Казните за злосторства врз девојчиња и жени мора да бидат повисоки, инаку ја минимизираат вистинската тежина на овие дела.
Пресудата која Основниот Кривичен суд во Скопје ја донесе против 13 лица за трговија со дете, полов напад и силување, и производство и дистрибуција на детска порнографија е огромно разочарување и несоодветно ја рефлектира тежината на извршените дела. Овие дела не се само сериозно нарушување на правата на жртвата туку и директен напад врз основите на родовата еднаквост и заштита на децата, велат од Платформата за родова еднаквост.
Од таму велат дека изречените затворски казни под законски утврдениот минимум за вакви сериозни дела од организиран криминал „ја минимизираат правата тежина на овие дела и со тоа ја амнестираат кривичната одговорност на сторителите“.
„Ваквите ублажени казни, наместо да ги одвратат од сторување на исти или слични дела може да ги охрабрат мажите во иднина повторно да вршат вакви форми на родово базирано и сексуално насилство. Тривијализирањето на страдањето на жртвите и во јавноста праќа вознемирувачка порака за тоа како нашето општество ја вреднува безбедноста и добросостојбата на девојчињата и жените“, се вели во реакцијата на Платформата за родова еднаквост.
Според платформата која обединува повеќе организации, уште позагрижувачки е наративот на одбраната во судскиот случај кој индиректно ја обвини малолетната жртва, па според нив, фокусот, наместо на кривичните дела на вршителите, бил ставен на карактерот и минатото на жртвата кои биле посочени како причини што го оправдуваат нарушувањето на телесниот интегритет, безбедност и благосостојба.
„Ваквиот дискурс во јавноста само ги зајакнува опасните стереотипи, ја одржува системската дискриминација и може да ги обесхрабри другите жртви на насилство да бараат правда. Карактерот на жртвата не е составен дел на обележјето на кривичните дела и не може да биде аргумент за одбрана на сторителите на трговија со дете и силување. Нејзиното минато и личните околности не смеат да се користат за оправдување или намалување на злосторствата извршени против неа“, велат од Платформата за родова еднаквост.
Реагираат и на отсуството на отсуството на јавна реакција на Јавното обвинителство за организиран криминал и велат оти очекуваат Адвокатската комора, Судскиот совет и Советот на јавни обвинители да го следат случајот.
„Затоа, бараме одговорност за правните професионалци кои прибегнуваат кон неетичко обвинување на жртви, бидејќи тоа ги поткопува принципите на правда и еднаквост. Нашата платформа уште еднаш ја повторува посветеноста во залагањето за правата и достоинството на сите жртви на родово-базирано насилство“, стои во реакцијата на Платформата за родова еднаквост.
„Овој случај ја нагласува итната потреба од системски реформи, вклучително и построги казни за злосторства против девојчиња и жени“, додаваат од таму.