ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
06.10.2023
Кои се и во кои научни подрачја работат најдобрите македонски научници од листата на Стенфорд универзитетот
Автор: Goce Author

Веќе шеста година по ред, академиците Љупчо Коцарев, Леонид Грчев, Ратко Јанев, Валентин Мирчески, професорот Рубин Гулабоски, како и професорите во пензија Иван Грозданов и Трајче Стафилов, се рангирани во групата на 2% највлијателни научници на сите времиња и од сите научни области. Оваа година, за прв пат на оваа листа е и професорот Кимет Јусуфи. Знаејќи дека интересот во Македонија за научните резултати на овие наши научници е многу мал, во оваа статија ќе претставиме мал дел од она што дел од нашите најдобри научници го работат и ќе прикажеме сегмент од нивниот научен пат.


АКАДЕМИК ЉУПЧО КОЦАРЕВ

 

Академик Љупчо Коцарев

Академик Љупчо Коцарев е роден на 25 февруари 1955 година во Скопје. Основно, средно и високо образование (Електротехнички факултет) завршил во родниот град. Магистрирал на Електротехничкиот факултет во Белград, а докторирал на Институтот за физика на Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Во периодите од 1985 до 1999 година и од 2007 до денес e вработен на Електротехничкиот факултет и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје. Од 1999 до 2016 година бил вработен на Универзитетот Калифорнија во Сан Диего, САД. Остварил студиски престои во САД, Германија, Италија, Унгарија, Шпанија и Јапонија. Во 2006 година е избран за fellow на IEEE (член на Друштвото на електроинженерите во САД).

Научниот интерес на Академик Љупчо Коцарев е широк, опфаќајќи повеќе подрачја од физика, техничките науки, и компјутерските науки: нелинеарна физика, комплексни системи и мрежи, електрични кола и системи, теорија на информации и криптографија, машинско учење, обработка на податоци и наука за податоци. Во период од 1986 година до денес Академик Љупчо Коцарев публикувал повеќе од 250 публикации во часописи со фактор на влијание, повеќе од 10 публикации во (меѓународни и домашни) часописи без фактор на влијание, и повеќе од 150 публикации во зборници на рецензирани трудови од (меѓународни и домашни) конференции. Тој бил едитор на 6 книги и автор на 6 патенти (одобрени во САД и/или Европа). Неговите публикации се цитирани според Web of Sceince (Science Citation Index) 10 000 пати, додека според Google Scholar тие се цитирани повеќе од 20 000 пати. Според статистиката што ја води издавачот Springer, вкупниот број на превземени (dowload) текстови од книгите кои ги едитирал Акад. Коцарев е 36500 (податоци заклучно со 2014 година). Академик Коцарев соработувал со истражувачи од многу земји вклучувајќи ги САД, Русија, Кина, Јапонија, Германија, Италија, Шпанија, Полска, Унгарија, Велика Британија, Австралија, Данска, Холандија, Франција, Канада, Мексико и многу други. Академик Љупчо Коцарев бил раководител на повеќе проекти финансирани од ЕУ (програмите ТЕМПУС, ФП6, ФП7 и Хоризон2020), САД (NSF, ONR, NIH), Германија (DFG), НАТО, компанијата ST Microelctronics и Универзитетот на Калифорнија во Сан Диего и Министерството за образование и наука на Република Македонија.За член на Македонската академија на науките и уметностите надвор од работниот состав е избран на 27 мај 2003, а за редовен член на 1 мај 2007 година.

Академик Коцарев главно работи во подрачјето на информатичките науки, автор е на 10тина книги и 10 патенти како и на повече од 250 научни публикации. Главните теории на академик Коцарев се поврзани со развој на теории на хаосот, теориии на невронски мрежи, а неговите тероии наоѓаат огромна практична примена во енергетските и телекомуникациските системи, како и во голем број на биолошки модели. Професор Коцарев е еден од најеминентните македонски научници на сите времиња, а негов дедо е познатиот онколог Анастас Коцарев, кој уште на почетокот на 20тиот век работел со Марија Кири на примена на радиотерапија во лекувањето на канцерогените заболувања. Тој е тековен претседател на Македонската Академија на Науките и Уметностите.


