
Катар 2022 ќе биде првиот мундијал на кој ќе биде употребена висока технологија која оди чекор понапред во прецизноста на одлуката за офсајд во фудбалот.
Фото: Screenshot You Tube
ФИФА објави дека на Светското првенство во Катар ќе се користи полуавтоматска офсајд технологија, таканаречената SAOT.
Според ФИФА, оваа технологија е наменета да ги забрза и направи судиските одлуки посигурни.
Полуавтоматската офсајд технологија, тестирана во две конкуренции, овозможува во секое време да се одреди позицијата на играчот и топката, со што се олеснува откривањето на недозволена позиција.
За време на Светското првенство во Катар, новата технологија ќе користи 12 камери кои ќе бидат поставени под покривот на стадионот.
Тие камери ќе лоцираат 29 точки на телото на секој играч 50 пати во секунда, пресметувајќи ја нивната точна позиција на теренот.
Фото: Screenshot You Tube
Исто така, во внатрешноста на топката ќе биде поставен сензор кој ќе испраќа податоци до операционата сала 500 пати во секунда.
Специфичната ситуација на теренот потоа ќе биде проверена „рачно за неколку секунди“ од видео асистентите пред да го известат судијата на теренот.
За подобро да се разберат одлуките на судиите, потврдената офсајд одлука ќе биде емитувана во 3Д анимација на екраните на стадионот и во директен телевизиски пренос, соопшти ФИФА.
Ова е трето Светско првенство по ред каде ФИФА воведува нова технологија за помош на судиите.
Технологијата на гол линијата беше подготвена за турнирот во Бразил во 2014 година, додека ВАР технологијата беше воведена на Светското првенство во Русија четири години подоцна.