ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
12.11.2021
Како семејството може да им помогне на оние кои доживеале сексуален напад?

Психолошкото влијание и траумата можат негативно да се одразат врз личност која доживеала сексуален напад или вознемирување. Од круцијална важност е да не се молчи за нападот и да се побара помош. Понекогаш, доколку станува збор за млада личност, отвореното зборување е многу тешко. Затоа, се консултиравме со Кристина Маркова, дипломиран едукатор по семејни студии.

Кристина Маркова

Според Маркова, траумата која ја доживува жртвата е еден од најголемите предизвици со кои таа се соочува, затоа најважен е пристапот на семејството како и комуникацијата и поддршката која треба да  се пружи.

Прочитајте и: (Анкета) Постои ли сексуално вознемирување во високото образование?

“Најнапред, доколку некој член од семејството забележи континуирана драстична промена во однесувањето на жртвата потребно е да се обиде да разговара со неа, создавајќи чувство на сигурност, доверба и доверливост. Голема е веројатноста дека жртвата нема веднаш да прифати да разговара отворено за ситуацијата поради големиот шок и неверување со кои се соочува. Секако, не треба да се инсистира или да се принудува на разговор во тој момент бидејќи тоа може да предизвика дополнителен стрес, срам и негодување кај жртвата. Откако жртвата ќе се почувствува подготвена да разговара за проблемот, важно е да биде внимателно ислушана и разбрана и да се преземат чекори за изнаоѓање на најдоброто решение, без притоа истата да биде изложена на дополнителни трауми. Ова е можеби и најтешкиот чекор, бидејќи во моментот на дознавање на вистината членовите на семејството се соочуваат со состојбата на шок и неверување, а истовремено треба да бидат поддршка на жртвата, да прикажат смиреност, трпеливост и свесност за ситуацијата.”, вели Маркова

Сепак, покрај хаотичните емоциите со кои се соочува жртвата, треба да се обрати внимание и на емоциите кои ги доживуваат членовите од семејството. Ненавременото реагирање во вакви случаи, може да ја наруши целокупната функционалност на семејната слика.

Photo by Rosie Sun on Unsplash

“Соочувањето со ваква ситуација може да доведе до нарушување на семејните односи. Тоа се случува поради меѓусебните обвинувања на родителите за настанатата ситуација, односно за “неспособноста” да го заштитат своето дете. Самите обвинувања доведуваат до развој на чувство на вина кај родителите и губење на меѓусебната доверба што води до дестабилизација на семејните односи. Покрај ова, како и кај жртвата, така и кај родителите може да се појави чувство на страв од осуда  и срам од етикетирање од страна на околината. Ова може да доведе до дистанцирање на односите на  членовите на семејството, живеење во дисхармонична средина, како и појава на недоверба помеѓу членовите.”, вели Маркова

Маркова посочи и дека во овие случаи, доколку навремено не се побара стручна помош за семејно советување, може да дојде до развод на брачните партнери кој секако, дополнително влијае на влошување на психолошката состојба со која се соочува детето, односно жртвата. Таа повика на кршење на стереотипите кои ги има општеството за семејното советување и навремено реагирање за да не дојде до фатални последици.

Науката открива: Дружењето навистина го продолжува животот
Македонските научници на едно место: Порталот „е-наука“ може да ти донесе меѓународна соработка, бизнис-партнери и финансирање