АКАДЕМИК РАТКО ЈАНЕВ

Академик Ратко Јанев

Акад. Ратко K. Јанев е роден во 1939 година во Сандански, Бугарија. Дипломирал на Електротехничкиот факултет (група Техничка физика) на Универзитетот во Белград во 1963 година. Постдипломските студии ги завршил во 1965 година на Природно-математичкиот факултет во Белград, a веднаш потоа се вработил во Институтот за нуклеарни науки „Борис Кидрич“ во Винча. Акад. Јанев бил на специјализација на Државниот универзитет во Ленинград, денешен Санкт Петербург (1966–1967), каде што работел на својата докторска дисертација на тема: „Процеси на електронскиот зафат во бавните атомски судири“, која ja одбранил во 1968 година на Природно-математичкиот факултет во Белград.

Акад. Ратко Јанев работи како научен советник во Институтот за нуклеарни науки „Борис Кидрич“ во Винча  до 1972 година, а потоа во Институтот за физика во Белград до 1987.  Во периодот од 1970–1973 држел предавања no атомска физика на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Во периодот од 1988 до 1999 акад. Јанев раководи со прогамите на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) во Виена за атомски и молекуларни податоци за истражувањата во контролираната термонуклеарна фузија.
Неговата обемна научна дејност ѓи опфаќа областите на општите и методолошките проблеми на квантната теорија на меѓучестичните заемни дејствувања, теоријата на заемнодејствијата и судирните процеси меѓу атомските честици, кинетичките и транспортните процеси во јонизираните средини, физиката на судирните процеси меѓу атомските честици и површината на цврстите тела, физиката на гасните ласери и физиката на контролираната термојадрена фузија. Особено значителни се придонесите на акад. Јанев во развитокот на асимптотската теорија на изменските заемнодејствија меѓу атомските честици и меѓу атомските чесици и цврстите површини, квантната динамика на судирните процеси на многократно наелектризираните јони со атомските честици, физиката на атомските процеси во густи, високотемпературски лабораторијски и астрофизички плазми, како и во магнетски и инерцијано конфинираните термонуклеарни плазми. Во последните години научниот интерес на акад. Јанев сé повеќе е насочен кон атомските и молекуларните процеси во раната фаза на еволуцијата на Вселената и галаксиите, како и кон процесите во компактните астрофизички обекти (последните фази во еволуцијата на звездите)
Акад. Јанев има објавено повеќе од 300 научни трудови. Тој е автор или со-автор на 7 монографии, на 27 ревијални статии во елитни меѓународни часописи, 12 глави во книги на други автори и едитор на 3 зборника на трудови од меѓународни научни собири.  Акад. Јанев    е држел уводни предавања на 35 меѓународни собири.
Како професор-по-покана акад. Јанев е држел предавања и курсеви лекции на повеќе универзитети во Европа (Парис, Бордо, Аархус, Стокхолм, Москва, Лондон, Дарам, Брисел, Лувен-ла-Нев), Америка (Боулдер, Ноксвил, Принстон), Јапонија (Нагоја, Кјото,Токио, Осака) и Кина (Пекинг, Шангхај, Сиан, Ченгду). Во текот на својата научна дејност акад. Јанев остварува долгогодишна научна соработка со врвни светски истражувачки институции: Париската обсерваторија во Медон, Физичкиот институт на Руската академија на науките во Москва, Курчатовскиот институт во Москва, Санкт-Петерсбугскиот иниверзитет, Лабораторијата за атомски судири при Католичкиот униврзитет во Лувен-ла-Нев, Белгија, Пристонската лабораторија за физика на плазмата, Националната лабораторија во Оук Ридж, Националниот институт за фузиона наука во Таџими, Јапонија, Истражувачкиот центар во Јулих, Германија, Институтот за применета физика и математика во Пекинг, Кина.
Заради својата репутација во научното општество во областа на атомската физика акад. Јанев е бил член на Советот за електронски и атомски судири на Европското физичко општество (1993-1997) во Оук Риџ и на Националната лабораторија за физика на плазмата во Принстон. Во 1979 година тој добива Homage oд Слободниот универзитет на Брисел, во 1982 тој е избран за член (Fellow) на Joint Institute for Laboratory Astrophysics во Боулдер, САД, а во 2004 тој ја добива престижната германска Хумболтова награда за истражувања во контролираната термонуклеарна фузија.
За член на Македонската академија на науките и уметностите, надвор од работниот состав, е избран на 7 октомври 1988 г., а за редовен член е избран на 16 октомври 2000 г. Академик Ратко Јанев почина на 31.12.2019 година.


