ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
11.12.2025
Конференција „е-општество.мк“ – предизвици на дигиталната ера
Автор: Goce Author

Во Скопје се одржа 21 издание на меѓународна конференција е-општество.мк, на тема „Интегритетот во сржта на дигиталната трансформација“.

Интегритетот е услов за вистинска дигитална трансформација, која не вреди ако граѓаните и натаму чекаат услуга во редица на шалтер. Ова беше само една од поентите изнесени на конференцијата. Настанот, организиран од Фондацијата Метаморфозис, ја обедини домашната и меѓународната експертска заедница, медиумите, институциите и дипломатските претставници, за да се разгледаат предизвиците и можностите што ги носи новата дигитална ера.

Годинашната конференција ја отвори извршниот директор на Метаморфозис, Бардил Јашари, кој истакна дека дигиталната трансформација не смее да се разбере само како технолошки процес, туку како суштинска општествена промена во која интегритетот игра клучна улога.

„Кога ја избравме темата на оваа конференција, имавме предвид три димензии. Прво, институционалниот интегритет. Второ е човечкиот пристап кон вештачката интелигенција (ВИ). Мора да се запрашаме: дали системите се дизајнирани имајќи ги човековите права предвид? Или тие стануваат црни кутии? Интегритетот во ВИ значи транспарентност и фер алгоритми.

Третиот аспект е човечкиот интегритет, отпорноста на граѓаните кон дезинформации и способноста за критичко размислување. Дигиталната трансформација мора да значи подобар живот, услуги без редици и без страв од злоупотреба на податоците и без бескрајни бирократски чекори. Ако тоа не го добиваме, тогаш не сме трансформирале ништо, само сме додале дигитален слој врз неефикасноста“, истакна директорот Јашари во своето воведно обраќање.

Конференција која ги обедини факторите во борбата со предизвиците на дигиталната ера

Тој упати јасен повик до институциите, до меѓународната заедница и до граѓанското општество, заеднички да се гради дигитално општество во кое технологијата служи на човечкото достоинство, а интегритетот е водечко начело во секоја реформа.

Фото: Ванчо Џамбаски

„Мојот денешен повик до институциите: Да ги претвориме стратегиите во конкретни реформи. Да работиме заедно, да ги отвориме вратите за вистинско партнерство и да ги направиме услугите функционални за граѓаните. До меѓународната заедница: Продолжете да нè држите на високи стандарди. Помогнете ни да се интегрираме во механизми како Democracy Shield, не како пасивни приматели, туку како активни партнери.

Поддржете нè во одржувањето, користењето и ширењето, не само на експертизата, туку и на демократскиот потенцијал што помогнавте да се изгради во граѓанскиот сектор. До граѓанското општество: Да продолжиме да се вклучуваме во креирање политики. Граѓаните да ги едуцираме и информираме за технологијата, за предизвиците и придобивките. Да бидеме чувари на интегритетот. Кога ќе се навратиме на оваа дигитална ера, да не видиме само дека сме купиле нови компјутери или смартфони.

Да видиме дека сме изградиле општество каде технологијата му служи на човечкото достоинство, каде услугите се ефикасни и каде интегритетот не е само цел, туку водечко начело во сè што правиме“, рече Јашари.

Дигиталната трансформација не е само технолошки процес

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, во своето обраќање како дел од свеченото отварање, истакна дека дигиталната трансформација е длабока општествена промена што ќе донесе нови можности за граѓаните и бизнисите, но само ако е заснована врз владеење на правото и човековите права.

Фото: Ванчо Џамбаски

„Дигиталната трансформација е длабоко општествена промена, која може да донесе поефикасни услуги за граѓаните и нови можности за водење бизнис. Но, без владеење на право и почитување на човековите права, таа може да стане алатка за дискриминација и манипулација. Потребно е да изградиме модерно и безбедно и инклузивно дигитално општество, кое ќе им служи на граѓаните.

Интегиртетот на институциите е важен и треба да е во служба на граѓаните и на компаниите. Според последните бројки, зголемен е бројот на граѓани кои го користат порталот е-услуги. Тој овозможува да им бидат на дофат услугите на нивниот смартфон, без чекање на шалтер“, истакна Андоновски.

На отворањето на Конференцијата се обрати и Заменик-амбасадорот на Делегацијата на ЕУ, Бен Нупнау. Тој потсети дека интегритетот и човековите права се клучни за успешна дигитална трансформација и дека Македонија веќе активно учествува во европските иницијативи во ова поле.

Конференцијата потсети дека дигиталната трансформација е длабока општествена промена

Амбасадорот на Франција, Кристоф Ле Риголер, потсети дека борбата против дезинформации е еден од врвните приоритети на француската надворешна политика.

Советничката за регионална стабилност од Амбасадата на Кралството Холандија, Јантине Бакел, предупреди дека светот е преплавен со дезинформации од домашни и странски актери, што доведува до ерозија на интегритетот на информациите и затоа според неа, е важно информациите врз кои градиме мислење да бидат доверливи.

Присутните на настанот преку интерактивен квиз проверуваа колку се отпорни на антидемократски влијанија. Прашањата ги опфатија најчестите извори на информирање, довербата во теории на заговор и ставовите за климатските промени.

Фото: Ванчо Џамбаски

„Според истражувањата на Метаморфозис, граѓаните најчесто се информираат преку лични контакти и телевизија. Загрижувачки е што значителен број испитаници веруваат дека постои „тајна група“ која ги контролира глобалните настани, вклучително и војните, што укажува на широка распространетост на теориите на заговор. Уште поалармантно е дека дел од граѓаните сметаат дека климатските промени се измислица, што го одразува влијанието на дезинформациите врз јавната перцепција“, рече Деспина Ковачевска, медиа специјалист во Метаморфозис.

Граѓаните и понатаму се под удар на теориите на заговор

Како што таа истакна, охрабрувачки е што граѓаните препознаваат дека дезинформациите се сериозен проблем, иако признаваат дека тешко ги разликуваат.

„Најголемиот дел од граѓаните очекуваат Владата да преземе мерки за заштита од дезинформации и да обезбеди интегритет во јавниот простор. Ние како Метаморфозис подготвивме патоказ за заштита на демократијата од дезинформациски закани, кој бара координирана акција на сите чинители. Во оваа смисла и финансиската поддршка е клучна, затоа што антидемократските актери располагаат со значителни ресурси. Нашата цел е заеднички да дејствуваме стратешки и, на крајот, да обезбедиме регионална стратегија на Западен Балкан за посилна соработка против овие влијанија“, истакна Ковачевска.

(Видео) Единствената уметница во Македонија која слика со уста
Студентски оброк, лажни соопштенија-ќе продолжат ли преговорите?