ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
27.02.2022
Како се пријавува испит на трите најголеми универзитети – УКИМ, УГД и УКЛО?

Образованието, особено Универзитетите беа најмногу погодени од потребата да најдат брзо виртуелно решение за предавањата и вежбите, но и за документациите и начинот на плаќање и пријавување на испити и упис на семестри.

Во спроведеното истражување од страна на Гоце.мк,  направивме една паралела за тоа како се одвиваа документацијата и плаќањата на Универзитетите “Гоце Делчев” во Штип, “Св. Кирил и Методиј” во Скопје и ”Св. Климент Охридски” во Битола.

Според анкетираните студенти, методот за плаќање на УГД се одвива целосно електронски, а додека на УКИМ и УКЛО се одвива хибридно. Што значи ова?

Метод на плаќање и пријава на УГД

Студентите на УГД својата документација ја средуваат исклучително по електронски пат. На платформата “е-индекс”, студентите освен прегледност на своите лични податоци и успех, ја имаат и опцијата “е-плаќање”. Таму се внесуваат приходните шифри во зависност од тоа дали се работи за пријава на семестар, испит или пак заверка и ја внесуваат потребната сума. Откако плаќањето успешно ќе се изврши, тие може да ја остварат првично посакуваната опција. Платформата нуди и посебни полиња за пријава на испити, упис или заверка на семестар и е навистина едноставно и прегледно. Анкетираните студенти велат дека ваквиот начин на плаќање и пријава им одзема 2 до 3 минути и се задоволни што ја имаат опцијата да ги прават овие работи од комфорот на својот дом во било кое време.

Изглед на Е-индекс на Универзитето во Штип

Метод на плаќање на УКИМ

Студентите од УКИМ, имаат малку поразлична приказна. Иако ја имаат опцијата да ги пријавуваат испитите и уписот на семестар електронски, сепак уплатата се одвива со физичко присуство. Откако ќе ја уплатат сумата на уплатници, студентите се евидентираат во “Студентски прашања” за уплатата и лично пополнуваат формулари и пријави, а потоа електронски на платформата “iknow” ги пријавуваат испитите и уписот на семестар. Ваквиот начин, според студентите, им одзема 30 до 40 минути, и некои од нив посакуваат да има опција целиот процес на уплата да се одвива електронски. Тие сметаат дека овие административни работи се непотребни и им одземаат многу време, но и финансиски средства.

Изглед на системот IKnow на УКИМ

Метод на плаќање на УКЛО

Начинот на плаќање на овој Универзитет, исто така се одвива преку платформата “iknow”. Студентите имаат опција за целосна уплата и пријава преку електронскиот систем откако претходно ќе се пополни задолжителната анкета за професорите. Сепак, за тековниот семестар, студентите велат дека има технички проблеми со оваа платформа, па биле приморани уплатата да ја вршат преку уплатници и евиденција во “Студентски прашања”. Методот со уплатниците, одзема повеќе време од електронското плаќање, па тие се надеваат дека платформата ќе биде повторно ставена во употреба.

Изглед на системот на УКЛО

Многу од анкетираните студенти се согласуваат дека повеќе им одговара опцијата за целосна дигитализација на уплатата и пријавите бидејќи значително им го заштедува времето. Тие се надеваат дека, дури и кога ќе се започне со физичко присуство, електронските опции за уплата ќе останат активни.

Казните за злосторства над девојчиња и жени мора да се повисоки
Здравствени политики за сите