АКАДЕМИК ЛЕОНИД ГРЧЕВ

Академик Леонид Грчев

Академик Леонид Грчев е роден на 28 април 1951 година во Скопје Во 1978 година дипломирал на Електротехничкиот факултет на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје. Во 1982 година ги завршил постдипломските студии на Електротехничкиот факултет на Универзитетот во Загреб, каде во 1986 година ги завршил и докторските студии и ја одбранил докторската дисертација.Во 1988 година акад. Леонид Грчев бил избран за доцент на Електротехничкиот факултет на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, во 1993 за вонреден професор и во 1997 година за редовен професор. Од 1989 до 1991 бил соработник и советник во водечката светска консултантска и софтверска фирма за безбедност во електроенергетски системи Safe Engineering Services and Technologies во Монтреал, Канада. Бил гостин-професор на Техничкиот универзитет во Ахен, Германија (во мај–јуни 1993 и јули 1995), на Универзитетот во Упсала, Шведска (во јуни 1995) и на Федералниот технички универзитет во Лозана, Швајцарија (во периодот јуни–јули 2002 и јули 2005 година). Во академската 2002–2003 година бил визитинг-професор на Техничкиот универзитет во Ајндховен, Холандија.

Акад. Леонид Грчев е автор и коавтор на повеќе од 300 научни и стручни трудови, при што на повеќето од половината од трудовите е прв автор. Неговите научни трудови според третираните проблеми можат да се класифицираат во следниве групи: развој на нов теоретски модел, негова практична примена и верификација со експерименти, во областите на анализата на брзите промени (транзиети) во големи и комплексни електрични системи со посебен акцент на влијанието на земјата, подобрување на заштитата од ефектите на атмосферските празнења, електромагнетна компатибилност и моделирање на атмосферски празнења. Трудовите се цитирани повеќе од 3000 пати

Еден од главните научни придонеси на акад. Леонид Грчев е развојот на досега најточниот модел за анализа на транзиентно електромагнетно однесување на комплексни системи во слоевити електрично спроводни средини. Оваа област на истражување станува сé поактуелна и поважна за понатамошниот развој на новите технологии, поради сè поголемата чувствителност на електронските системи на влијанијата од брзо променливото електромагнетно поле. Потребата од заштита на овие системи, кои се во основа на модерниот развој на информатичко комуникациската технологија, бараат сè поточни постапки за пресметка. Акад. Леонид Грчев го развил овој модел во сите елементи кои се потребни тој да биде широко применет во светот: ги поставил теоретските основи, развил ефикасни нумерички постапки, го верифицирал моделот по пат на споредба со експерименти, го проширил моделот за да опфати различни елементи на системите, го поврзал со постоечки стандарден софтвер за анализа на големи електрични системи и развил софтвер за интерактивна анализа. По долгогодишната работа на ова поле, акад. Леонид Грчев денес е прифатен во светската професионална научна заедница како основоположник на нова методологија и еден од лидерите во областа. Научните придонеси на акад. Леонид Грчев во научниот свет се прифатени како основна референца во областа, а нивното влијание е во постојан пораст – за што сведочи сè поголемиот број истражувачки групи во светот кои го применуваат и развиваат неговиот метод.

