
Младинскиот криминалитет во Македонија е во постојан пораст, а особено загрижува зголеменото учество на млади лица на возраст од 18 до 25 години во деликти што ги загрозуваат и нивните животи, но и безбедноста на заедницата.
Според податоците од Државниот завод за статистика, по 2017 година, најголемиот број на младински престапи се однесуваат на имотен криминал, како и на прекршоци против јавниот сообраќај, телесни повреди и дури и убиства.
„Ноторен факт е дека криминалитетот доминира во периодот на адолесценцијата и раното полнолетство. Постои група млади кои почнуваат со деликти во тинејџерските години и продолжуваат во раните дваесетти“, вели проф. д-р Елена Максимова од Правниот факултет при УГД – Штип.
Правниот систем прави разлика меѓу малолетници и полнолетни лица, но постои сива зона — т.н. „помлади полнолетници“ (од 18 до 21 година), кои често добиваат поблаг третман при казнување поради нивната незрелост. Според проф. Максимова, таа категорија би требало да се прошири и до 25-годишна возраст.
„Возраста и зрелоста не се секогаш сразмерни. Младите денес подолго остануваат во образовниот систем и подоцна влегуваат во светот на работа и семејство. Токму тие услови ја заматуваат границата меѓу младинството и возрасноста“, додава таа.
Психолошката незрелост, недостатокот на самоконтрола, амбициозноста, но и социјалната фрустрација се меѓу клучните фактори. Сѐ повеќе млади, како начин на справување со лични проблеми, прибегнуваат кон насилство, кражби и злоупотреба на дрога.
„Притисокот од социјалните мрежи, отсуството на разбирање од семејството и желбата да се докажат – ги туркаат младите да се обидат да го постигнат невозможното, дури и по цена на кривична одговорност“, предупредува Максимова.
Според експертите, младинскиот криминал не може да се решава само со казни. Потребен е системски пристап што вклучува образование, ментално здравје, ресоцијализација и социјална поддршка.
„Образованието мора да е во срцето на секоја превенција – не само за академски знаења, туку за градење вредности, медиумска писменост и емоционална интелигенција“, истакнува Максимова.
Таа посочува дека школите и универзитетите треба да бидат простори каде младите учат не само „што е правилно“, туку и зошто е правилно. Спортски клубови, културни иницијативи, волонтерски активности и неформално образование може да го пренасочат нивниот потенцијал од деструктивно во конструктивно.
Во справувањето со овој тренд, улога имаат и институциите на системот на правда. Програми за ресоцијализација, менторства и едукативни мерки можат да направат разлика.
„Најважно е да ги слушаме младите. Политики за млади мора да се креираат со нив, не само за нив. Ако сакаме да го намалиме криминалот, мораме да ги вклучиме како партнери, а не само како потенцијален проблем“, вели Максимова.
Македонското законодавство ги регулира престапите на младите преку Кривичниот законик, но, според проф. Максимова, има простор за подобрување, особено при имплементацијата на законот.
„Потребни се специјализирани програми за ресоцијализација на младите од 18 до 25 години. Во нив треба да се интегрира и грижа за менталното здравје и социјална поддршка, што се клучни елементи во фазата на превенција и рехабилитација“, додава таа.
Растот на младинскиот криминалитет е сигнал за институциите, образовниот систем и општеството во целина. Превенцијата не е само одговорност на полицијата или судовите – тоа е заедничка мисија на училиштата, семејствата, граѓанското општество и државата.