот на Балканот.

Честит Илинден.

(Колумна на Даница Среткоска, студентка на Факултет за медицински науки – УГД Штип)

(Видео) Единствената уметница во Македонија која слика со уста
Студентски оброк, лажни соопштенија-ќе продолжат ли преговорите?