ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
08.09.2024
Колумна: Македонијо, уште колку родендени ти останаа?

По повод Денот на независноста на Македонија ви пренесуваме колумна од студентката Даница Среткоска од Факултетот за медицински науки и соработничка на гоце.мк.  


„За држава треба цар, даскали, доктори, писари, вели војводата, а ти имаш само болви и болвосерки. Македонија е само едно големо буниште, вели војводата.”
И не, споменативе зборови не ги кажувам јас, тие се запишани во книгата Пиреј на Петре М.Андреевски (истата онаа книга која го содржи омилениот цитат на сите Македонци “племето наше е пиреј…”), ама за жал совршено се вклопуваат во ова наше современо време на една современа држава.

Македонијо, ти одамна немаш цар. Ти помина времето за тоа. Арно ама, немаш ни учители, ни доктори, ни писатели. Односно имаше, ама ете ги на аеродромите, ти мафтаат до следно видување и одат да градат туѓи држави. Годинава значително ти се намали бројот на иднината што требаше да те гради, а оваа што остана полека се исцрпува од закрпување на твоите дупки во сите сфери од твоето тело, бидејќи бие промаја од секаде.

И еве Македонијо, како еден потенцијален градител на твојата иднина, за твојот 33 роденден, за жал имам да ти соопштам една неубава вест: татковино ти патиш од инфекција, кој доведува до оштетување на ткивата, и откажување на органите, но не се најде јунак да ти каже кој е предизвикувачот. И најверојатно ќе починеш од сепса како одговор на инфекцијата што ти го преплави целиот организам, при што не доведува до излекување туку до пропаѓање на ткивото, односно на твојот народ не му дозволува да расте во тебе. И по моја некоја си проценка, ти остануваат уште околу 10 години живот, не тераш долго со оваа состојба.

Епа Македонијо, сакам да ти честитам роденден, ама како? Како да ти честитам, кога секоја година си се’ помалкубројна и со се’ помалку деца?

Да ги собереме честитките за роденденот од дијаспората, и оние во државава, ќе согледаме дека Македонија е надвор од границите на државата Македонија.

Како да ти честитам кога не си истата? Кога реките ти се загадени, шумите испосечени, патиштата со дупки, а природните богатства ти се осиромашија? Сакам, ама јазиков не ми изговара, зашто пред неколку денови излезе статистиката за твојата отселена иднина.

Иднината на другите држави се качи на месечината, а твојава уште се дави да докаже кој те создал, како се викаш, и на каков јазик зборуваш, иако е се’ докажано.

Како да ти честитам кога над тебе висат демони и не те оставаат на раат?

Оф татковино, моја Македонијо… ти се гледа крајот, ама еве ти ветувам, каде и да сум ќе те спомнувам на овој ден. Среќен ти роденден додека си се’ уште тука.

(ВИДЕО) Зошто Сашка Цветковска и ИРЛ одлучија да го истражуваат криминалот на олигарсите?
(Видео) Бојана Кацарова, студент на генерација: “Кога се работи со љубов и посветеност, успехот е неизбежен”