
Студентите и средношколците веројатно ги интересира профилот на новата министерка за образование и наука, Весна Јаневска. Со оглед дека под ова министерство се сите образовни институции во Македонија, да разгледаме која е новата министерка, која денес ја презеде функцијата.
Јаневска е родена во 1958 година во Скопје, по професија е патолог и поранешен пратеник во Собранието. Таа е пензиониран професор на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, а во интернет-енциклопедиите стои дека е член на Лекарската комора, Конзилиумот за саркома при Медицинскиот факултет, како и на Македонското патолошко друштво, Европското патолошко друштво, Македонското друштво за морфолошки науки и Македонското здружение на лекари.
Јаневска е една од трите министерки во новата Влада, заедно со Сања Божиновска, која е министерка за енергетика, рударство и минерални суровини, и Гордана Димитриоска-Кочоска, која е министерка за финансии.
Модернизација на образованието и стимулација на научно-истражувачката дејност во Македонија, преку замена на импровизациите и ад хок одлуки со инклузивни долгорочни политики креирани со придонес на сите засегнати страни, најавува новата министерка за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска, која денеска ја презеде функцијата од досегашниот министер Јетон Шаќири.
Како што посочи по средбата, многу скоро ќе започне процесот на темелна обнова на сите степени на формалното образование, но и на неформалното, а образовниот систем ќе биде синхронизиран со потребите на пазарот на трудот, за да не мора младите да бараат работен ангажман надвор од границите на татковината.
„Немаме намера да импровизираме во образованието. Имаме првичен и добар план за промени кои се креирани врз база на темелна анализа на моменталните состојби, во консултации со стручни лица и пошироката популација. Така што, од сите чинители на воспитно – образовниот систем очекувам поддршка за процесите кои предвидуваат крупни промени. Секако, во меѓувреме секоја сугестија ќе биде добредојдена“, рече Јаневска.