
Пред точно шест месеци Кочани и Македонија се разбудија во шок од трагедијата која однесе над 60 млади животи. Млади деца, кои излегле да се забавуваат и да поминат уште една саботна ноќ, не се вратија. Изгореа во оган или се задушија од гасовите кои ги вдишале во дискотеката „Пулс”.

Фото: МИА.МК
Една од помислите во тие моменти на шок и неверување беше, ако ова не нé натера да го мениме системот, за да не ни се случуваат вакви трагедии, тогаш ништо нема. Но, таа помисла почна да бледнее веќе десетина дена по трагедијата. Едноставно, како и бројните слични трагични случаи, кои беа последица на нефункционирање на системот, на пропусти во обезбедување и давање дозволи, на замижување пред реалноста, и овој стана предмет на политичка борба на политичките партии, на будење на најниското кај луѓето кога пристрасно коментираат.
Слушај ја колумната и со заклучен телефон:
И денеска, шест месеци после страшното утро на 16 март во Кочани, ситуацијата не е променета. Дневно политички третман на случајот, во јавноста перцепција дека правдата споро се спроведува, обвинителен акт кој се уште е на оценување, и засега не докрај јасно каде се бара вината.
Дали сите ние, заедно, почнувајќи од институциите, надлежните, па до секој граѓанин, сменивме нешто, за да не се повторуваат такви трагедии? Тоа е прашање кое не си го поставуваме, полесно ни е да се обвинуваме политички, да си ги браниме „нашите“, дури и да ги обвинуваме родителите зошто ги пуштиле малолетните деца да одат во дискотека. Небаре, тоа е најважното, а не тоа што биле во објект кој е се, само не објект по стандарди во него да се врши некаква дејност, во кој може да се собираат поголем број на луѓе, да се организираат настани.
Засилени инспекции, набавка на противпожарни апарати, што беше најзабележливата активности по трагедијата, нема да го решат проблемот. По се изгледа, подлабоки промени треба да има, посериозно зафаќање со пропустите кои ги имало досега, па многу објекти се потенцијална опасност, а поважен е профитот од безбедноста…
Политичките партии ќе ја водат својата борба – едните ќе се обидуваат да ја контролират штетата, другите ќе се обидуваат да поентираат дневно политички. А и едните и другите имаат моќ, нивни луѓе се во парламентот, носат закони, нивни луѓе се во институциите, можат да ги спроведуваат законите… Ама, некако не им оди тоа. Полесно е да се фрла прашина, да се замајува народот, да се бара вина секогаш кај другиот, никако кај себе.
До, недај боже, следниот случај, следна трагедија, следен шок кој ќе нé потсети дека грижејќи се за профит, за власт, за „нашите“ не за „вашите“, забораваме да се грижиме за сите. Пожарот во дискотеката не прашувал кое дете од која партија е, од која националност е, чие дете е…
Денеска со мирни собири во Скопје, Штип и Кочани ќе бидат одбележани шест месеци од трагедијата. Кога тогаш, ќе започне и судски процес – колку ќе најде виновници, колку ќе донесе правда, останува отворено прашање.
Ништо не може да ги надомеси загубените животи. Но, трагедијата требаше да нé разбуди, да се обидеме да менуваме нешта кои не ни функционираат добро. Дали нé разбуди?