ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
16.04.2025
Користен правилно, Chat GPT може да биде корисна алатка за студентите

Користењето на вештачка интелигенција и популарниот ChatGPT е сѐ повеќе застапено меѓу младите. Најголем дел од нив, овие алатки ги користат за потребите на студиите и учењето. Но, прекумерното „потпирање“ на услугите на овие платформи, може и негативно да се одрази врз критичкото расудување и когнитивните можности кај младите. Сепак, правилното користење на ChatGPT комбинирано со  традиционалните техники на учење, може да биде корисна алатка.

Проф. д-р Даниела Коцева

„Потенцијалните придобивки од користењето на ВИ (вештачка интелигенција)  и ChatGPT во образованието се: персонализирано учење, помош при истражување и пишување, автоматизација за административни задачи, поголема пристапност, развој на критичко размислување и решавање на проблеми. Додека потенцијални ризици и предизвици се: зависност од технологија и намалена креативност, проблеми со академскиот интегритет, неточни информации, намалена интеракција и социјализација. Со правилен пристап, иднината на ВИ во образованието може да биде иновација што ги поттикнува учениците да учат подобро, побрзо и подлабоко, без да ја загубат суштината на критичкото размислување и интелектуалната љубопитност.“, вели проф. д-р Даниела Коцева од Факултет за образовни науки при Универзитет „Гоце Делчев“-Штип.

Правилното користење на технологијата се состои од критичко расудување на студентите, нивната способност да распознаат лажни вести  и информации и да ги проверат и користат сигурни извори, но најмногу и во етичкиот аспект. Проф д-р Коцева ја посочува важноста и на дигиталната хигиена односно внимателноста за споделување на лични информации на непроверени платформи, како и важноста на сајбер-безбедноста.

„Неопходен е баланс – технологијата е корисна, но не треба да го замени традиционалното учење и читање. На пример, наместо да се потпираат исклучиво на ChatGPT за одговори, студентите треба да го користат само како помошен алат за анализа на теми и подобрување на разбирањето. Најважно е технологијата да се користи етички – тоа значи да не се плагираат содржини. Ако ја користиме правилно, технологијата може значително да го унапреди образованието и критичкото размислување на учениците. Со дисциплинирано користење на технологијата, учениците и студентите можат да станат попродуктивни, покреативни и подобро подготвени за иднината! Верувам дека технологијата во образованието нуди огромни можности, но треба внимателно да се интегрира за да сепак се задржат човечките хумани вредности во наставата.“, вели проф. д-р Коцева.

Харвард одбива барања од Трамп – замрзнати им се над 2 милијарди долари федерални средства
Без филозофија ризикуваме да создадеме генерација без аналитичко расудување