Академик Грчев е член на 7 комитети и меѓународни работни групи на CIGRE и CIRED – Париз и коавтор на 3 меѓународни препораки во областа на заштитата на електричните системи од електромагнетните влијанија, автор е на инженерски софтвер кој денес се применува во големи фирми во светот, какви што се, на пример, германскиот Siemens и францускиот EDF, како и реномирани универзитети во Европа, автор е на практични решенија за заштита од електромагнетни влијанија во Македонија, Германија и Холандија. Во 2013 година e избран за Fellow на IEEE (што претставува врвно признание на престижното најголемо светско техничко професионално здружение: Institute of Electrical and Electronics Engineers – IEEE), а во 2015 именуван е за IEEE PES Distinguished Lecturer (истакнат предавач во Здружението за електроенергетика на IEEE). Акад. Леонид Грчев бил раководител на повеќе од 50 стручно-апликативни проекти за решавање на практични проблеми на заштита од електромагнетни влијанија во телекомуникациски, електроенергетски и постројки за пригоден гас и нафта во Република Македонија.
За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 27 мај 2009 година.


АКАДЕМИК ВАЛЕНТИН МИРЧЕСКИ

Академик Валентин Мирчевски

ВАЛЕНТИН МИРЧЕСКИ е редовен професор на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, а е професор и на Факултетот за хемија при Универзитетот во Лоѓ, Полска. Роден е во Прилеп во 1966 година. Академската кариера ја започнал во 1992 година, како стручен соработник на Заводот за Општа и неорганска хемија. Докторирал на Природословно-математичкиот факултет во Загреб, Хрватска, во 1999 година, со тема од област на електрохемија, под менторство на д-р Миливој Ловриќ, кој е еден од водечките теоретичари на модерните електрохемиски техники. После докторирањето, избран од престижната научна фондација Александер фон Хумболт, заминал на постдокторски истражувачки престој во Германија, во групата на познатиот електро хемичар Фриц Шолц, на Универзитетот во Грајфсвалд.

Во фокусот на неговиот научен интерес е теоретско и експериментално изучување на електродни механизми и електродна кинетика со примена на пулсни волтаметриски техники, изучување на процеси на пренос на полнеж низ течни мембрани, електрохемија на биохемиски важни соединенија, електро катализа и електроанализа. Досега објавил повеќе од 170 научни трудови од кои повеќе од 140 трудови се објавени во меѓународни научни списанија со висок фактор на влијание. Според SCOPUS базата на податоци во периодот од 1994 до 2021 година неговите трудови вкупно се цитирани повеќе од 3500 пати, со вкупен фактор на влијание h = 33 (Hirsch – фактор). Според анализата на Стенфорд универзитетот објавена во 2018 до 2023 година, академик Мирчески е рангиран во редот на 2% највлијателни научници на глобално ниво.
Покрај тоа, Мирчески е прв автор на специјализирана монографија посветена на една од најнапредните електроаналитички техники (Square-wave voltammertry: theory and application, Valentin Mirčeski, Šebojka Komorsky Lovrić and Milivoj Lovrić, (Ed.) F. Scholz. Springer Verlag, Heidelberg, 2007), објавена по покана уредникот; учествувал и во подготовката на првиот речник за електрохемија (Dictionary of Electrochemistry, (Eds.) A.J. Bard, G. Inzlet, and F. Scholz, Springer Verlag, Heidelberg, 2008), а е коавтор и на поглавја во монографии за електрохемија на полски јазик.

Мирчески бил учесник во голем број проекти, а досега бил раководител или национален координатор на повеќе проекти, поддржани од германските фондации Александер фон Хумболт и DAAD, НАТО алијансата во рамките на програмата Наука за мир, CEEPUS и COST програмите на Европската Унија, Во 2018 година, со целосна финансиска поддршка на фондацијата Александер фон Хумболт организирал меѓународна научна манифестација насловена  „At the door of European Union: The role of the science and research for sustainable development of the Balkan region.“ Како резултат на неговиот меѓународен академски углед Мирчески во неколку наврати бил избран за гостин-истражувач на Универзитетите во Брест (Франција) во периодот од 2004 до 2006 година и бил визитинг професор на универзитетот во Лоѓ (Полска) во периодот од 2006 до 2021 година. Моментално е визитинг истражувач на Универзитетот во Лоѓ.

Академик Мирчески е истражувач со исклучително развиена меѓународна соработка што се гледа од проектната соработка и од научните трудови објавените со 129 коавтори, од кои најголем дел се реномирани истражувачи од академски институции ширум Европа. Во периодот од 1995 година досега, континуирано остварувал научноистражувачки престои во голем број земји. Моментално соработува со водечки истражувачки групи од областа на електро аналитичката хемија, како што е на пример групата на професорот Ричард Комптон од Универзитетот во Оксфорд.

