ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
17.05.2023
Креаторот на ChatGPT побара регулација на вештачката интелигенција
Автор: Goce Author

Директорот и креатор на напредниот чет-бот „ChatGPT“ Сем Алтман, во исказот пред американските законодавци, повика да се регулира вештачката интелигенција (ВИ).

Алтман во чија сопственост е компанијата ОпенАИ, која стои зад „ChatGPT“ сведочеше пред Сенатот на САД околу можностите и опасностите од оваа нова технологија. Според него потребно е да се формира нова агенција која ќе издава лиценци за ВИ компаниите.

За само неколку месеци, на пазарот се појавија повеќе ВИ модели кои предизвикаа загриженост во експертската јавност за неконтролираната брзина со која се развива оваа технологија.

„ChatGPT“ и другите слични програми можат да создаваат одговори на прашања кои се многу слични на оние од луѓето, но истовремено можат да бидат и многу неточни.

38-годишниот Алтман вели дека ВИ може да биде голем изум, споредувајќи го со печатарската машина, но признава дека постојат и потенцијални опасности – како промените кои може да ги предизвика врз економијата.

Тој исто така пред Сенатот зборуваше и за загриженоста околу можното влијание на демократијата, и за тоа како ВИ може да се користи за испраќање таргетирани дезинформации за време на изборни процеси.

Тој пред сенаторите даде свои предлози за тоа како нова државна агенција може да ја регулира индустријата – пред се` преку давање и одземање на дозволи за работа на ВИ компании. Тој истовремено посочи дека компаниите како ОпенАИ треба да бидат подложени и на независни ревизии.

Според републиканскиот сенатор Џош Хавли, технологијата може да биде револуционерна, но истовремено ја спореди со создавањето на атомската бомба. Ричард Блументал, кој доаѓа од Демократската партија, пак, вели дека иднина доминирана од ВИ не мора да биде и иднината која е посакувана.

„Мораме да ги максимизираме добрите работи наспроти лошите. Конгресот е сега пред избор. Имавме ист избор кога се соочивме со социјалните медиуми и не успеавме да го зграпчиме тој момент“, предупреди Блументал.

Она што беше јасно од сведочењето на Алтман е дека постои широка поддршка за формирање на ново тело кое ќе ја регулира индустријата. Сепак, оваа технологија се движи со многу брзо темпо и сенаторите изразија сомнеж околу тоа колку една ваква агенција ќе може да го следи растот на технологијата.

14 држави го тужат TikTok
Топ 5 најпопуларни видео игри на компјутер