15 септември е меѓународен ден на демократијата.
Колумна
Демократијата е збор што често се споменува како синоним за правда и слобода. Се смета за највисока форма на општествено уредување, каде гласот на народот е водилка, а секој граѓанин има право да одлучува за иднината на својата држава. Но, дали навистина денес го применуваме тоа што демократијата го ветува или нејзината идеална форма постои само на хартија?
Во основата на демократијата лежат неколку клучни принципи: владеење на правото, поделба на власта, слобода на говор и право на глас. Овие вредности се темели на секое демократско општество.
Меѓутоа, реалноста на едно демократско општество често е контрадикторна на демократијата. Иако граѓаните наводно имаат можност да учествуваат во процесот на донесување одлуки, се поставува прашањето колку од тие одлуки навистина ги одразуваат интересите на обичниот човек.
Во многу држави со демократско уредување, граѓаните гласаат за претставници кои треба да ги застапуваат нивните интереси. Претставничката демократија (власта), како доминантна форма, им овозможува на политичарите да донесуваат закони и да управуваат со државата во име на народот. Но, колку пати сме виделе како тие претставници, еднаш избрани, ги ставаат настрана интересите на народот и почнуваат да ги следат своите лични или партиски агенди? Тоа создава чувство на разочарување и недоверба во самиот систем.
Иако демократските институции постојат, вистинската моќ често е во рацете на мала група влијателни луѓе кои ја контролираат јавната агенда и, преку манипулација на информациите, влијаат на тоа како гласачите ги донесуваат своите одлуки. Во ваков контекст, демократијата станува небулоза, а слободниот избор и правото на глас се сведуваат на илузија.
Сепак, не можеме целосно да ја отфрлиме демократијата како концепт. Како општествено уредување, таа сè уште останува најдобриот начин за гарантирање на човековите права, заштита на малцинствата и обезбедување на слободата на изразување. Она што е потребно е реформа на демократијата, враќање на основните принципи и вредности врз кои таа се темели.
Еден од начините да се подобри демократскиот процес е преку зголемено учество на граѓаните. Потребно е да се поттикне култура на активна политичка свест и ангажираност, каде граѓаните не само што ќе гласаат на избори, туку постојано ќе бидат вклучени во процесите на донесување одлуки. Исто така, потребно е поголема транспарентност и одговорност од страна на политичарите и институциите. Граѓаните треба да имаат пристап до информации и алатки со кои ќе можат да ги следат и оценуваат активностите на своите претставници.
Демократијата не е совршен систем, но таа претставува основа за слободно и праведно општество. Од нас зависи дали ќе ја зајакнеме и ќе ја направиме поефективна или ќе дозволиме да стане само празен збор.
Прашањето “Кој треба да владее?” не е поим за демократија. Доволно е ако лошата власт може да се отповика. Ете тоа е демократија.
Текстот е колумна на студентката по медицински науки на УГД и соработничка на Гоце.мк, Даница Среткоска