Валентин Мирчески е добитник на неколку домашни и меѓународни награди. Во 2006 година, Француското хемиско друштво и Европската асоцијација за електро аналитичка хемија му ја доделила наградата “ESEAC 2006 Young Investigator Award”, за најдобар истражувач на возраст до 40 години и особен придонес во областа на електро аналитичката хемија на меѓународниот конгрес за електро аналитичка хемија што се одржал Бордо, Франција. Во 2008 година ја добил државната награда „Гоце Делчев“ за особен придонес во развојот на науката на Република Македонија. Во 2018 година  добил посебно одликување на Универзитетот во Лоѓ (Полска), „Medal Universitatis Lodziensis Amico“ заради долгорочната соработка и плодната научна публицистика, а во 2021 година бил избран за најуспешен истражувач од подрачјето на природно-математичките науки за 2020 година на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Моментално со членовите од неговата група работата на дизајнирање на волтаметриски сензори за детекција на аналити во физиолошки примероци, во дизајнирањето на сензори за електрохемиска детекција на експлозиви, во развојот на теории на нови електрохемиски техники, како и во подрачјето на теоретска и експериментална ензиматска волтаметрија. Од групата на академик Мирчески се излезени голем број на млади електрохемичари што успешно работат во најголем дел на универзитети надвор од Македонија. Во 2022 година, професор Мирчески е избран за дописен член на Македонската Академија на Науките и Уметностите.


РУБИН ГУЛАБОСКИ

Професор Рубин Гулабоски е роден во Прилеп, каде го завршил неговото основно и средно образование, ередовен професор на Факултетот за медицински науки при Универзитетот Гоце Делчев во Штип, каде работи од 2009 година. Професор Гулабоски дипломирал и магистрирал на институтот за Хемија при ПМФ Скопје под менторство на академик Валентин Мирчески. Во 2001 година станува прв студент од Македонија што добил стипендија на најголемата фондација ДААД за реализациа на докторски студии во Германија. Докторската работа на тема Студија на трансфер на јони со трифазна електрода под менторство на светски познатиот електрохемичар проф Фриц Шолц ја работи на Универзитетот во Грајфсвалд, Германија во периодот од 2001 до 2004 година. Успешно ја брани докторската теза во јуни 2004 година и се стекнува со звање Доктор по природни науки-Хемија. Во август 2004 година добива стипендија за постдокторски студии на универзитетот во Порто, Португалија.

Од октомври 2004 година до јануари 2008 година реализира прв постдокторски престој на Природно математичкиот факултет на Универзитетот во Порто, Португалија, каде работи во подрачјето на молекуларно динамички студии и електрохемиски студии за транспортот на јони низ граница на две немешливи течности. Во 2008 година добива стипендија за постдокторски студии од најпрестижната научна фондација Александар фон Хумболт од Германија и од март 2008 до септември 2009 година реализира втор постдокторски престој на Медицинскиот факултет во Хомбург при универзитетот Сарланд во Германија под менторство на професорот Маркус Хот.

Во септември 2009 година е избран за вонреден професор на Универзитетот Гоце Делчев во Штип. Од 2013 година до 2019 година ја врши функцијата декан на факултетот за медицински науки при УГД Штип во два мандати. Автор е на повеќе од 100 оригинални научни трудови публикувани во списанија со импакт фактор, три монографии публикувани од издавачката куќа Спрингер, а е еден од авторите што учествуваат во реализацијата на двете изданија на Електрохемискиот речник издаден исто така од издавачката куќа Спрингер. Автор е на еден патент и една иновација во Германија. Неговата научноистражувачка работа е фокусирана на неколку области од полето на електрохемијата. Покрај теоретското моделирање на разни ензимски реакции во услови на квадратно бранова и циклична волтаметрија, во фокусот на неговиот научен интерес е и испитување на својствата на важни соединенија од фамилијата на коензим Q, како и испитувањето на својствата и интеракциите на лекови и физиолошки активни супстанци. Неговите трудови се цитирани повеќе од 3000 пати (според Scopus), во повеќе од 1500 трудови публикувани од други автори. На рангирањето на универзитетот Stanford, во периодот од 2018 до 2023 година, професор Гулабоски е рангиран во 2% највлијателни светски научници на сите времиња и од сите научни области. Покрај тоа, името на проф. Гулабоски се наоѓа и во поединечните листи за најцитирани 2% научници во 2020, 2021 и 2022 година.

