ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
16.03.2025
Кокичиња пред тркало од камион – тоа ти е животот

Некои утра носат светлина, а некои само темнина. Денес беше едно од тие утра кога сонцето изгреа залудно, кога светот продолжи да се врти, но сè во него е во место.

Денес, Македонија брои изгубени животи. Педесет и девет. Не, не бројки. Луѓе. Имиња. Насмевки. Синови и ќерки. Пријатели. Љубови. Млади души што требаше да живеат.

Животот не прашува дали е прерано. Не застанува да даде шанса за збогум. Не чека да му кажеш на некој колку ти значи. Само удира. Како тркало што врти безмилосно, рушејќи сè на својот пат.

Денес, мајки и татковци останаа без своите деца. Домови опустеа. Срца се скршија. И како да се пронајде смислата во оваа неправда? Како да се продолжи понатаму кога секој здив боли?

Колку соништа згаснаа во еден миг? Колку зборови останаа неизречени? Колку чекори никогаш повеќе нема да одекнат во домовите? Некоја мајка денес чува јакна што нема кој да ја облече. Некој татко гледа во вратата, надевајќи се дека сè е само страшен сон. Некој телефон ѕвони, но никој не се јавува.

Животот ќе продолжи, но болката не смее да биде заменета со молк и заборав

И што сега? Ќе зборуваме, ќе тагуваме, ќе палиме свеќи, ќе ветуваме дека ова не смее да се повтори. Но животот ќе продолжи. Светот нема да запре. Ќе минуваат денови, недели, месеци… и страв ми е.

Страв ми е дека болката ќе биде заменета со молк, со заборав.

Но, како да ги заборавиме? Како да прифатиме дека ова беше „само уште една трагедија“? Не, овие животи не смеат да станат само вести што утре ќе ги покријат нови. Овие имиња не смеат да бидат изгубени во времето.

Вечерва, земјата ни е натопена со солзи. Болката ни тежи на градите. Ова е неправда што нема лек. Загуба што нема утеха. Нема збор, нема прегратка, нема време што ќе ја пополни оваа празнина.

И знам дека животот ќе продолжи. Како тркало што не запира. И едно знам сигурно – педесет и девет срца згаснаа, но ако ги заборавиме, тогаш навистина сме изгубени. Ако дозволиме нивните имиња да исчезнат, тогаш не само што животот бил суров – и ние сме.

Вечерва, нека молкот биде гласен. За нив. За кокичињата што никогаш нема да ја дочекаат пролетта…

Женскиот економски форум: Настан посветен на финансиската писменост и заштита од измами
Граѓаните се сомничави кон медиумите, но не ги проверуваат