ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
06.12.2022
Кристијан Шемко за борбата со менталното здравје

Менталното здравје ја вклучува нашата емоционална, психолошка и социјална благосостојба. Тоа влијае врз нашите размислувања, чувства и дејствувања. Помага да одредиме како да се справиме со стресот, како да се поврзиме со другите и како да избираме. Менталното здравје е важно во секоја фаза од животот, од детството и адолесценцијата до зрелоста.

За менталното здравје и колку колку е тежок патот да се избориме со проблемите кои може да ги предизвика, позборувавме со Кристијан Шемко. Шемко е автор на книгата „Црна овца“ која што е негова е полу-автобиографска книга исполнета со анксиозните напади и психичките кризи кои ги доживеал и како истите ги решил. Наскоро истата ќе биде пуштена во продажба.

Кристиан Шемко

Кристијан за себе вели дека е човек кој има повеќе личности и сите совршено ги комбинира во секакви ситуации.

Дури и јас понекогаш сум изненаден колку не се познавам себеси доволно, т.е секогаш се изненадувам секојдневно колку нови работи дознавам за себе. Моментално се занимавам со довршување на мојата најнова книга „Црна овца“. Се спремам да станам советник за личен развој бидејќи овие години многу напорно работев на себе и имам позитивна промена.

Анксиозноста и проблемите со менталното здравје започнаа…

кога имав околу 27 години и се соочував со криза на идентитет. Дотогаш растев со лажни убедувања,па кога се соочив со еден нов свет на возрасните, ми беше тешко да се прилагодам на новата реалност. Тогаш започнаа првите знаци на анксиозност.Започнав чудно да се однесувам. Почнав без причина да излегувам сам навечер во доцните часови да шетам низ празните улици на мојата населба. Забележав дека лесно избувнувам, се’ ми пречеше, ми се причинуваа некои работи, имав одредени аудио-визуелни халуцинации и сл. Анксиозноста беше дел од когнитивната дисонанца која мојот мозок ми ја создаваше. Тогаш сфатив дека време беше да ставам крај на некои навики и да почнам по нов пат. А кога го доживеав првиот паничен напад во Амстердам, тогаш сфатив дека повикот за духовно будење чука на мојата врата.

Првиот паничен напад…

беше многу интензивен.  Ми се случи во хостелот во Амстердам каде што престојував. Додека лежев, почнав да чувствувам бодликави игли низ цело тело. Воедно, нешто на главата ме стегаше како метален обрач. Дишењето ми стана отежнато и се борев за воздух, а најлошото беше тоа што губев допир со моите екстремитети и не можев да сфатам што се случува со мене! Истиот подетално е опишан во книгата…

Како беше прифатен од твојата околина,со оглед на тоа што се’ уште не се дава внимание на менталното здравје како важен дел од човечкиот живот?

Бидејќи луѓето најчесто се фокусирани само на себе, многумина не забележаа што се случува со мене. Оние кои забележаа пак помислија дека тоа е едно од моите милион расположенија и дека брзо ќе ми помине. Кога помина целата криза, се тргнав од сите луѓе кои се сомневаа во мене и кои не пробаат ни да ме разберат.


Дарко Влогс за борбата со анксиозноста и паничните напади


Борбата со анксиозноста започна…

кога почнав да посетувам психолог. Тоа имаше многу позитивно влијание врз мене. Во текот на сесиите забележав колку “ѓубре” имав наталожено со текот на годините и кризата е начин тоа да се промени и да се подобриме на подобро. Едноставно, мораше да се случи тоа.

Дали се уште имаш моменти кога мислиш дека може да се врати истото чувство?

Ги имав истите симптоми скоро 4-5 години од моментот кога доживав панични напади во Амстердам. Но, оваа година решив да се соочам со нив и секогаш кога ќе ми се појави криза, јас гласно извикувам дека сум појак од неа и дека ништо не ми може. Засега ме остава на мира. Сепак, научив како емоциите подобро да ги контролирам и го променив светогледот така како што мене најмногу ми одговара. Не се заморувам повеќе со неважни работи  и  едноставно си гледам ја своја работа. Себеси си станав најдобриот пријател.

Последиците…

се’ уште постојат. На почетокот беше збунувачки со оглед на тоа што првпат ми се случуваше нештото и не знаев како да реагирам. Тие неколку години имав фобија од луѓе, не одев на места каде што имаше многу луѓе, бегав од затворени простории како трговски, маркети, кафулиња и сл. Денес би рекол дека последиците се повеќе позитивни отколку негативни. Со оглед на тоа што после секоја преживеана криза сфаќаш дека имаш некоја огромна внатрешна сила да продолжиш да се бориш со животните предизвици.

Како младите да препознаат дали имаат проблем со менталното здравје?

Кога ќе сфатат дека поради стрес, психички товар, немир во душата и лоша перспектива на животот нема да можат да функционираат нормално во секојдневниот живот. Кога стануваат многу раздразнети и неспособни да ги извршуваат обвраските и да ги исполнуваат целите што ги зацртале.

За крај, кажи ни повеќе за твојата книга…

Мојата книга е полу-автобиографска книга пополнета со лекции кои јас ги научив од уличната школа. Во книгата опишувам и како ми се случија анксиозните напади, психичките кризи и сл, и како ги решив. Воедно, споделувам животни лекции кои можат на секоја личност да и помогнат да го пронајде патот до своето вистинско јас, како повеќе да се забавува и да направи нешто повеќе од својот живот.  Како да ги искористи даровите од својот талент и да ужива во плодовите од својот труд. Кога ја пишував книгата, помислив на сите оние кои минуваат низ тешкотии, за оваа книга да им помогне да го пронајдат патот до сопственото јас, но и одново да се родат, овојпат чекорејки похрабро и со поголема самодоверба.

 

(Аудио) Силата на еден став
Какви ќе бидат политиките на Трамп кон Балканот?