Секоја година во Македонија, околу 30 до 40 деца добиваат дијагноза на карцином. Овие деца и нивните семејства одеднаш се соочуваат со нова реалност, полна со стравови, неизвесност и емоционален товар. Болест која не го избира времето, ниту возраста, го тестира не само здравствениот систем, туку и капацитетот на општеството за емпатија и поддршка. Зад секоја бројка стои дете со свои соништа, родители со стравови и неизвесност, и општество кое мора да направи повеќе.
Колумна
Кога ќе се спомене детски карцином, првата мисла е веднаш насочена кон здравствениот систем – дали тој има капацитет да одговори на ваквите предизвици?
Иако Македонија прави чекори напред во дијагностиката и третманот на детскиот карцином, се соочуваме со предизвици кои бараат итни решенија. Достапноста на современи третмани и медицинска опрема не е секогаш на потребното ниво. Онколошките одделенија во земјата се оптоварени со ограничени ресурси, што значи дека не секогаш може да се одговори со најсовремените методи на лекување.
Воедно, едно од поголемите прашања е одливот на медицински кадар, особено на специјалисти во областа на онкологијата. Многу семејства одлучуваат да побараат третман надвор од државата, свесни дека модерните терапии се попристапни во странство. Овој чекор е одраз на потребата за подобрување на нашето здравство и за создавање услови каде што секое дете ќе добие соодветна и правовремена грижа.
Детето кое се соочува со рак не минува низ битката само физички. Секој ден се буди со страв, прашувајќи се како ќе изгледа утрешниот ден. Но, оваа борба не е само негова. Родителите, блиските, и целото семејство се соочуваат со емоционални и психолошки предизвици кои бараат внимание. И покрај тоа, психолошката поддршка за овие семејства често е занемарена или недоволно достапна во нашата земја.
Психолозите кои работат со деца со карцином знаат дека емоционалната состојба на детето може да има големо влијание врз исходот на лекувањето. Ова значи дека психолошката поддршка треба да биде составен дел од третманот, исто како хемотерапијата или операциите. Меѓутоа, во Македонија, ваквата поддршка е ограничена, и многу семејства остануваат без потребната помош.
Кога ќе се појави случај на дете заболено од рак, често гледаме иницијативи за донации и финансиска помош, но она што недостига е трајна општествена солидарност како и помош од државата и институциите. Секое дете со карцином заслужува поддршка не само од неговото потесно опкружување, туку и од целата заедница.
Затоа не ги учете вашите дечиња да прашуваат зошто одредено дете има модринки на телото, зошто носи канила, зошто нема коса и веѓи, зошто другарчето од училиште секојдневно носи капа и ред други работи. Напротив, учете ги да се сакаат такви кави што се.
Здравствената битка е само еден дел од процесот – поддршката од општеството е исто толку важна за детето и неговото семејство.
Свеста за детскиот карцином во Македонија мора да се зголеми. Не смееме да чекаме на трагични случаи за да почнеме да зборуваме за проблемите и потребите. Треба да се работи на едукација на јавноста, креирање програми за поддршка на семејствата, и обезбедување на пристап до современи методи на лекување, без оглед на социо-економскиот статус на пациентите.
Детскиот карцином е најтешката борба што може да ја замислиме. Но, покрај медицинските третмани и поддршката од семејството и општеството, најважното нешто што останува е надежта. Во Македонија има многу успешни приказни за деца кои ја победиле болеста, благодарение на својата упорност, медицинскиот тим и поддршката од најблиските. Тие деца се хероите на нашето време. Но, за тие приказни да станат правило, а не исклучок, мора да продолжиме да се бориме. Борбата за подобри здравствени услуги, поголема емпатија и поддршка од заедницата е клучна. Со секој чекор напред, даваме надеж не само на децата што се борат со карцином, туку и на идните генерации.Карциномот кај децата е борба која не ја водат само тие и нивните семејства – тоа е борба на целото општество. Секое дете заслужува шанса за живот, шанса за иднина полна со радост и можности. Нашата должност е да го поддржиме тоа патување, да обезбедиме ресурси и да создадеме општество кое вистински се грижи. Само така ќе можеме да им дадеме на овие млади херои она што најмногу им треба – надеж за подобро утре.
Автор на текстот е Даница Среткоска, студентка на Факултетот за медицински науки на УГД