Во време кога светот ни е на дофат преку екраните, парадоксално се зголемува чувството на изолација и несигурност кај младите. FOMO (Fear of Missing Out) или „страв од пропуштање“ е феномен кој ја дефинира современата младост, креирајќи континуиран притисок да се биде присутен и актуелен на секој можен настан. Оваа психолошка состојба, поттикната од постојаното изложување на идеализирани слики и искуства на социјалните мрежи, оставa длабоки последици врз менталното здравје на младите луѓе.
Платформи како Instagram, TikTok и Facebook им овозможуваат на корисниците да споделуваат моменти од својот живот, но тоа е селективна верзија на реалноста. Она што младите често го гледаат се совршено едитирани фотографии, моменти на среќа и успех, што кај многумина создава чувство дека нивниот живот е „недоволен“ или „помалку значаен“ во споредба со туѓиот. Споредбата станува навика, а таа навика води кон намалена самодоверба и зголемен стрес.
FOMO поттикнува континуирана потреба за проверување на известувања и следење на содржини, стравувајќи дека секој пропуштен момент значи загубена шанса-било тоа да е интересен настан, нова вест или социјална интеракција.
Оваа состојба не само што предизвикува емоционална нестабилност, туку може да биде и причина за анксиозност и депресија. Стравот дека се пропушта нешто води до напнати мисли, кои понекогаш резултираат со хроничен замор и неможност за фокусирање на секојдневните обврски. Ефектот е толку силен што младите сѐ почесто се чувствуваат истоштени и незадоволни, дури и кога нема реална причина за тоа.
Според истражувањата, многу млади кои страдаат од “стравот на пропуштање” развиваат и нарушувања на спиењето, бидејќи го користат времето пред спиење за проверка на социјалните мрежи, што го нарушува сонот и го зголемува стресот.
Првиот чекор кон надминување на FOMO е свесноста дека никој живот не е совршен како што се прикажува на интернет. Реалноста е комплицирана и исполнета со предизвици, и токму во тие моменти на несовршеност е вистинската убавина на животот.
Практикувањето на дигитален детокс, односно ограничување на времето поминато на социјалните мрежи, може да биде корисно. Исто така, развојот на хобија и активности кои носат задоволство во реалниот живот, без потреба тие да бидат документирани на интернет, помагаат да се врати чувството на исполнетост. Фокусот на личниот напредок, наместо споредбата со другите, ја гради самодовербата и го намалува притисокот од виртуелниот свет.
FOMO е симптом на современиот свет во кој живееме, но не мора да биде доминантен елемент во животот на младите. Најважно е да сфатиме дека вредноста на еден живот не се мери според „лајкови“ и настани, туку според личните искуства и моменти на задоволство кои ги создава секој од нас. Живеењето во сегашниот момент, без постојаната потреба да се биде „насекаде“, е првиот чекор кон емоционална слобода и ментален мир.