
Вкупно 297 потврдени случаи на голема кашлица се пријавени на територијата на Србија кај кои дијагнозата е поставена од почетокот на 2024 година, соопшти Институтот за јавно здравје на Србија повикувајќи се на податоци на Јавната здравствена служба заклучно со 4 февруари.
Големата кашлица е заразна болест. Светската здравствена организација (СЗО) проценува дека во 2014 година ширум светот имало приближно 24,1 милиони случаи. Во следните години, овој број брзо се намали благодарение на вакцините.
Од почетокот на 2024 година пријавени се два смртни случаја предизвикани од пертусис кај невакцинирани деца на возраст од два и пол и три месеци, се додава во соопштението од институтот во Србија.
Од вкупниот број пријавени случаи, 23 од нив се хоспитализирани, а најголем број хоспитализирани пациенти се во возрасната група помлади од 12 месеци.
Големата кашлица се пренесува преку бактеријата бордетела пертусис (Bordetella pertussis). Тоа е инфекција преку капки. Патогените се пренесуваат од едно на друго лице на растојание до еден метар при кашлање, кивање или дури и зборување.
Првите симптоми на болеста се слични на симптомите на настинка. Тие се појавуваат околу девет до десет дена по инфекцијата. Но, дури и пред да се појави типичната кашлица, заразените можат да бидат преносители на болеста, а тоа се случува брзо. Околу 70 до 80 проценти од оние кои доаѓаат во контакт со заразено лице – се заразуваат.
Најчесто се погодени доенчињата и малите деца.
Најчесто се погодени доенчињата и малите деца и тие се изложени на ризик. Заштита постои ако идната мајка е вакцинирана против голема кашлица. Вакцинацијата треба да се направи од 28-та недела од бременоста. Ваквата вакцинација може да го заштити доенчето од можна инфекција во првите недели од животот.
Голем број земји исто така препорачуваат вакцинација за време на бременоста. Тука спаѓаат на пример САД, Велика Британија, Белгија, Швајцарија, Холандија, како и Австралија и Аргентина.