Добитник е на голем број интернационални награди и признанија, а е единствениот научник од Македонија што е добитник на две најпрестижни стипендии од фондациите DAAD и Alexander von Humboldt. Учествувал во реализација на 30тина интернационални проекти, престојувал на повеќе од 20 европски универзитети, а активно соработува со повеќе од 150 научници од 30 земји од сите континенти. Бил рецензент на повеќе од 1000 трудови поднесени во повеќе од 80 научни списанија, а е член во уредувачки одбор на 6 интернационални списанија. Автор е и на еден интернационален патент поврзан со синтеза на нови соединенија што се деривати на соединението Coenzyme Q10. Заедно со академик Валентин Мирчески и со група научници од Универзитетот во Саарланд (Германија ) и од Институтот за Хемија при ПМФ во Скопје имаат објавено трудови во кои се покажани нови важни функции на соединението Coenzyme Q10 (соединение за чија функција во синџирот на добивање на енергија е доделена Нобелова награда во 1979 година) и претставени се експерименти во кои имплицитно се покажува како доаѓа до губење на енергијата од човечкото тело според дотогаш непознат механизам.

Соработува и учел електрохемија со некои од најпознатите светски електрохемичари како Fritz Scholz, Valentin Mirceski, Milivoj Lovric, Hubert Girault, Carlos Pereira, Antonio Silva, а активна соработка има и со професорот Иван Богески, кој е професор на Медицинскиот факултет при Универзитетот во Гетинген (Германија), кој е универзитет со најголем број на добитници на Нобелова награда од област на Физика, Хемија и Медицина во Европа. Од 2009 година, Рубин Гулабоски е професор на универзитетот Гоце Делчев во Штип.


КИМЕТ ЈУСУФИ

проф. д-р Кимет Јусуфи

Гостиварчанецот Кимет Јусуфи е „младиот Ајнштајн“ и еден од најталентираните научници од областа на теоретската физика на светско ниво. Гостиварчанецот Кимет Јусуфи добитник на наградата „Успешни млади“ од претседателот на Македонија во 2020 година, како научник со негови 30тина година уште тогаш беше етаблиран научник во светски размери. Докторирал на Институтот за Физика при Природно-математички факултет на УКИМ Скопје, а работи како професор на Природно-математичкиот факултет на Државниот Универзитет во Тетово.

Кимет Јусуфи работи во подрачјето на теоретската физика (квантната механика), а неговите работи се поврзани со развој на теории поврзани со феномените на црните дупки. Кимет Јусуфи во оваа 2023 година за прв пат е рангиран во листата на највлијателни 2% научници на сите времиња, иако е научник што е во неговите 30ти години и е еден од научниците што најбрзо е рангиран на оваа светски најпозната листа на највлијателни научници. Веќе има публикувано повеќе од 90 научни публикации, кои се публикувани и цитирани повеќе од 3000 пати од некои од најпознатите светски физичари што работат во подрачјето на квантната механика. Доколку продолжи со науката со која што се занимава и доколку се приклучи кон светски познати групи и институции што работата на проблеми од неговото подрачје на интерес, Кимет Јусуфи ќе биде несомнено еден од кандидатите за добивање на Нобелова награда за физика во иднина. Кимет Јусуфи е еден од младите научници со кои Македонија може да се гордее, а за неговите успеси допрва ќе се слушне.

Овој прилог во goce.mk со постигнувањата и животниот пат на некои од македонските најдобри научници нека биде мотивација за сите млади научници да го следат патот на овие наши светски признати научни работници.


(во подготовката на оваа статија, користени се делумно и податоци за академиците што се јавно достапни на страната на МАНУ)

Македонците јадат 2,5 пати повеќе сол од препорачаното
Професорка по имунологија одговара дали е возможно да имаме колективен имунитет без вакцинирање на децата?