По 10 дена гласање за книга на годината, на www.kniganagodinata.mk, на полноќ официјално заврши гласањето. Читателите со над 40.000 гласови во девет категории ги избраа своите омилени наслови за 2021 година.
„Коски на срцето“ од американската писателка Колин Хувер е книга на годината. Книгата освоила најмногу или 1597 гласови од читателите во сите категории. Оваа книга е од категоријата Young adult.
„Животот и безвредното презиме се единствените две работи што родителите некогаш ѝ ги дале на Беја Грим. Откако потполно сама си го пробива патот во животот, Беја е насочена кон поголеми и подобри нешта, сето тоа благодарение на себеси. Кога само два кратки месеци ја делат од иднината за која сонува цел живот и од минатото кое очајно сака да го остави зад себе, неочекувана смрт ја става во ситуација да остане без кров над главата. Принудена да побара помош од последниот човек на светот од кого би сакала да бара што било, таа мора да го помине остатокот од летото на полуостров во Тексас со татко си кој едвај го познава. Беја планира да остане тивка и незабележлива, па летото да помине безболно и брзо, но нејзиниот нов сосед, Самсон, го разнишува нејзиниот совршен план…“
Хувер е авторка на 11 романи и 5 новели. Хувер е најпродаван автор според Њујорк тајмс. Главно пишува книги кои спаѓаат во категоријата книги за млади, а нејзина прва книга е „Само пријатели“, објавена во јануари 2012 година.
Книга на годината е избор на најпопуларните, најбараните, најпродаваните, најсподелуваните книги во земјата во текот на изминатата година.
Како да знаеме што е навистина добро, што навистина вреди? Како да ги сумираме сите оние рецензии, мислења, препораки кои македонските читатели на големо ги споделуваат по социјалните медиуми, блогови, сајтови? Вака се роди потребата од избор на Книга на годината. Избор кој на едно место ќе ги собере сите најдобри (домашни и странски) книги издадени во Македонија во текот на изминатата година. Тоа е избор во кој главниот глас го има најважната комисија на светот, а тоа се читателите. Токму затоа ги нарековме „Reader’s Choice Book Awards“ или „Избор на читателите“, за тоа кои се книги на годината во нашата Македонија – се истакнува на веб-страницата.
Инаку, изборот се базира на 9 жанровски категории, по 15-20 номинации во секоја категорија од сите издавачи во земјата во текот на периодот на номинации кој му претходи на изборот, а потоа следи онлајн гласање на читателите. Стручната комисија ги сумира резултатите и ги објавува победниците во категории.