ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
28.04.2025
Криминал наместо кариера: Што ги носи младите во Македонија на погрешната страна на законот?

Младинскиот криминалитет во Македонија е во постојан пораст, а особено загрижува зголеменото учество на млади лица на возраст од 18 до 25 години во деликти што ги загрозуваат и нивните животи, но и безбедноста на заедницата.

Според податоците од Државниот завод за статистика, по 2017 година, најголемиот број на младински престапи се однесуваат на имотен криминал, како и на криминалитетот против безбедноста во јавниот сообраќај, па против животот и телото.

Ноторен факт е дека како држава се соочуваме со криминалитет во периодот на адолесценцијата и периодот кој следи. Се издвојува група на млади возрасни лица кои својата криминална кариера ја започнуваат во периодот на адолесценција и истата ја продолжуваат во раното полнолетство, некои со послаб некои со појак интензитет. Друга група, т.н група на „хронични престапници со доцен почеток“ не започнуваат со вршење на престапи до доцните тинејџерски години, а потоа продолжуваат со поголем интензитет во раните дваесети, кој го задржуваат во целиот период до наполнети триесет години. Еланот, амбициозноста, темпераментот, недостатокот од самоконтрола и смиреност во некои ситуации, се само мал дел од тригер факторите за впуштање или продолжување со криминална кариера “, вели проф. д-р Елена Максимова од Правниот факултет при УГД – Штип.

проф. д-р Елена Максимова

Возраста не значи зрелост

Правниот систем прави разлика меѓу малолетници и полнолетни лица, но постои сива зона — т.н. „помлади полнолетници“ (од 18 до 21 година), кои често добиваат поблаг третман при казнување поради нивната незрелост. Според проф. Максимова, таа категорија би требало да се прошири и до 25-годишна возраст.

Посебниот третман кој во кривичната пракса го добиваат овие лица  потврдува дека возраста и зрелоста не се одвиваат праволиниски кај сите лица, постои потреба од пружање на „последна шанса“ за поблаг третман во казнувањето. Криминолошки зборувано, би ја прошириле ваквата категорија опфакајќи ги лицата од 21-25 години старост.“, додава таа.

Што ги турка младите кон престап?

Психолошката незрелост, недостатокот на самоконтрола, амбициозноста, но и социјалната фрустрација се меѓу клучните фактори. Сѐ повеќе млади, како начин на справување со лични проблеми, прибегнуваат кон насилство, кражби и злоупотреба на дрога.

Еланот, амбициозноста, темпераментот, недостатокот од самоконтрола и смиреност во некои ситуации, се само мал дел од тригер факторите за впуштање или продолжување со криминална кариера. Периодот во кој се наоѓаат изобилува со барања и желби кои се над нивните можности и кое, пропратено со нивната полна физичка сила,нѐ ретко завршува со вршење на насилен или имотен криминалитет. Во светски рамки доминираат убиства од небрежност, љубомора, убиства извршени во алкохолизирана состојба“, предупредува Максимова.

Криминалот не е само правен, туку и општествен проблем

Според експертите, младинскиот криминал не може да се решава само со казни. Потребен е системски пристап што вклучува образование, ментално здравје, ресоцијализација и социјална поддршка.

Образованието мора да биде во срцето на секоја превенција. Тоа не значи само стекнување академски знаења, туку и негување на етички вредности, развој на емоционална интелигенција, медиумска писменост и разбирање на социјалната одговорност.“, истакнува Максимова.

Таа посочува дека школите и универзитетите треба да бидат простори каде младите учат не само „што е правилно“, туку и зошто е правилно. Спортски клубови, културни иницијативи, волонтерски активности и неформално образование може да го пренасочат нивниот потенцијал од деструктивно во конструктивно.

Полицијата и судовите – се и превентивни институции

Во справувањето со овој тренд, улога имаат и институциите на системот на правда. Програми за ресоцијализација, менторства и едукативни мерки можат да направат разлика.

Овде се и полицијата и правосудните институции, кои мораат да дејствуваат проактивно  не само преку казнување, туку и преку програми за ресоцијализација, адекватните едукативни мерки и менторските програми можат да направат огромна разлика .Најважно – треба да слушаме што имаат да кажат младите. Политиките за млади мора да се креираат со нив, а не за нив. Ако сакаме да го намалиме криминалот, мораме да ги вклучиме младите како партнери, а не само како потенцијален „проблем“. “, вели Максимова.

Постои можност за подобрување

Македонското законодавство ги регулира престапите на младите преку Кривичниот законик, но, според проф. Максимова, има простор за подобрување, особено при имплементацијата на законот.

Постојат можности за подобрување, особено во фазата на законската имплементација. Преку создавање на специјализирани програми за млади кои би овозможиле поадекватна ресоцијализација и рехабилитација, специфични за младите од 18 до 25 години. Зголемувањето на превентивните активности, вклучително и едукативни програми и кампањи за подигнување на свеста значително би помогнало во намалување на стапката на вклученост на обвие категории лица во вкупниот криминалитет. Подигањето на свеста за менталното здравје и социјалната поддршка, односно интегрирањето на услуги за ментално здравје и социјална поддршка во системот за кривична правда за млади е исто така една клучна карика во фазата на превенција и адекватна ресоцијализација “, додава таа.

Растот на младинскиот криминалитет е сигнал за институциите, образовниот систем и општеството во целина. Превенцијата не е само одговорност на полицијата или судовите – тоа е заедничка мисија на училиштата, семејствата, граѓанското општество и државата.

Правната клиника во Штип: Бесплатна правна помош за граѓаните и можност за студентите да учат преку пракса
Прим. Д-р. Мери Шорова: Прва помош при состојба на пожари и изгореници