
Кристина Арнаудова, пејачката која има свое завидно место на македонската музичка сцена, во последно време помалку време посветува на музиката, а повеќе на хуманитарната работа. Всушност, кога ја прашавме дали работи на некоја нова песна, кратко одговори „Не пеам веќе“. И вели, некако не го чувствувам тоа што треба, не дека не добивам понуди за песни, за снимање, не дека нема да снимам ако дојде нешто што ептен ќе ми се допадне, ама во моментов не се чувствувам така, за да сакам да пејам.

Вели, па веројатно и така е добро, човек да не се посвети на една професија или пасија цел живот…можеби и во друга област ќе даде добар и квалитетен импулс.
А другата област, каде Кристина Арнаудова се вложува себеси , е хуманитарното делување. Но, и од времето кога започна со „Проект среќа“, па и времето на другите хуманитарни проекти кои ги реализирала, нештата се сменија, и се потешко е да се издржи и во таква мисија. Идејата кога се основал Проект Среќа била да биде тоа Здружение за деца во социјален ризик, за помош и поддршка во нивните секојдневни активности и подобрување на квалитетот на живот.
-Тука зборуваме за сите деца од Македонија на коишто им недостига поквалитетно образование, на коишто им недостига поквалитетен живот, во смисол да бидат еднакви со своите врсници, затоа што кај децата е еден од клучните моменти да сакаат да учат, да сакаат да се дружат, да сакаат да бидат подобри. Значи тука зборуваме за култура, за едукација, неформално образование како театар, музика, спорт, драма, школски прибори, патики…летен камп, нова година, роденден…се што на тие деца им недостасува во секојдневниот живот. Ние не сме свесни дека, кажуваме значи дека секое трето дете во Македонија има недостаток од храна.
Но во таа бројка не се ставени луѓето со минимални приходи. Значи никој не ги…државата луѓето со две плати коишто се минимални не ги смета за социјални случаи. Дали знаете како тие нивни деца живеат? Значи едно семејство каде има две деца и двајца вработени или три деца и двајца вработени не може да им пружи апсолутно скоро ништо. Нови алишта, ниту летен одмор, ниту нова школска опрема, да не збориме за култура… Значи да не збориме за часови гитара, часови клавир, за да ги развие своите таленти. Мислите дека тие деца немаат таленти?
-За 400 деца пријавени преку училиштата во Македонија обезбедивме школска опрема и едногодишно членство во спортот за кој што се ангажирани. Тогаш беше тоа поддржано и од Агенција за млади и спорт и многу сме благодарни за тоа, тие ја купија спортската опрема, ние немаше шанси тоа сами да го направиме, нормално. Од таа генерација, тоа траеше само една година, а траеше само една бидејќи беше многу тежок проект за реализација, излегоа десет моментално шампиони во одредени категории во Македонија. Тука зборувам за професионални фудбалери, атлетика имаме два шампиони, имаме два шампиони во бокс. Тоа се деца коишто можеби тогаш немаше да тргнат во спорт.

Тие се работи коишто можеби системот треба да ги има во предвид, ама ги нема со години. И јас со години зборувам за ова, но навистина нема никаква промена, а од друга страна искрено ќе ви кажам дека донациите се се помали и помали, да моментално буквално работам јас, она коешто можам сама да го сработам, имавме вработени, канцеларии, морав да ги затворам заради таа финансиска криза којашто ја имаме, и моментално Проект Среќа, со помош на одредени поддржувачи, Ротари клубови и така натаму, работиме тоа што можеме. Имаме сега летен камп во Словенија, гледам секоја година да има школска опрема барем за 500 деца кои ќе се пријават. Тоа е голема бројка, тоа се , да кажеме, две училишта. Но…потребни сме, знам дека сме потребни, и секогаш кога ќе си кажам не можам повеќе, после тоа си викам – а кој ќе го направи тоа…
Кристина вели дека не се работи само за одредена група на деца – 500 или 100 деца, низ сите овие години се трудела апсолутно тоа да бидат деца од цела Македонија со акцент на руралните средини.
-Селата каде што немаат пристап, каде што не знаат дека постоиме, коишто не знаат дека можеби некој ќе им пружи помош. Значи сакавме да стигнеме до тие – комшии, учители, наставници пријавуваа семејства и деца на коишто навистина им требаме. Еве за пример, во Министерството за труд и социјала има сектори во кои секоја година може да се аплицира за одредена помош, и тука спаѓаат лица со попреченост, но не спаѓаат деца во социјален ризик. И ние никогаш не сме можеле да аплицираме за некаков проект. Неверојатно. А тоа е иднината на Македонија.
Ако вие оставите во овој момент сто илјади, двесте илјади деца да живеат во социјален ризик, без образование, тие нема да се образуваат понатаму. Ако ги оставите потенцијални и многу веројатни нови двесте илјади нови социјални корисници. И како тоа никој, во сите овие години не сфати дека тоа е суштината на проблемот. Да ги земеме тие деца, и наместо социјални корисници, да ги направиме продуктивни, образовани и инспирирани граѓани.