ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
26.10.2022
Ковидот па војната во Украина носат сериозна опасност по менталното здравје на младите во Европа

Децата и младите ги носат невидливите рани од конфликтот во Украина и од долгорочната Ковид криза. Очигледно Европа, а и светот влегоа од криза во криза. Инвазијата на Русија врз Украина предизвика нов бран на негативни информации, страв и неизвесност во кој живеат луѓето, а особено младите. Одлуката да се изврши инвазија, да се заземаат територии, е исклучително трауматично искуство пред се за луѓето во Украина, но според истражувањата, тоа ги погодува младите низ цела Европа.

Речиси 25% од младите и децата биле погодени од некаква војна во текот на нивниот живот. Бомбардирањето, бегањето во скривници, константните сирени за опасност, немањето храна, вода или струја се директните последици врз децата и младите.

Фото: Flickr

Организацијата „Ментално здравје Европа (MHE)“ изразува сериозна загриженост од ситуацијата во Украина и за тоа како конфликтот влијае на децата, адолесцентите, младите и нивните семејства.

Изгледа дека сега живееме во време различно од кое било друго, во кое поминуваме низ огромни искуства едно по друго. Европските земји, за жал, имаат долга историја на изложеност на трауми од големи размери, главно поради настани предизвикани од човекот – војна.

Неочекуваните настани опасни по живот, конфликти и војни имаат огромни последици врз менталното здравје и благосостојба особено кај децата и младите. Сведочењето на такви конфликти резултира со траума, ги обзема жртвите и има големо влијание врз многу аспекти од животот на детето. Војните и конфликтите може да доведат до токсична мешавина на стрес и проблеми со менталното и физичкото здравје во текот на детството, но и понатаму во животот.

Студиите кои опфаќаат анализа на повеќе децении, откриваат дека негативните детски искуства имаат моќна врска со физичкото и менталното здравје на возрасните. Постои многу широко и обемно истражување за влијанието на војната врз когнитивниот развој на децата, физичкото/менталното здравје и благосостојбата.

Во земјите растргнати од војна и продолжено насилство, проблемите со менталното здравје се всушност „нормална реакција на ненормални настани“

Истражувањето спроведено во зоните на вооружените конфликти покажува дека „воената траума води до долгорочни последици врз психата на децата“. Колку е подолг конфликтот, толку полоши се последиците врз менталната благосостојба.

УНИЦЕФ изјави дека „се смета дека секое дете зафатено во конфликтот во источна Украина сега има потреба од психосоцијална поддршка“ и дека речиси половина милион деца сега се соочуваат со сериозни ризици за нивната физичка и ментална благосостојба.

Оние кои се изложени на војни имаат долгорочни ментални проблеми и зголемена злоупотреба на супстанци

Последиците од војните се катастрофални. Истражувањата покажуваат дека Пост Трауматскиот Стрес (PTSD) доведува до долгорочни психолошки проблеми кај децата. Кај повозрасните млади, средношколци или студенти, докажано е дека стресот од војни или пост трауматскиот стрес доведува до зголемена употреба на супстанци.

Војната која ја предизвика Русија на тло на Европа не е само геополитичко и хуманитарно прашање, туку и прашање на јавното здравје. Ќе бидат потребни долгорочни стратегии за ублажување за да се поддржат оние кои биле изложени на воената инвазија во Украина и последиците од тоа.

Сириските деца кои се таму знаат исклучиво за свет во војна

Во Сирија УНИЦЕФ вели дека секое дете таму било погодено од насилство, раселување, прекинати семејни врски и недостаток на пристап до услуги. Војната во оваа земја го погодило секое дете кое било присутно на таа територија.

Речиси 13.000 деца се убиени и повредени од почетокот на конфликтот. Во меѓувреме, тешката економска криза, масовното раселување, широко уништената инфраструктура на јавните служби и пандемијата КОВИД-19 оставија 6,5 милиони деца да имаат потреба од хуманитарна помош.

За многу сириски деца, војната е сè што некогаш знаеле.

Изгладнетите деца во Јемен страдаат од тешки психички нарушувања

Во Јемен, децата исто така страдаат во она што се нарекува хуманитарна катастрофа. Најмалку 10.200 деца се убиени или осакатени од почетокот на војната, илјадници се регрутирани да се борат, а два милиони се внатрешно раселени. Речиси не постојат болници или училишта. Најитната криза во Јемен е гладот. Децата кои се постојано гладни и неухранети имаат поголема инциденца на стрес, анксиозност, депресија, па дури и шизофренија.

Децата во Авганистан страдаат од тешки форми на депресија

Децата во Авганистан биле сведоци или доживеале сиромаштија, неухранетост, насилство и постојана смрт. Голем дел од децата во Авганистан страдаат од депресија и анксиозност, а воедно немаат пристап до витални услуги за поддршка за да им помогнат. Неверојатни две третини од родителите анкетирани во делови на Авганистан рекле дека нивните деца се исплашени од експлозии, киднапирања или други форми на екстремно насилство при нивното патување до и од училиште, според извештајот на Save the Children за 2019 година. И сега, средните училишта се затворени за девојчиња.

Децата и младите на социјални мрежи ќе се сретнат со слики од војната – Што да правиме?

Страдањата од војната несомнено ќе стигнат до нашите млади, до вас. Децата денес имаат достап до информации од целиот свет дури и кога си играат во дворот. Според сите истражувањата децата и младите имаат поголеми афинитети да добијат анксиознот и стрес од изложеност на информации.  Дури и да не се директно погодени од војната, децата и младите, сигурно во текот на нивното сурфање по социјалните мрежи ќе видат вознемирувачки слики кои можат сериозно да влијаат на нивното ментално здравје.

Истражувањата велат дека најдобар пристап е искреност соодветна за годините(age appropriate honesty). Анксиозноста може да се манифестира со болка во стомакот, проблеми со спиењето, промени во однесувањето, повлеченост, неможност да доживеат среќа и задоволство итн.

Разговорот со децата и младите е клучен. Потребно е да се поставуваат прашања за тоа што чувствуваат и што им предизвикува грижа. Потребно е да се валоризираат нивните чувства. Важно е децата и младите да знаат дека се работи на решавање на проблемите, дека луѓето се подржуваат едни со други и дека има добри луѓе во светот кои помагаат да се решат воените конфликти на сите места, вклучително и на тоа место кое ним им е најблизу и најстрашно – Украина. Можете да им кажете дека и тие можат да се вклучат во помошта, доколку сакаат и преку донирање на играчки или работи кои не ги користат.

Тешко е да се постапува со сите деца и млади исто во справување со стресот. Некои ќе сакаат едноставна прегратка, други ќе бараат многу информации за војната.

14 држави го тужат TikTok
Сиромаштија опфаќа над 120.000 деца во Македонија