Корупцијата е многу присутна на факултетите, професори барале, а студенти нуделе мито, и не знаеле каде да пријават корупција.
Ова се дел од резултатите од Истражувањето кое го спроведе Институтот за стратешки истражувања и едукација – ИСИЕ. Тоа се прелиминарни резултати од анкетата за перцепциите на студентите за корупција во високото образование во Албанија, Северна Македонија и Србија.
Истражувањето било спроведено во мај годинава од независна агенција и биле анкетирани 300 студенти во секоја земја. Проектот е наречен „Универзитети без корупција во Албанија, Северна Македонија и Србија“.
Изненадувачки е што првпат оваа анкета покажува дека има висок степен на перцепција за коруптивни практики од самите студенти. Дури 20 отсто, наведуваат дека студентите мамат на испити. Исто така, дека ангажираат други лица да им пишуваат тези или семинарски работи.
За разлика од другите две земји, во Македонија студентите се најмалку информирани. Повеќе од 90 отсто од анкетираните кажале дека воопшто не знаат како се пријавува корупција. Не знаат ни дали постои надлежна установа или орган на факултетите.
На прашањето зошто не пријавуваат корупција, една третина од испитаниците во земјава одговориле дека се плашат од последиците.
Во Албанија постои многу подобра информираност за пријавување на корупцијата, а во Србија има помала перцепција, на пример, во делот на барањето мито од страна на професорите или обврската да им се купи книга.
-Една од трите главни коруптивни практики е и тоа што студентите во Македонија наведуваат дека професорите ги обврзуваат за книга за подобра оценка или подобар резултат, изјави проф. Д-р Мишо Докмановиќ, менаџер на проектот во Македонија.
При креирањето на примерокот за анкета се внимавало на пропорционална застапеност на универзитетите според бројот на студенти. Вклучени главните универзитетски центри во земјава – Скопје, Битола, Штип и Тетово. Нема некое драматично отстапување во резултатите.
Владимир Георгиев, член на Државната комисија за спречување на корупцијата, изјави дека ризиците за корупција во високото образование се утврдени во Националната стратегија за спречување корупција и нив ги има во поголем број и се, главно, од аспект на случувањата во самото високо образование, како при изборот на наставно-научни звања, трговија со влијанија клиентелизам итн.
–Сите истражувања што се прават ги земаме предвид како надворешни дополнителни елементи што ќе ни послужат во нашата работа, а и ние направивме минатата година.
Ние се обидуваме, пред се, да изградиме превентивни механизми да не се случуваат овие работи и затоа ги вградивме во националната стратегија.
Ваквите истражувања што произлегуваат од жртвите на корупцијата се особено значајни за да ги детектираме мерките што треба да ги преземеме, рече Георгиев.
Според него, хиперпродукцијата на универзитети во државава влијае многу на намалување на квалитетот на високото образование. Тоа е еден од ризик факторите за корупција затоа што, рече, критериумите за избор во научно-наставни звања и трката по поголем број студенти доведува до ризици за коруптивно однесување.
Наодите од споредбеното истражување се претставени во Белград, а ќе следува презентација и во Тирана.
Детален извештај со сите параметри ќе биде објавен во текот на летото. За идната година е во план истражувањето да се повтори со истите прашања.