
Отворен и кариерен ден одржа УГД на платото пред Ректоратот во штипско Ново Село, споделувајќи со средношколците и компаниите информации корисни за оние кои одлучуваат каде ќе се здобијат со високо образование.
Голем број на ученици од средните училишта од Македонија можеа да добијат информации од професорите и студентите на факултетите на УГД. Истовремено, на штандовите на четириесетина компании дознаа за можностите за работа по завршувањето на студиите. Организацијата на кариерниот ден беше на УГД во соработка со Стопанската комора и градот Штип.
На овој кариерен ден се обратија Ректорот на УГД проф. д-р Дејан Мираковски, градоначалникот на Штип Иван Јорданов, пoтпретседателката на Стопанската комора Јелисавета Георгиева Јовевска, и студентот Костадин Хубрев.
Награда за најдобар научник на Универзитет “Гоце Делчев” за 2023
Ректорот Мираковски рече дека настанот е можност студентите да ги истражат своите кариерни патишта, а идните студенти да добијат подетални информации за студиските програми. Додаде и дека Универзитетот станува атрактивен за целата држава, не само за регионот.
Јелисавета Георгиева – Јовевска од Стопанска комoра вели дека со вакви настани може да се задржи најважниот фактор што создава дополнителна вредност, а тоа е човечкиот капитал. Комората со години е вклучена во образованието, а сака и да делува со локалната заедница, заедно со општината Штип.
Тоа го потенцираше и градоначалникот Иван Јорданов, велејќи дека е значајно што Универзитетот и младите луѓе ја јакнат локалната економија. Сооред него, УГД е иднината на младите, на бизнис секторот и на општината.
Студентот на завршна година на Факултетот за медицински науки, Костадин Хубрев, рече дека УГД прави многу за студентите, меѓу другото и за конекцијата со компаниите и отворањето работни места за студентите.
Учениците присутни на Отвопрениот и кариерен ден потврдуваат дека одлуката за тоа каде ќе го продолжат образoванието многу зависи од тоа колку информации имаат за можностите кои ги нудат факултетите. Настанот на УГД им го овозможи токму тоа.