До петок трае конкурсот на Министерството за образование и наука (МОН) за доделување стипендии на редовни студенти Роми запишани на студии од прв циклус на јавните и приватните факултети во земјава.
Со конкурсот ќе бидат доделени вкупно 150 стипендии. Студентите треба да ги исполнуваат условите: да се припадници на ромската етничка заедница, да се македонски државјани и да не се корисници на стипендија од други установи, институции или компании.
Стипендиите ќе се делат според постигнатиот успех на кандидатот од сите години од средното образование (за студентите кои се запишани во прва година на студии), постигнатиот среден успех од сите претходни студиски години (за студентите од втора и повисоките години), а предност ќе имаат студентите Роми кои студираат на факултети во земјава што образуваат наставен кадар.
Висината на стипендијата изнесува 6.000 денари месечно за девет месеци во текот на една студиска година.
Студентите кои ги исполнуваат условите треба да пополнат електронска пријава и да ја прикачат соодветната документација на сајтот „е-услуги“ на МОН, најдоцна до петок, 1 ноември.
Целата содржина на конкурсот може да се најде на овој линк.
Извор: Мета.мк