ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
29.09.2024
Кардиоваскуларните болести се сѐ почести меѓу населението

Кардиоваскуларните болести се водечка причина за смрт во светот, а населението сѐ почесто се дијагностицира со овие заболувања. Иако, кардиоваскуларните заболувања почесто се среќаваат кај постарата популација, сепак и младите не се исклучени од дијагноза. По повод овогодинешниот светски ден на срцето кој се одбележува секоја година на 29 септември, со мотото “Користете го срцето за преземање на акција“ се дава важност за превенција и спречување на ризик факторите за овие заболувања.

 

„Најважни фактори на ризик во развивање на кардиоваскуларни заболувања и мозочен удар се нездрава исхрана, физичка неактивност, употреба на тутун и штетната употреба на алкохол. Меѓу факторите на ризик за животната средина, важен фактор е загадувањето на воздухот. Во изминатите 2 децении, забележана е висока застапеност на фактори на ризик за кардиоваскуларни болести, како што се дебелината, физичката неактивност и лошата исхрана, кај младите индивидуи кои живеат во развиените земји.“, вели Проф. д-р Гордана Камчева Михаилова.

Како најчест коморбидитет кој се среќава кај популацијата кај нас, но и во светот е коронарната срцева болест која ги опфаќа постарите. Додека кај младите пак често се среќава и задебелениот срцев мускул, наречена и хипертрофична кардиомиопатија – генетска состојба е најчеста причина за ненадејна срцева смрт кај нив.

Според Проф. д-р Камчева Михаилова, седум фактори играат важна улога во зачувување на кардиоваскуларното здравје

„Клучни фактори за превенција на иден кардиоваскуларен настан се: одржување на нормален индекс на телесна маса (БМИ), придржување до здрава исхрана, зголемена физичка активност, воздржување од пушење и одржување на нормален крвен притисок, вкупен холестерол и гликоза на гладно, без потреба од фармаколошки третман.“, вели Проф. д-р Камчева Михаилова.

Многупати се случува да се занемарат симптомите на кардиоваскуларните заболувања, особено кај младите , па истите не бараат помош на време. Навремено поставената дијагноза игра клучна улога во задржување на срцевото здравје.

Затоа Предупредувачки знаци и симптоми на срцеви заболувања за кои треба да се побара помош, според Проф. д-р Камчева Михаилова се:

–         Болка во градите

–         Скратен здив

–         Кашлање или отежнато дишење

–         Оток на нозете, глуждовите или стапалата

–         Слабо снабдување со крв на екстремитетите

–         Замор

–         Брзо или нерамномерно чукање на срцето (палпитации)

Од 1 до 30 октомври ќе може да се аплицира за продолжување на правото на студентска стипендија
Зошто САД се плашат од ТикТок?